Како пандемијата ќе ја обликува новата генерација

Во момент кога од корен се менуваат нашите општества, прашањето е како ќе изгледаат нашите деца во иднина. Некои веќе ги нарекуваат карантинејџери или корона-генерација, но, како и да ги крстиме, наша најголема одговорност е да сториме сѐ за да ги излекуваме раните што ќе им ги нанесе оваа пандемија

Моето семејство доби нов член во овие несигурни корона-времиња. Нов живот во време кога беснее пандемијата на коронавирусот низ светот и доминираат вестите за смртта. Целиот свет е еден огромен социјален експеримент. Демократски и недемократски држави ги ограничија индивидуалните права и слободи во име на заштита на јавното здравје. Веќе неколку недели се применуваат строги карантински мерки и од ден на ден се носат нови ограничувања, кои, нормално, предизвикуваат бурни реакции кај јавноста. Еден колумнист неодамна посочи дека во време на глобални кризи, како пандемиите, битно е вистината да излезе на виделина, односно битно е властите да ги објаснуваат мерките што ги носат за јавноста да може подобро да ги прифати и применува. Секогаш ќе има луѓе што нема да ги почитуваат – доволно е само да фрлам еден поглед низ прозорецот додека трае полицискиот час – но битно е повеќемина да сфатат дека тие се потребни и дека со нив се спасуваат животи. Но, повторно, најважно е да се биде транспарентен и да се комуницира со јавноста за таа да ги прифати мерките и да им даде легитимитет.

Комуникацијата е битна и на макро и на микрониво. Во семејствата важно е да се комуницира за да се објасни што точно се случува во светот и како ние најдобро можеме да си помогнеме себеси и на другите. Ова е особено важно во заедниците со деца, бидејќи многу од правилата што сме ги учеле до вчера не важат и, во најмала рака, така ќе остане уште еден определен период. Колку долго? Тоа никој не го знае и токму тоа е еден од најголемите проблеми во објаснувањето на оваа криза. Неизвесноста. Стравот од непознатото. Немањето временска рамка. Кога вашето дете ќе ве праша уште колку ќе мора да седи дома поради коронавирусот, не можете да му одговорите, бидејќи никој не може со сигурност да го каже точниот одговор.
Кога нема прецизни одговори, има многу прогнози, ама и шпекулации. Некои имаат научна основа, но голем број се чисти нагаѓања, па и тотални теории на заговори. Во тоа море од информации има целосно спротивставени позиции.

За едни, ова е само обичен грип наспроти големиот број заразени и жртви и целата глобална паника. За други, тоа е неверојатна катастрофа, со последици по кои ништо нема да биде како досега. Трети, пак, сметаат дека ова е нуспојава на биолошка војна и дека вирусот излегол од нечија лабораторија, а на крајот од него ќе профитира некоја од големите сили и, се разбира, фармацевтските гиганти. Додајте ги тука уште и 5Г-мрежите и имате вистинска корона-манџа.
Какви и да се објаснувањата, неоспорно е дека промените се огромни. Такви крупни промени обично се предизвикани од големи војни, нуклеарни кризи, природни катастрофи и слични настани, кои од корен го менуваат социјалниот, економскиот и политичкиот живот. На економски план, се губат милиони работни места, се најавуваат невидена рецесија и разни катаклизмични сценарија.

Нафтата дури првпат во историјата замина во негатива. На политички план, одново се разгорува битката меѓу демократските и недемократските системи и се поставуваат прашањата што можат да обезбедат подобра заштита на населението. Може ли либералната демократија ефикасно да спроведе карантински мерки или тоа може да го стори само една авторитарна држава, чии граѓани веќе со години живеат со драматични ограничувања во однос на нивните индивидуални права и слободи? Дали некои политичари ја злоупотребуваат пандемијата само дополнително да се зацврстат на власт? Каква улога имаат меѓународните институции, организации и сојузи во оваа пандемија? Можат ли тие реално да помогнат да се победи коронавирусот или, на крајот, товарот ќе падне на самите национални држави и нивните јавни здравствени системи, а тука најдобро ќе се справат само најмоќните и најбогатите.

