Како, воопшто, се бројат државните пари и гласачките ливчиња

Уште полошо е што разурнувањето на институциите и нивното претворање во испразнети форми во рамките на кои не се случува ништо суштинско, само криминал, корупција и недовршени процеси, како да стана заштитен знак на системот, во кој сѐ повеќе се троши, а сѐ помалку се создава со што се убиваат секаква перспектива и надеж за вистинска трансформација. А тоа, за жал, не може да го смени ниту една од можните и невозможни коалиции, за кои деновиве се преговара на повеќе познати и непознати локации

Додека директно, а и голем дел од индиректно засегнатите се препотуваат, не од летниве горештини туку од сѐ понервозните постизборни аритметики, останува само да се надеваме оти барем некој во земјава ќе се запраша, а чуму сето тоа кога времето неповратно тече, а ништо не се менува. По уште едни предвремени парламентарни избори убедлив победник нема, но има убедлив губитник. Тоа се граѓаните, кои по скандалот што се случи на изборниот ден кога сајтот на Државната изборна комисија падна и кога не можеа да се следат изборните резултати, пред некој ден беа известени и дека Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција влегло во Комисијата поради сомнеж за регуларноста на постапката за ангажирање на компјутерската фирма што ја изработила апликацијата за следење на резултатите од изборите.
Во Државната изборна комисија се застапени сите поголеми политички партии што учествуваа на изборите, зарем никој од тие партиски претставници претходно не забележал нешто сомнително во набавката. Дали некој чекал да ги види изборните резултати, па да пушти глас до Обвинителството? Или гласот воопшто и не допрел оттаму зашто сите биле согласни како да ги спискаат парите? Па ако на членовите на Државната изборна комисија не може да им се довери трошењето на државните пари, што, впрочем, во неколку претходни пригоди, или подобро кажано „незгоди“, веќе и се потврди, како воопшто може да им се довери броењето на гласачките ливчиња?

За да не поминат „со лесно“, истиот ден граѓаните беа известени и дека сопствениците на стотици приватни фирми што зеле државна помош за исплата на вработените за првите два месеца од корона-кризата, март и април, едноставно си ги задржале парите. Зошто надлежните морале да чекаат да поминат изборите за да реагираат на оваа масовна измама? И иако нивната работа овој пат воопшто не е предмет на опсервација, каде воопшто беа синдикатите досега?
Поради неспособноста, пасивноста, неефикасноста, неодговорноста на надлежните или едноставно, повторно, заради политизација, јавноста, за еден ден, доби две потврди дека државните пари и гласачките ливчиња не треба само така да им се доверуваат на партиските послушници. Дури ни тогаш кога тие се од навидум крајно спротивставените политички опции. Очигледно дека и самото нивно присуство во близината на парите или на гласачките ливчиња, операцијата на пребројувањето ја чини високоризична.

Поради неспособноста, пасивноста, неефикасноста и неодговорноста на надлежните или едноставно, повторно, заради политизација, јавноста, за еден ден, доби две потврди дека државните пари и гласачките ливчиња не треба само така да им се доверуваат на партиските послушници. Дури ни тогаш кога тие се од навидум крајно спротивставените политички опции

Но проблемот е во тоа што веќе предолго време целата урнатина наречена држава се потпира само врз изненадувачки цврсто изградени партиски конструкции, кои, наспроти навидум идеолошки конфронтации, меѓусебно се дополнуваат и надградуваат секогаш кога станува збор за бројки.
Затоа и се чека коруптивните и криминалните зделки да бидат затворени, државата да ги претрпи штетите и граѓаните да почнат да ги чувствуваат последиците, за надлежните да реагираат, а „надлежните“ не е само Обвинителството. Постојат голем број органи, тела и институции со контролни функции и инструменти, кои како по некое правило постојано затајуваат кога вистината треба да се изнесе на виделината, затоа што и тие се руини во кои виреат само партиски растенија испреплетени како отровен бршлен што ползи кон височините.
Уривањето на институциите и на системот е сложен и долготраен процес, несведлив на интервалите на владеењето на една или друга политичка гарнитура, па дури ниту на периодите што вообичаено се нарекуваат кризни или транзициски.

Таквото систематско разурнување, во случајот на Македонија, ги надмина сите тие фази одделно и ги поврза во една целина во која потонаа судбините веќе на неколку генерации. Уште полошо е што разурнувањето на институциите и нивното претворање во испразнети форми во рамките на кои не се случува ништо суштинско, само криминал, корупција и недовршени процеси, како да стана заштитен знак на системот, во кој сѐ повеќе се троши, а сѐ помалку се создава со што се убиваат секаква перспектива и надеж за вистинска трансформација. А тоа, за жал, не може да го смени ниту една од можните и невозможни коалиции, за кои деновиве се преговара на повеќе познати и непознати локации. За тоа е потребна коалиција на карактерни особини какви што се способност, чесност, професионализам, интегритет, визионерство, одговорност… Јасно дека не може да се очекува оти ќе биде пронајдена некаква формула што ќе овозможи оптимално ниво на застапеност на сите овие карактеристики во идната власт, а со тоа и на сите подолни нивоа на државната управа, но за промена, добро би било барем да се разбуди свеста за потребата од нивно постоење.

[email protected]