Климатските промени во напад, нашите контрамерки во противнапад

Од особена важност е мерките за ублажување на состојбите во земјоделството што се наметнуваат со климатските промени да бидат пресретнати со решенија што ќе бидат реализирани на терен, што е повеќе од неопходно ако сме свесни дека земјоделството е меѓу најзначајните сектори за исхрана на домашното население

Високите температури што деновиве „атакуваат“ над регионов, Македонија и пошироко, се еден од показателите дека долго зборуваните климатски промени навистина се случуваат. Но она што е особено загрижувачко е фактот што од година на година тие стануваат сѐ поизразени и порадикални. Иако можеби до пред некоја година сѐ уште имаше скептици за самата теорија на климатските промени, сега веќе сите сме сведоци на драстични промени на климата, на торнада во региони каде што ги немало… На пример, исклучително високи температури на Северниот или Јужниот Пол, но и сушни периоди во региони што изобилувале со врнежи…
Токму невообичаените временски услови се една од главните причини за големи штети во земјоделскиот сектор, а истовремено и за намалување на количествата и квалитетот на земјоделските продукти што се одгледувале во еден регион.
Аргарот како еден од економските значајни сектори е меѓу најчувствителните на промените на климата, каде што недостигот од јасен план за усогласување на земјоделските политики со наметнатите климатски промени може да води кон загрозување на производството, но и загрозување на приходите на руралните семејства. Сѐ повеќебројни се укажувањата дека поради климатските промени на удар се земјоделските семејства, особено малите локални производители на различни земјоделски продукти, кои и досега имале помали приходи и кои не можат да издвојат средства за вложување во разни модели или мерки за заштита на културите од различните временски непогоди.

Токму овој факт е причина повеќе сите засегнати страни да направат напори и да вложат повеќе во пронаоѓање и предлагање соодветни мерки што ќе помогнат во заштитата на земјоделското производство. Модели што помагаат во одгледување земјоделски производи во потопли региони веќе има во светот, па некои од нив може да се применат и во нашата земја, но кочница за нивно воведување веројатно ќе бидат финансиите. Нашите земјоделци тешко се одлучуваат на поголеми инвестиции, и понатаму доминираат традиционалните методи на одгледување и ретко кој одвојува финансии за нови агротехнички мерки што може да ги ублажат негативните влијанија на климатските промени.
Од друга страна, државата и владините креатори на политиките во земјава мора со поголемо внимание да одредат мерки и соодветни инвестициски зафати што ќе резултираат со поголема бенефиција за земјоделците. Со оглед на укажувањата за раст на температурите и за недостиг од врнежи, сѐ потешко ќе станува обезбедувањето вода за наводнување на земјоделските култури, но и нивна заштита од неповолни временски услови, како силни ветришта или, пак, од град… Ваквите информации треба да бидат поттик надлежните институции да бараат и да наоѓаат модели со кои ќе им се овозможи на земјоделците полесно да се адаптираат на промените, а истовремено и понатаму да продолжат со одгледување на земјоделските култури, кои, пак, се неопходни за исхрана на населението.
Во Македонија се изработени три национални плана за климатски промени, но и истражување поддржано од Светската банка за ранливоста и адаптацијата на земјоделскиот сектор кон климатските промени. Сепак, на терен недостигаат конкретни активности што ќе овозможат отпорност на земјоделските продукти од климатските промени.
Екстремните температури што деновиве ја зафатија нашата земја ги влошуваат условите за одгледување на житните култури, поради што има опасност да се намали приносот, но и нивниот квалитет. Но високите температури ја влошуваат состојбата и за другите култури, како одгледувањето на виновата лоза, кај градинарските производи, за кои поради топлото време ќе биде неопходно наводнување, но и разни заштитни мрежи со кои ќе се намали штетноста на ултравиолетовото зрачење.
Како што споменав, веќе има разни методи со кои може да се заштитат земјоделските култури или, пак, да се ублажат ефектите на влошените климатски услови, но ќе биде потребна заедничка акција, како на самите земјоделци, така и од страна на креаторите на политиките во насока на создавање услови за понатамошно производство.

Ќе бидат ли невообичаено високите температури повод и поттик за нашата земја, за нашите креатори на политики, но и за сите нас како граѓани и општествено одговорни индивидуи за поинаков пристап кон аграрот како гранка што има најголема заслуга за нашата егзистенција?
Националната стратегија за земјоделство утврдила дека токму поради климатските промени ќе бидат потребни реконструкција, проширување и изградба на нови системи за наводнување, која ја посочува како приоритет. Негативните ефекти од климата ќе ја зголемат потребата од наводнување и ќе го намалат расположливото количество за наводнување истовремено. Токму ова е причина плус да се бараат решенија што ќе овозможат порационално користење на водата и нејзино максимално искористување на локациите каде што ќе биде потребна. Негативното влијание од климатските промени може да се ублажи и со набавка на заштитна опрема, ефикасни системи за користење на водата, поттикнување промена на сортите соодветни на климатскиот режим….
Сето ова на хартија звучи многу добро, но многу е значајно согледувањата и мерките за надминување на состојбите што се наметнуваат со климатските промени да бидат пресретнати со решенија што ќе бидат реализирани на терен, што е повеќе од неопходно ако сме свесни дека земјоделството е меѓу најзначајните сектори за исхрана на домашното население.