Кога безидејноста раѓа закани

Во секоја нормална демократска земја политичарите што даваат такви заканувачки изјави завршуваат на буништето на историјата, бидејќи секакви подбуцнувачки идеи никогаш ништо добро не му донеле на обичниот човек, туку од тоа секогаш профитирале само подбуцнувачите

Речиси 30 години по осамостојувањето на државата дочекавме земјава да стане полноправна членка на НАТО, членство што скапо го плативме, со промена на уставното име и со повредено достоинство на македонскиот народ.
Се проголта и тоа горчливо апче како што би рекол некој, сè со единствена надеж на сегашните и на идните генерации да им се обезбедат сигурна иднина, безбедност, исти или барем слични демократски стандарди како оние кај високоразвиените земји.
За оваа стратегиска цел немаше никакви внатрешни поделби по етничка основа, бидејќи голем дел од граѓаните и Македонци, и Албанци, и Срби, и Бошњаци и сите други, токму членството во НАТО го доживеаја како отстранување на заканата што постојано висеше над оваа земја од војна и етнички конфликт и конечно впловување во помирни води, кога единствената војна што ќе се води ќе биде со концепти и идеи за подобар развој и просперитет на државата.

Но со почетокот на изборната кампања, наместо програми и проекти што ќе донесат подобар живот за граѓаните, некои политичари повторно се дрзнуваат да зборуваат за војни доколку Албанците не бидат дел од следната или некоја идна влада.
Уште позачудувачки е што ваквите закани доаѓаат од устата на искусен политичар што многу години е во политиката и кој би требало добро да знае дека власта се освојува со програми и понуди до гласачите, а не со закани и уцени.
Токму квалитетните партиски програми се она за кое се одлучуваат најчесто неопределените гласачи и кои го решаваат исходот на секои избори, за разлика од партиските послушници, кои подразбирливо гласаат за својата партија, со надеж дека ќе добијат некое работно место во и онака кабастата државна администрација. Сепак заканата на лидерот на ДПА Мендух Тачи дека во Македонија може да има војна доколку партија или партии на Албанците не партиципираат во власта, не поминува веќе ниту кај неговите најблиски соработници. Ваквите тези ги осудуваат буквално сите прогресивни сили во државата.

Каков парадокс е тоа да се закануваш со војна во земја-членка на НАТО само доколку некој не е дел од власта? Во секоја нормална демократска земја политичарите што даваат такви заканувачки изјави завршуваат на буништето на историјата, бидејќи секакви подбуцнувачки идеи никогаш ништо добро не му донеле на обичниот човек, туку од тоа секогаш профитирале само подбуцнувачите.
На ваквите политичари што си играат со судбината на народот и државата треба да им се покаже шут-карта од политиката. Народот повеќе не е подготвен да се жртвува и да гине за ничија фотелја.
Каде ќе ни биде крајот ако секој во оваа земја почне да се заканува со војна ако не биде дел од власта или, пак, ако не биде задоволено некое негово очекување. Утре на војна ќе повикаат и оние чии деца не се запишале во некое средно училиште, оние што бараат да дишат чист воздух, оние што заглавија по болничките ходници, оние што не добиле субвенции, оние што со години чекаат правда од судовите…
Ваквите повици само покажуваат колку власта ги заслепува политичарите, кои, пак, не обрнуваат внимание што ќе кажат само за да привлечат некој глас повеќе на своето конто.

Интересно е што дури и по 30 години некои од нив не еволуирале во политиката и не ги надминале предрасудите дека постојано во нешто треба да има некаква етничка застапеност.
Каква корист ќе имаат македонските граѓани, без оглед на етничката припадност, ако се бара партиципирање во власта под закана со војна, а тоа како што се потврди и во минатото не донесе подобра инфраструктура, подобри плати, подобри пензии, подобро здравство и образование за сите.
Крајно време е да се напушти воинствената реторика и да се почне да се бара партиципирање во власта на најспособните, без оглед на етничката припадност, со единствена цел, да се обезбеди благосостојба на сите граѓани во оваа земја.
Ако човек се замисли малку подлабоко, ќе сфати дека единствена војна што треба сега да ја водиме сите заедно е како да го победиме ковид-19, рамо до рамо, под иста униформа, сплотени како никогаш досега, а не свртени еден против друг.

Вирусот не познава етнички клучеви и не му е грижа дали некој е дел од власта или, пак, не, туку коси со несмалена жестина. Затоа е потребен здружен одговор.
Заканите со војна останаа во некое минато време, сега треба да се мобилизираме сите во оваа нова посериозна закана со коронавирусот, како да се ангажираат најспособните мозоци во оваа држава да најдат начин за поефикасно справување со пандемијата, а уште поважно, економски да се преживее периодот што следува, кој, според многумина светски аналитичари, воопшто нема да биде лесен.