На социјален план, социјалната интеракција е заменета со физичко дистанцирање и со самоизолација. Во моментот кога од корен се менуваат нашите општества, прашањето е како ќе изгледаат нашите деца. Некои веќе им дадоа и називи од типот корона-генерација, карантинејџери и слично. Голем број социјални научници велат дека влијанието на пандемијата врз децата ќе биде огромно, но не можат да се согласат точно какво.
Дали децата родени во 2020 година, кои веќе ги нарекуваат корона-генерација, заедно со поголемите деца, кои веќе го разбираат светот околу себе и се гладни за објаснувања, утре ќе израснат во социјално функционални полнолетни лица, кои ќе треба да излезат на пазарот на труд? Според најмрачните сценарија на некои експерти, тие можеби ќе израснат во лица што ќе бидат опсесивни во однос на личната хигиена, кои ќе држат физичко растојание и со сомнежи ќе гледаат на луѓето околу себе, без разлика дали се членови на семејството, роднини, пријатели, ученици или колеги, кои ќе ги поимаат само како фактори на можна зараза.

Најпесимистичките експерти сметаат дека би можеле да имаме генерација на деца со опасно ниски социјални вештини, проследени со психолошките ефекти од растењето во услови на опсада, во заедници во кои и самите родители сѐ повеќе ќе страдаат од депресија. Во наредните недели и месеци, младите неизбежно ќе поминуваат повеќе време на социјалните медиуми отколку кога било досега. Интернет-малтретирањето е огромен проблем, кој се очекува да се зголеми. Ова само ќе го дополни зголемениот стрес од постојаното седење дома, општата атмосфера на неизвесност и паниката, бидејќи пандемијата се влошува, а родителите се презафатени за да го забележат очајот на своето дете (во најекстремни случаи се предвидува и зголемување на самоубиствата кај старосната група од 10 до 24 години).

Ова се времиња кога родителите станаа наставници и се обидуваат да жонглираат меѓу извршувањето на работните обврски (од дома или на работното место) и подучувањето на своите деца, кое, мора да се признае, воопшто не е лесно. Образованието е само уште една жртва на пандемијата. Во некои земји веќе се отворија училиштата, но во други сѐ уште се учи преку Зум, Гугл класрум или преку други онлајн-апликации. Учењето од дома, преку разни апликации, можеби ги приближува децата до нови технологии, но тоа има позитивни ефекти само до одредена мера.

Онлајн-училницата не може да биде замена за вистинската училница, колку и да им се интересни на децата сите достапни технолошки алатки за учење од дома. Учењето во училиште не се сведува само на тоа што се учи во училницата. Битни се сите други интеракции со наставниците и учениците во мензите и во салите. Еднакво битни се и интеракциите по училишните часови, во парковите, игралиштата или во планините, кои засега се невозможни. Играта, забавата и дружењето со врсниците се суштински за правилниот детски развој.
Оние што завршуваат со образованието, пак, полека ќе мора да излезат на пазарот на трудот. Прашањето е како ќе изгледа тој пазар на труд кога во моментот сѐ повеќе луѓе работат од дома, но многу и ги губат работните места, а експертите најавуваат долгорочна рецесија и посочуваат дека пандемијата можеби засекогаш ќе ги промени работните односи.

Во ова море од прашања, тешко се наоѓа конкретен одговор. Многу работи во голема мера ќе зависат од тоа колку долго ќе трае оваа пандемија, нејзините последици, можниот втор бран инфекции или евентуална наредна пандемија. Точно, многу нешта остануваат непознати, но тоа не нѐ спречува рационално да размислуваме и да ги планираме најдобрите можни одговори, но засновани на научни докази, а не на емоции, шпекулации и теории на заговори. Новиот живот значи и нова надеж, а тоа е надежта дека сме ги научиле лекциите од минатото, дека нема да ги повторуваме истите грешки и дека ќе можеме најдобро и најодговорно да ѝ помагаме на новата генерација, како и да ја крстиме.

[email protected]