Каква локална власт сакаат граѓаните

Општините не се затворен бирократски инструмент само за политичка пропаганда или за партиски вработувања, туку отворен сервисен центар за потребите на сите граѓани во таа општина. Такви отворени и ефикасни општини и такви градоначалници што имаат сенс и слух за потребите на граѓаните ѝ се потребни на Македонија

Со голем број предизвици и проблеми од различен карактер, било комунални, инфраструктурни, образовни, социјални… секојдневно се судираат граѓаните во сите наши општини во државата. Не случајно се вели дека локалните власти и општинската самоуправа се првата, основна и појдовна точка за сите прашања што ги тангираат граѓаните во местото каде што живеат. Тоа бездруго значи и дека квалитетот на животот во секое населено место, град, село, месна заедница… зависи од меѓусебната интеракција, синергија и заемна координација и соработка на локалните власти и граѓаните. Издвоени едни од други е невозможно успешно да функционираат.

Впрочем, локалната самоуправа постои и нејзината примарна задача е да работи во интерес и за благосостојбата на граѓаните и во насока на решавање на комуналните и сите други проблеми, кои се во нејзина надлежност. Но дали е баш така во практиката? За тоа што прават и колку од прашањата и проблемите се обидуваат да ги решат општините, многу малку може да се види на некои од нивните општински веб-страници. Се разбира има и исклучоци, кои тековно и редовно објавуваат актуелни информации за тоа што се прави во нивната општина. Но генерално, речиси, сите општини имаат ист пиар-пристап и главно објавуваат информации од типот каде исчистиле некоја дива депонија, дека исчистиле речно корито од ѓубре, дека имаат проблеми со паркирање или дека допрва градат градска капела со ладилници. Сепак, онаа толку посакувана интеракција и координација со потребните и барањата на граѓаните како да недостига. Но за тоа нешто подолу.

Ако се тргне по ред да се отвораат општинските страници на сите наши 60 општини, колку што ги имаме во државава, ќе се дојде и до многу интересни заклучоци. Како на пример дека сите општини не ги сервисираат редовно своите веб-страници и не ги подновуваат со актуелни вести. Оттаму кој било случајно да отвори нечија општинска страница, можеби и со право ќе се запраша дали не функционира веб-страницата или, пак, ништо не се работи во општината.

Човек ќе се изненади дека сега, иако сме февруари 2020 година, на некои од нив сѐ уште последна вест е каде ќе се фрла крстот за христијанскиот празник Водици, кој се одбележа на 19 јануари. Уште позачудувачки е фактот дека на други, пак, има последни вести од 2019, па и од 2018 година. Дури некои од овие стари вести се класифицирани и во рубриката новости како последна вест, иако информацијата е од 15 мај 2018 година. И вакви примери има цел куп и треба многу простор сите да се забележат. Понекогаш изненадува фактот и дека многу повеќе информираат помалите, отколку некои од поголемите општини. Често се случува и на новинарски интерес за случувања во некоја од општините да ви одговараат во стилот „па кај нас нема ништо ново, ништо не се случува“. Но што значи ова? Нели е ова класичен автогол и самонегирање на самите општински власти. Ако ништо не се случува значи и дека во тие општини ништо и не се работи и попусто само се трошат парите на граѓаните. Од вестите што може да се прочитаат на функционалните општински страници може да се заклучи дека генерално сите наши општини сѐ уште мака мачат со изградба на фекални канализации, водоводи, допрва асфалтираат патишта до населени места, уште се градат пристапни пешачки патеки, се бараат решенија за паркирањето, за холтикултурното уредување. Недостигаат тоалети и реконструкција во многу училишта, енергетско ефикасни фасади, еколошко греење, урбана опрема. Од друга страна, пак, рак-рана секаде се дивите депонии. Со комуналните проблеми сѐ уште не може да се справи ниту главниот град, а дивите депонии се на сите страни и често се палат, а има недоволен број комунални инспектори. Како тогаш да се подобри оваа слика и во другите градови ако ѓубре се фрла кај што ќе се стигне. Во случајов со депониите, можеби, малку повеќе вина имаат граѓаните затоа што се неодговорни и ја загадуваат сопствената животната околина во време кога се бориме за почист воздух.
За тоа што и колку е сработено во некоја општина, сепак најдобро знаат граѓаните. Тие секојдневно се судираат со проблемите, тие се оние што чекаат со денови, па и со месеци и не можат да дојдат до градоначалниците за да ги решат проблемите што ги мачат. Сепак, генерална констатација е дека голем дел од општините се затворени за потребите и интересите на граѓаните и функционираат сами за себе. За жал, некаде таа меѓусебна соработка и интеракција оди тешко, а уште потешко некои граѓани можат и да стигнат до своите градоначалници. Тие се недопирливи и како да немаат слух за граѓанските проблеми. Иако начелно повеќето општини имаат приемни денови за средби со граѓаните, ефектите од таквите средби и излегувањето во пресрет на барањата на граѓаните се занемарливи. Во таа насока многу поефикасно би било локалната самоуправа да излезе од фотелјите и канцелариите и да ја согледа состојбата на терен. Да се измеша со граѓаните и одблизу да ги чуе и нивните очекувања и нивните проблеми. На тој начин полесно ќе се наоѓаат и заеднички решенија на заемно задоволство. На крајот на краиштата општините не се затворен бирократски инструмент само за политичка пропаганда или за партиски вработувања, туку отворен сервисен центар за потребите на сите граѓани во таа општина. Такви отворени и ефикасни општини и такви градоначалници што имаат сенс и слух за потребите на граѓаните ѝ се потребни на Македонија.