Како до попродуктивно земјоделство

Статистичките податоци говорат дека учеството на земјоделството во бруто-домашниот производ во последниве години се намалува. Ако во 2014 година нивното учество во БДП беше 10,2 отсто, веќе минатата, 2018 година се намали на 7,2 проценти. Поради ова многу е важно да се креираат мерки што ќе влијаат врз поттикнување на земјоделството како самостојна гранка

Иако Македонија има голема предност, благодарение на изобилството сончеви денови може да произведува многу повкусни и поквалитетни земјоделски продукти, сепак, нашето земјоделство го карактеризираат многу повеќе мани и недостатоци отколку успешни приказни. Честопати пишуваме за проблемите во земјоделството, во сектор што може да биде еден од носечките во домашната економија, но, за жал, истите проблеми постојано се провлекуваат, а решенијата како да изостануваат.

Благодарение на природните предности што ги има нашата земја, но и на глобалниот пораст на населението, македонското земјоделство има голем потенцијал за пораст. Поради овој факт, сметаме дека земјоделството како гранка заслужува многу посериозно внимание, не само од самите чинители, од земјоделците, туку многу повеќе од домашните креатори на економските политики во државава, но и на потенцијалните инвеститори во секторот.

Статистичките податоци говорат дека учеството на земјоделството (заедно со шумарството и рибарството) во бруто-домашниот производ во последниве години се намалува. Ако во 2014 година нивното учество во БДП беше 10,2 отсто, веќе минатата 2018 година се намали на 7,2 проценти. Иако намалувањето на некој начин е глобално и веројатно причините се поради фактот дека економскиот пораст пред сѐ го движат други сектори, сепак, не смее да се игнорира фактот дека имаме значајно намалување на земјоделското производство. Ова е особено значајно за македонската економија, која отсекогаш имала висока стапка на учество на земјоделството во БДП, но и поради големите неискористени потенцијали што ги има земјоделско-прехранбениот сектор.
Факт е дека земјоделството е многу блиску со преработувачката индустрија и неопходни се мерки што ќе го поттикнат нивниот заеднички пораст.
Притоа, исто така е важно да се креираат мерки и политики што ќе влијаат врз поттикнување на земјоделството како самостојна гранка.

За да се реализира ова, секако е важно да се слуша и гласот на самите земјоделци, да се прифатат нивните забелешки и укажувања, бидејќи тие се најдиректно засегнати од мерките и политиките што ги носат државните органи.

Македонското земјоделство пред сѐ се карактеризира како расцепкано, и кај нас доминираат земјоделци што располагаат со помали парцели, поради што експертите честопати укажуваат дека е неопходно соединување на парцелите, за да се намалат и поедностават трошоците и мерките за обработка и за да се постигне крајниот ефект, а тоа е максимално искористување на земјата. Токму поради ова често се споменува дека е потребна консолидација на земјиштето, но и спојување на земјоделците во задруги. Задругарството е форма што треба да им помогне на земјоделците полесно да дојдат до пазари, но и до средства за заштита на насадите, до механизација за обработка… и ред други придобивки. Сепак, кај нас како да има одбивност кон здружувањето во задруги, а инволвираните велат дека една од причините е проблематичниот закон, кој им наметнува висок данок на земјоделците, но и проблеми со здравственото осигурување. Малиот број земјоделски задруги и слабиот интерес кај земјоделците за здружување, но и другите проблеми што го следат земјоделството, јасно укажуваат дека законодавните органи треба многу повнимателно да пристапуваат кон формирање и дефинирање на законите. Од една страна тие треба да се прифатливи за земјоделците, да ги примамат да направат промена во своето работење… Од друга страна, треба да се и разбирливи, бидејќи не секој е способен да ги чита законските обврски или, пак, да најде време за внимателно да ги анализира.
Земјоделците честопати апелираат мерките што се преземаат, измените што се прават во законите да се во насока на поддршка на овој сектор и на луѓето што го работат тоа, а не во насока на помош на компании што сакаат да искористат од нивниот труд.

Чести беа укажувањата од земјоделците дека во земјава субвенциите се насочени повеќе кон лица што не се занимаваат со земјоделство отколку кон вистинските земјоделци, кои лебот го вадат од обработка на земјата. Но мора да напоменеме дека не е важна само исплатата на најавените субвенции, туку таа треба да биде дополнување во соодветна законска регулатива, која ќе го поттикне развојот на македонското земјоделство. Неопходни се политики што ќе ги поттикнуваат земјоделците да ја обработуваат земјата, кои ќе им овозможат солидни приходи, намалени трошоци за обработка на земјата, и сето тоа да создаде еден позитивен амбиент кај оваа многу важна гранка од македонската економија.

Во последниве години, наместо да се зголемува, кај нас се намалува обработливото земјоделско земјиште. Но се намалуваат и жителите во руралните средини, а наедно во нив остануваат претежно возрасни граѓани, додека, пак, младите ги напуштаат селата и бараат финансиски поисплатлива работа. Од друга страна, нашето земјоделство сѐ уште го красат застарени методи, се користи застарена механизација, земјиштето е премногу раситнето, продуктивноста е на ниско ниво, но и недостига побрз проток на стоката од нивата до домаќинствата.

Токму за надминување на дел од проблемите карактеристични за домашното земјоделство значително можат да помогнат креаторите на политиките со создавање одржлив пазарен модел, со побрз пласман на земјоделските производи…

[email protected]