Како да ги заштитиме заштитените подрачја!

Во земјава има осумдесетина заштитени подрачја. Така е на хартија. Во реалноста состојбите се сосема поинакви. Се палат шуми, се остава ѓубре, се сечат дрвја, се газат ендемски видови, се убиваат животни, се загадуваат води, диво се
поставуваат темели во заштитени подрачја (последната информација е дека голем број викенд-објекти, диво посеани, никнуваат во Маврово)… Вакви незаконски дејства се маркираат секој ден. И барајќи ја вината во друг или префрлувајќи ја одговорноста на друго место, заштитените подрачја сепак остануваат незаштитени, дури и злоупотребени

Сите луѓе имаат добивка од природата. Оттука и сѐ повеќе се акцентира важноста на заштитените подрачја и човечниот однос кон природата.
Водно конечно го доби својот нов, заштитен статус. Владата донесе одлука за прогласување на дел од Водно за заштитено подрачје од петта категорија.
Со оваа одлука се овозможува зачувување на автентичната состојба на природата преку заштита на природните и други вредности, спречување дејства што можат непосредно или посредно да предизвикаат нарушување на природната рамнотежа на екосистемите, создавање поволни услови за заштита, зачувување и унапредување на биолошката разновидност и природното наследство, одржливо користење на природните ресурси на начин на кој не се загрозува опстанокот на видовите и нивната природна рамнотежа. На прв поглед ваквите заложби личат на вешто уиграни реченици, кои се повторуваат при секое спомнување „заштитени подрачја“. Но дали е така и во реалноста, а не само на хартија?
Годинава и Осоговските Планини се прогласени за заштитено подрачје во категоријата пет – Заштитен предел.
Во тек е кампања и за прогласување на Малешево за заштитен предел.
Во земјава има осумдесетина заштитени подрачја. Според шумските експерти, сите природни предели, па и голем број рурални предели треба да се под заштита, секако под соодветна заштита за одредено место.
Овие фрази посредно или непосредно циркулираат и се нагласуваат низ медиумите, прес-конференциите, брифинзите. Но колку реално граѓаните ги разбираат и применуваат е мотив за нова елаборација. И покрај сѐ поредовното информирање и алармирање за зачувувањето на природата, сѐ уште елементарна задача на која треба да се работи е издигање на јавната свест за заштита на природата.
„Натура МК“ веќе извесно време работи на проект за вклучување на јавноста во борба против нелегалните активности во високопланинските предели на заштитените подрачја, како процес што е потребен за да се воспостави паметно користење на природата и да се зачува природата. Притоа открива дека во голема мера ниту локалното население, ниту посетителите не се запознаени со тоа што е дозволено, а што забрането да се прави во заштитените подрачја.

Тие нагласуваат дека е неопходно подобрување на комуникацијата меѓу граѓаните, субјектите и институциите што управуваат со заштитените подрачја, дека е потребно жителите и посетителите на планините да се стават во функција на грижа за заштитените подрачја преку пријавување забележани неправилности, истакнувајќи дека на ренџерите, чуварите на заштитените подрачја, им се добредојдени уште еден пар очи, кои ќе пријават дејства што ѝ штетат на природата.
Но првично е потребно да се запознаат граѓаните што ѝ штети на природата, односно што е забрането кај нас во заштитените подрачја, што е дозволено итн.
И покрај шесте закони што опишуваат што сѐ е забрането во природата и прецизно идентификуваните 35 активности што се забранети, ангажирани ренџери и инспектори, пак се прават енормни штети на заштитените подрачја… Се палат шуми, логорски огнови, се остава ѓубре, се сечат дрвја, се кршат гранки, се газат ендемски видови, се убиваат животни, се загадуваат води, диво се поставуваат темели во заштитени подрачја (последната информација е дека голем број викенд-објекти, диво посеани, никнуваат во Маврово)…
Вакви крими-дејства се маркираат секој ден. Некои поминуваат незабележано, некои забележено, некои оставаат лузни, некои рани на природата, некои се лекуваат, некои се неизлечиви.

Многу засегнати посетители и љубители на природата се разочарани од институциите или недоверливи и не гледаат полза во пријавувањето. Многу пријави биле прикриени или нерешени. Надлежните, пак, што управуваат со заштитените подрачја се разочарани од повисоките јавни институции…
Но барајќи ја вината во друг или префрлувајќи ја одговорноста на друго место, заштитените подрачја сепак остануваат незаштитени, дури и злоупотребени.
Потребно е активно и свесно сите да се вклучиме, да бараме помош, да создаваме решенија, да покажеме почит кон природата и заштитените подрачја.
Потребно е секој од нас да се стави во функција на грижа за заштитените подрачја, со здрав пристап кон шумите, со самосвесно и совесно однесување кон природата, како и преку пријавување неправилности кај субјектите што управуваат со самите заштитени подрачја.
Сите иницијативи, проекти, предлози на вљубениците во природата, без разлика од каде доаѓаат, дали од граѓанскиот сектор или од институциите, се од суштинска важност, суптилно дејствуваат, ненаметливо стигнуваат до целната група, не прават притисок и оставаат секој да се потпира на својот интелект и совест.
А во меѓувреме планетата гори и бара кампања за спасување.
За сино небо, зелени бои, бистри воздушни бањи!
Зашто спасувајќи ја и заштитувајќи ја природата, се спасуваме и заштитуваме и себеси и нашата иднина.