Кога политичарите би биле инвентивни како криминалците

За воодушевување е како криминалните умови ги бидува за да најдат начини во однос на заобиколувањето на законските прописи. Тие се инвентивни, креативни и најпосветени за да дојдат до својата цел. Инкриминирана цел, се разбира. Ете, тоа е единствената мана во ова „пофално слово“ за нив. Штета. А замислете какви би биле општеството и денешнината ако тие гореспоменати атрибути за криминалците, би ги поседувале политичарите? Односно оние што се избирани од страна на граѓаните за да извршуваат некоја јавна функција во интерес на самите граѓани? Или да најдат решение за одреден граѓански проблем? Би течеле мед и млеко? Можеби. Но тоа е друга тема. Сега сакам да се осврнам на креативноста и инвентивноста на криминалните умови за време на пандемијава

Ајде најпрвин да се осврнеме на креативноста на умовите на другата страна на законот за време на пандемијава. Имено, таа веќе цела година го држи целиот свет во заложништво, меѓутоа и покрај тоа, луѓето од другата страна на законот, успеаја да пронајдат многубројни начини за стекнување финансиски средства.
Изминатата година сведочевме на огромен број инвентивни криминални активности поврзани со коронавирусот. Лажни средства за дезинфекција и други лекови поврзани со лекување на вирусот, лажни вакцини, измами со заштитни маски на кои потпаднаа дури и цели држави. Стари и изнемоштени лица беа целна група на измамници што лакомо ги триеја рацете од парите што им ги полнеа џебовите.
Туризмот опадна, нагло се намали бројката на луѓе што патуваат, а една од причините за тоа се и ригорозните мерки што речиси сите држави ги воведоа, а кои мора да се почитуваат доколку некој сака на легален начин да влезе во одредена држава. Изминатите неколку месеци криминалните групи активно печалат фалсификувајќи ги ПЦР-тестовите и сертификатите издадени од соодветни и акредитирани лаборатории што имаат дозвола да вршат ковид-тестирања.
Целиот Балкан, но и Европа се соочуваат со оваа нова манипулативна појава. Иако болни, луѓето сакаат да патуваат без најмала човечка свест и одговорност.
Фалсификуваните ПЦР-тестови во голем број се откриваат на граничните премини. Само границата со Бугарија, дваесетина Македонци се обиделе да ја преминат со лажни тестови и сертификати. Успеале да ги фалсификуваат податоците и да ја преминат границата. На пример, Албанија, пак, се соочи со скандал од невидени размери, со откривањето на криминалната група што печалела дебели пари со издавањето лажни ковид-сертификати, што беше причина за Грција целосно да го затвори граничниот премин Какавија. Којзнае колкава бројка Албанци успеале да си ја преминат границата со овој трик и којзнае попатно уште колкумина заразиле не носејќи ја сопствената совест со себе.

Само во Србија бизнисот со лажни ПЦР-тестови носел заработка од 100 до 800 евра, во зависност од тоа колку лицето што имало потреба од тестот било подготвено да плати.
Ништо подобра не е состојбата ниту во светот. Туристи со лажни сертификати се обиделе да влезат во Бразил, а во Франција, пак, за износ од 150 до 300 евра, продавале лажни ковид-тестови.
Појавата е толку распространета, што е масовна појавата граѓани што и до вчера биле чесни и лојални на законите да се впуштаат во недозволени манипулации со ПЦР-тестовите. Без грам совесност и човечност, луѓето си користат тестови од роднини и пријатели, ги менуваат податоците и патуваат со нив, додека пак сертификатите од лабораториите, со малку умешност на соодветни компјутерски програми, лесно ги менуваат и добиваат доказ дека го прележале вирусот и дека се безбедни за околината.
Оттука мора да се постави прашањето: ако до овој степен не функционира човечката свест, како очекуваме да се спасиме од ова пакосно зло што вртоглаво ни го смени животот?
Без чувство за одговорност, без емпатија кон хронично болните и постарите лица, несовесните граѓани си патуваат иако знаат дека го шират вирусот и причинуваат катастрофа од невидени размери.

Државите досега се соочија со огромен број предизвици. Во заедничка соработка успеаја да се справат со поголем дел од криминалните активности, иако е потребно под будно око да се работи и контролира за да му се стави крај на ова лудило од неодговорно однесување.
Контролата на границите мора да се заостри, да се воведат брзи тестови за патниците, кои ќе бидат на товар на патниците, за да се пречи патувањето на ковид-19 позитивни случаи низ светот. Само на тој начин, можеби ќе се врати надежта кај оние совесните, кај оние што со сите сили ги почитуваат мерките и прописите, а кај кои вербата во целокупниот систем е изгубена, токму како последица на ова лесно заобиколување на законот.

[email protected]