Коалицијата на тероризмот и коронавирусот

„Насилството е братот на стравот“! Ова е изрека кон која очигледно се придржуваат исламистичките насилници. Тие користејќи сила и насилство имаат цел да ги заплашат и принудат европските лидери да бидат под перманентен голем стрес и паничен страв за да направат компромиси или да замижуваат и да се повлечат пред радикалниот исламистички дискурс за уредување на општествата по теркот на ИСИЛ, не само на Блискиот Исток туку и на Стариот Континент. Но дали наивноста на исламските радикали е нивна силна страна или, пак, во нивниот крвав блеф жртвуваат и заблудени млади муслимани и невини жртви и мирољубиви цивили по европските метрополи? На насилството мора да му се стави крај. Генерирање на стравот кај населението е многу далеку од цивилизациски начин на решавање некакви праконфесионални фрустрации на живеењето, комуникациите меѓу населението, протокот на луѓе, стока и одржлив развој на поединецот, колективите, нациите и пошироките заедници… Но, ете, како мерка да се спречи најголемото зло на денешницата – тероризмот, насилството причини и размислување на запирање на протокот на луѓе и добра, поконкретно и рестрикции што се однесуваат на патувањето низ европските границите и шенген-зоната.
Овие драстични промени на начинот на кој функционира слободниот проток на патници и стока во Европа првенствено се должат на превенцијата од терористичките закани по многубројната загуба на човечки животи во неодамнешните последователни напади во Париз, Ница и во Виена.
Судејќи по она што е актуелно сега во Брисел, францускиот претседател Емануел Макрон изминативе денови најави дека отворено ќе се залага за нови преговори за шенгенскиот простор. Макрон инсистира на нов и рестриктивен режим на флуктуација на луѓе и стока, па дури и ако резултатот биде „шенгенски простор со помалку земји-членки“.
Францускиот државник по немилите случувања заклучи дека „заедничките граници, шенген, како и Даблинскиот договор повеќе не функционираат“, а сето тоа според него се должи во пропустите и неуспехот на Европската Унија да го ревидира системот на давање азил.

Тој најави дека следниот месец ќе ги изнесе своите предлози до Европскиот совет и истакна дека двојно ќе ги зголеми силите што ја контролираат француската граница, од 2.400 на 4.800, во рамките на борбата против тероризмот, трговијата со луѓе и илегалната миграција. И најмоќната жена на европската политичка сцена, канцеларката Ангела Меркел, веројатно се премислува за својот досега либерален став кон германските политики за широко отворените европски врати, на мигрантите, азилантите и бегалците од Африка и Блискиот Исток.
Имено, Меркел пополека ја менува својата реторика и по ударот на тероризмот во срцето на Европа и сега размислува за воведување нов модус во системот за излез-влез во еврозоната, со кој на надворешните граници од ЕУ би биле регистрирани неопходни информации по потенцијалните опасности за Унијата од тероризмот. Освен тоа, Меркел се надоврзува на француската инцијатива со инсталирање дополнителни полициски контроли во внатрешноста на Европа, кои кај одделни држави би спроведувале втор бран проверки на оние што ги минале внатрешните граници.

Ништо поблаг во својата реторика по овие прашања од Меркел и Макрон, не беше неделава ниту холандскиот премиер Марк Руте, кој напомена дека е загрижен за иднината на шенген и додаде дека треба да се размислува и за идна подобра соработка на полициите и тајните служби преку Интерпол, за да се спречи влезот на „непосакувани“ лица што би можеле да бидат составен дел на некои терористички организации.
Да биде неволјата уште поголема, пандемијата на ковид-19 долеа масло на огнот токму за оваа работа. Имено, за да бидат уште покомплицирани состојбите за проток на луѓе и добра, во моментов во Брисел се „крчкаат“ и новите комплицирани правила за влез и излез од границите во државите што се окарактеризирани како здравствено небезбедни и каде што има големи бројки на граѓани инфицирани од болеста.
На крајот на денот треба да се знае дека нападите во Виена, Париз и во Ница, како и опасностите од здравствена природа, уште еднаш ја истакнаа потребата од поголема соработка меѓу полициските и разузнавачките служби не само на членките на Унијата туку и на оние надвор од неа што се во процес на пристапување.

Во оваа слика е вклучена и Македонија, која со оглед на тоа што се наоѓа на балканската мигрантска маршрута, но и поради нејзината вклученост во операциите на НАТО, игра улога на важна држава во целата загатка. Иако засега ние како држава функционираме задоволително во справувањето со овој проблем, треба внимателно да ги следиме актуелните настани што сега се одигруваат во Европа и да пристапиме кон иницијативите за превенцијата и справувањето со тероризмот за да придонесеме до безбеден европски транспорт и транзит на граѓани и економски добра.

[email protected]