Како се станува премиер

Преседанот што сега го наметнува ДУИ не е прв од ваков вид во Македонија. Затоа и текстот е насловен: „Како се станува премиер“. Затоа што одговорот на ова едноставно прашање е комплексен, повеќеслоен, а понекогаш и доста мистериозен. Примерите од минатото и од сегашноста најдобро го покажуваат тоа

Македонија има нов мандатар. Претседателот на државата Стево Пендаровски му го додели мандатот за составување влада на лидерот на СДСМ Зоран Заев. Сега мандатарот има рок од 20 дена да обезбеди мнозинство во парламентот и да си го отвори патот до премиерската позиција.
Токму трката за премиерската функција се чини ги обележи овие избори и оваа изборна кампања, многу повеќе од кога било досега.
За една ваква констатација секако придонесе и изострената, некои велат изопачена партиска пропаганда и диоптрија за тоа кој може, а кој не може да биде премиер.
Во согласност со Уставот и законите, функционер, вклучувајќи и премиер, може да стане секој граѓанин што е државјанин на Македонија. Но така е само на хартија. Во политиката, очигледно, владеат некои други правила што наметнуваат поинакво размислување и поинакво однесување.
Така, на пример, според логиката и доктрината на ДУИ клучна предиспозиција за добивање на премиерската позиција е етничката припадност. Но не и чија било. Може да сте припадник на мнозинската етничка заедница како Македонец, да припаѓате на некоја од малцинските етнички заедници како Турчин, Ром, Влав, Србин, но тоа не е доволно да станете премиер. За ДУИ пресудно за премиер е да се биде Албанец.

И тоа само Албанец од нивната партија или некој што ќе го предложи или поддржи таа партија. Малку чудно и шашливо нели. Но реалноста е таа. Значи еден од можните одговори на прашањето од насловот е дека премиер може да се стане ако дозволат помалите коалициски партнери, без разлика што одлучиле мнозинството граѓани. Парадоксално, но, за жал, вистинито.
Сепак, преседанот што сега го наметнува ДУИ не е прв од ваков вид во Македонија.
Затоа и текстот е насловен: „Како се станува премиер“. Затоа што одговорот на ова едноставно прашање е комплексен, повеќеслоен, а понекогаш и доста мистериозен. Примерите од минатото и од сегашноста најдобро го покажуваат тоа. Македонија досега имала десетина различни премиери. Некои на таа функција останувале и по неколку мандати. Но она што е карактеристично за повеќето од нив е начинот на кој доаѓале на оваа функцијата или на кој го добивале мандатот. Многу сплетки, замешателства и контроверзии има тука, што немаат врска со парламентарната демократија и волјата на граѓаните.

Има и такви примери што повеќе се паметат по начинот на заминување од функцијата, но за тоа малку подолу во текстот. Впечатливо е што и во минатото и сега добивањето на мандатот и стапувањето на премиерската функција речиси секогаш се проблематизирани од правен и од уставен аспект. Како да ни се повторува едно исто сценарио, само со сменети улоги. Со други зборови, кога се на власт, партиите ги влечат потезите на своите претходни политички противници за кои претходно, додека биле опозиција, бурно реагирале. Во таа насока логично се наметнува прашањето може ли во кој било случај да се стане премиер ако се прекршени Уставот и законите.
Одиме понатаму. Во последните неколку години во таканаречена постпржинска Македонија значителен временски период од неколку години со државата раководеа две технички влада. Првата предводена од Емил Димитриев од јануари 2016 г. до мај 2017 г. и втората на Оливер Спасовски, која е актуелна и сега. Што е карактеристично за овие две технички влади? Прво и основно тоа што и двајцата технички премиери на оваа функцијата не дошле како кандидати на избори, во согласност со волјата на граѓаните и со легитимитетот добиен на избори, туку како личен избор на лидерите на нивните партии. Значи, еве, уште еден од можните одговори на прашањето како се станува премиер – да те избере лидерот на партијата?!

Нешто слично како што сега Ахмети сака да ни избере и да ни наметне премиер по негова желба и етничка припадност. Ваквите технички премиери некои дури ги нарекуваа и привремени чувари на фотелјата. Која дефиниција и да им се даде, факт е дека техничките премиери не се избор на граѓаните и на оваа важна функција дошле по заобиколен пат. Понатаму. Во два кратки наврати поради разни околности имавме и вршител на должноста премиер на државата. И тоа не беше избор на граѓаните туку на политичко-партиска врхушка. Освен првата експертска влада, Македонија памети и еден обид за непартиски премиер во ликот на Хари Костов.
Токму овој пример покажа дека онаму каде што се борат слоновите, трева не никнува или со други зборови, онаму каде што политиката царува, непартиски кандидат не вирее. Па, така, успешниот банкар само по неколку месеци на функцијата беше принуден да ја ослободи премиерската фотелја за некој друг – партиски кандидат. Еве уште една дефиниција – без висока политика не се станува премиер.

