Кога и неказнивоста е само стока на пазарот

Иако политичарите од различни позиции како на пазар зборуваат, едните за враќањето, другите за уништувањето на правната држава, по сѐ изгледа, најсоодветно и најблиску до вистината би било да се зборува за разбирањето, а потоа и за изградба на правната држава со сите нејзини суштински, а не само формални елементи, кои нема да се изобличуваат и да се тргува со нив заради заштита на ограничен круг луѓе или заради одржување на власта, што за волја на вистината е долготраен процес, кој можеби во ниту една од државите сѐ уште не е целосно завршен. Но од некаде треба да се почне

Велат дека човек повеќепати може да биде убиен. Првпат тоа се случува кога ќе му биде зададен смртоносниот удар или истрел. Вторпат се убива човек кога убиецот ќе ѝ избега на правдата, а третпат – кога сето тоа ќе биде избришано од колективната меморија. Се разбира, во меморијата на неговите најблиски сето тоа засекогаш ќе остане запишано, како отворена рана што никогаш не зацелува и што не може да се опише со зборови.
Затоа, да се вратиме на убиствата, но сега на оние што претходат. Едно од нив е убиството на правниот поредок како организиран систем на општествени односи регулирани со правни норми. Второто е убиството на една од најстарите форми на општествената свест – моралот, како систем на правила втемелен на сфаќањето на доброто и злото, врз основа на кои се регулираат односите на поединецот кон потесната и пошироката заедница, кон другите индивидуи и кон самиот себеси.

Тоа веќе се и премногу убиства за еден просечен човечки живот, а да не зборуваме за еден краток живот каков што беше тој на Никола Саздовски, кој, по повеќедневната кома, пред некој ден почина поради последиците од бруталното претепување од страна на тројца негови врсници.
Неодговорно е и крајно нечувствително ова да се нарече „случај“. Неодговорно – затоа што, за жал, е само еден во низата од сличните убиства за кои сведочевме во изминативе неколку години. Нечувствително е бидејќи станува збор за загуба на човечки живот што никако не би смеело да се именува како „случај“. Но навистина е тешко да се најде соодветен збор.
Сепак, на правниците не може да им се оспори правото ова да го третираат како случај, како што, впрочем, веќе е и востановено во нивната практика. Социолозите, пак, но и пошироката заедница би требало да се позанимаваат со ова, како со феномен, кој ги надминува границите на спортското хулиганство, уличните пресметки или на меѓуетничките конфликти. Насилството како општествен феномен чија исклучителна комплексност често доведува до поедноставување на нештата не може да се сведе на ниту една од погоре споменатите појави. Тие, исто како и смртта на младиот Саздовски, се само последици.

Неодговорно е и крајно нечувствително ова да се нарече „случај“. Неодговорно – затоа што, за жал, е само еден во низата од сличните убиства за кои сведочевме во изминативе неколку години. Нечувствително е бидејќи станува збор за загуба на човечки живот што никако не би смеело да се именува како „случај“. Но навистина
е тешко да се најде соодветен збор. Сепак, на правниците не може да им се
оспори правото ова да го третираат како случај, како што, впрочем, веќе е и востановено во нивната практика. Социолозите, пак, но и пошироката заедница би требало да се позанимаваат со ова, како со феномен, кој ги надминува границите на спортското хулиганство, уличните пресметки или на меѓуетничките конфликти

Последици на долго време применуваната политика на неказнивост на сторителите на тешки кривични дела, разни аболиции и амнестии, спроведувањето селективна правда, произволните квалификации на кривичните дела, одолжувањата со истрагите и со судските процеси, толерирањето на обвинетите и на веќе осудените лица во врвот на јавниот и политичкиот живот, со објаснувања како што се потребата од почитувањето на принципот на претпоставената невиност или од нивното повторно интегрирање во општеството… Ги има уште, но и веќе наброените се доволни барем приближно да се лоцира проблемот и да се види оти сѐ уште многу сме далеку не само од реализација, туку и од самата идеја за правната држава и за владеењето на правото.

Иако политичарите од различни позиции како на пазар зборуваат, едните за враќањето, другите за уништувањето на правната држава, по сѐ изгледа, најсоодветно и најблиску до вистината би било да се зборува за разбирањето, а потоа и за изградба на правната држава со сите нејзини суштински, а не само формални елементи, кои нема да се изобличуваат и да се тргува со нив како со стока на пазар заради заштита на ограничен круг луѓе или заради одржување на власта, што за волја на вистината е долготраен процес, кој можеби во ниту една од државите сѐ уште не е целосно завршен. Но од некаде треба да се почне. Во спротивно, се плашам, дека неповратно ќе се изгуби и вербата во самата идеја за изградба на правната држава, без што таа ќе остане само празна институција, форма исполнета со мешавина на власта и моќта целосно ослободена од законските стеги и олицетворена во неколку категории недопирливи граѓани, но и во длабоко вкоренетата свест дека таквиот статус треба да важи само за „нашите“ додека на „нивните“ треба да им се суди. Тоа овозможува постојан раст на диспропорцијата помеѓу злосторството и казната, а неретко продуцира и нови злосторства, што не е само трауматично за жртвите, не е само дамка врз свеста на општеството, туку е и потврда на болната вистина за немоќта на државата.