Што покажуваат овие неколку примери од минатото и во контекст на актуелните состојби и очекувања на новата влада. Дека на функцијата премиер на државата и во минатото и сега не се гледа со должна сериозност и дигнитет што таа ги заслужува. Дека и премиерската функција како и сѐ друго во државата се користи како монета за поткусурување, за политичко-партиски надмудрувања и подметнувања. Во целата оваа приказна не смее да се заборави ниту странското замешателство секогаш кога во Македонија се менувала власта или се избирал премиер.
Ако моќта на одлучување е сконцентрирана во премиерската функција, нормално е да има и толкава заинтересираност и борба за оваа позиција. Но тоа воопшто не е и не смее да биде одлука на странците.
Сепак, јавноста и граѓаните паметат јавни изјави и тврдења на поранешни политичари, кои признаваат дека од премиерската или од некоја друга функција ги симнале токму странските дипломати. Дека нашиве не им оделе по нивните желби, па затоа ги тргнале. Значи, хипотетички, премиер
може да се стане и доколку ја имате или ја немате наклонетоста на странците. Колку е тоа добро или лошо проценете сами.

Има и такви домашни политичари што отворено се фалат дека странците стојат за нив. Тоа им е како некаков дополнителен бенчмарк за легитимација пред граѓаните. Доста често и странските дипломати во државава во минатото и сега отворено се стават на страната на едните или на другите политички субјекти, доделувајќи си самите себеси улога на суверен во државата и потценувајќи ги на тој начин граѓаните.
Во овој контекст прашањето од насловот добива уште повеќе тежина. Дали македонските премиери ги избираме ние или ни ги избира некој друг. И тука ќе добиете мноштво различни одговори. Дотолку повеќе што за некои од поранешните премиери отворено се знае дека имаат и друго странско државјанство, а имаме и пребеган премиер во друга странска држава.
За да се отстранат сите овие аномалии и работите да се изнесат на чистина, потребни се многу повисока политичка култура и попрецизни правила на игра. Тоа, пред сѐ, подразбира укинување на концептот на технички премиер и пржинска влада, која освен меѓусебни партиски конфликти и антагонизми видовме дека не носи напредок за државата и граѓаните.

Понатаму, за скусување на просторот за политички уцени и притисоци по изборите, но и заради добивање појасна слика пред гласачите, пожелно е партиите уште пред изборите да излезат со своја конкурентна и издржана понуда за премиерската позиција и за клучните министерства во државата. Така, граѓаните ќе имаат јасна слика за кого гласаат и кој сакаат да ги води. Премиерската позиција не може да биде отпосле предмет на пазар или уцени туку на предвидливост, знаење, искуство, политички прагматизам достигнувања и резултати. Без разлика за кој кандидат или мандатар и да се работи. Уште еден интересен феномен е што на изборите имаме трка за пратеници, иако некои политичари ниту еден ден потоа не остануваат на оваа функција и веднаш влегуваат во влада. Тоа не е чесен однос ниту кон граѓаните и гласачите што гласале за нив како за пратеници.
Токму затоа и по секои избори имаме отворен политички пазар каде што секоја позиција и функција е ставена на лицитација.

За глас плус се дава министерство, за мнозинство – не знам што сѐ друго. Треба законски да се регулираат и оневозможат и пребегувањето или купувањето пратеници, бидејќи оваа појава е класична измама на гласачите. Гласаш за својот кандидат, а ден потоа тој го менува дресот и игра за спротивниот табор. Сето тоа не може да биде одлика на стабилна, модерна и здрава држава и демократија. Ниту пак интерес на граѓаните.
Да заклучиме – премиер се станува на избори, со почитување на волјата на мнозинството граѓани на чесен и, пред сѐ, законит начин. Секој што претендира за оваа позиција треба да го красат знаење, чесност, пожртвуваност, одговорност кон татковината и граѓаните, со неопходно чувство на патриотизам и почит кон историските и идентитески вредности и одлики на сопствената народ и држава. Сме имале ли некогаш такви кандидати?

[email protected]