Каде исчезна солидарноста

Можеби звучи излитено, но токму солидарноста, заемното разбирање и меѓусебната помош може да го олеснат решавањето на проблемите, дури и при најтешки кризи. Штета што треба да избие пандемија за да го сфатиме тоа

ЕУ и Британија не стигнаа уште целосно да се раздвојат, а веќе почнаа да си фрлаат отровни стрели преку Ла Манш. Британија тврди дека за неа завршил процесот на раздружување со ЕУ. Таа дури и им нареди на дипломатите како да (не) го употребуваат поимот „брегзит“. Лондон порача дека нема да ги почитува европските правила зашто тоа ја убивало поентата на брегзит. Париз, пак, најави нова жестока битка со Лондон во трговските преговори годинава и предупреди дека ЕУ и Британија би можеле меѓусебно да се „растргнат“ во нив.

Дали ваквата реторика е само обично одмерување на силите пред маратонските преговори или нешто друго?
Од една страна, Британија сака да склучи што поповолни трговски преговори, балансирајќи меѓу старите сојузници од ЕУ, традиционалните специјални партнери од САД и новите привлечни пазари на Истокот, односно Кина.
Од друга страна, ЕУ сака да стане силен геополитички играч, кој ќе може да ги одмерува силите со другите глобални играчи, како САД, Русија и Кина. Новата Европска комисија и нејзините еврокомесари ги повикуваат Европејците повторно да го научат „јазикот на моќта“ и да ја замислат „Европа како водечки геостратегиски актер“, односно да се справуваат со светот „каков што е“, а не каков што „се надеваат дека ќе биде“. Според челниците на ЕУ, претворањето на ЕУ во геополитички и геостратегиски актер ќе биде долготраен процес, кој сепак мора да почне веднаш ако Унијата сака да ја избегне судбината да биде „играч што ќе трага по својот идентитет“.
ЕУ уште годинава ќе мора да ги покаже своите преговарачки вештини, и тоа на повеќе фронтови, обидувајќи се да се договори со Британија и да ги минимизира последиците од брегзит, да склучи трговски спогодби со САД и со Кина, како и да го договори наредниот европски буџет. Последното само покажува колку ваквите битки меѓу земјите на крајот се сведуваат на пари, односно на тоа кој ќе ја плати сметката.

Преговорите на буџетот на ЕУ сега се директно поврзани со брегзит, бидејќи по заминувањето на Британија од Унијата во европските финансии се појави голема дупка што некој ќе мора да ја пополни. Станува збор за околу 75 милијарди евра што ќе мора да се најдат од некаде, а никој реално не сака да издвојува повеќе пари за ЕУ. За да ја илустрира целата ситуација околу буџетот, еден европски дипломат посочи дека земјите во моментот се како рогови во вреќа. Таборите се веќе формирани и од една страна се т.н. штедливци, главно богатите западни земји и постари членки на ЕУ, а од друга страна се т.н. кохезисти, односно главно посиромашните земји од Централна, Источна и од Јужна Европа. Едните бараат што повеќе да се скрати европскиот буџет и да се намалат фондовите за посиромашните земји или, во најмала рака, да се врзат за почитувањето на владеењето на правото зашто, според нив, имало земји што не го почитувале тоа и што допуштале да цвета корупцијата. Другите, пак, обвинуваат дека богатите земји гледаат само да си ги заштитат своите земјоделци со субвенции и дека тоа сакаат да го направат на грбот на посиромашните членки. Оптимистите велат дека не очекуваат сите да бидат задоволни од преговорите, но дека за нивната успешност е колку членки ќе бидат незадоволни за да ги минираат. Тврдокорните штедливци, пак, велат дека едноставно немаат намера да издвојуваат повеќе средства за ЕУ или, како што велат самите, „нема многу што да додадеме, освен дека нема да платиме“.

Во време на кризи би требало да преовладеат разумот и смиреноста за да се санираат штетите и да се продолжи понатаму, но, наместо тоа, сведоци сме на постојани потпалувачки изјави од сите страни. Но ЕУ и Британија не се единствени во тоа. Уште полошо, другите светски сили, згора на тоа и нуклеарни сили, постојано го држат светот во тензична состојба со континуирани закани за уништување. Сетете се само на неодамнешното предупредување на Доналд Трамп дека ќе го создадел најмоќното нуклеарно оружје во светот ако Америка не потпишела никаков договор со Русија за контрола на оружјето. Рускиот претседател Владимир Путин исто така претходно порачуваше дека Русија го има најмоќното и непобедливо нуклеарно оружје во светот. Америка во моментот ги смета Русија и Кина за најголеми стратегиски ривали и ја користи секоја можност да ги ограничи нивниот подем и особено нивното сојузништво. Тоа исто така значи дека САД и нивните западни сојузници ја користат секоја можна пригода да ги искритикуваат своите стратегиски ривали Русија и Кина во која било сфера.
Една од тие сфери деновиве е справувањето со опасниот коронавирус. Западните држави, медиуми и аналитичари не ја пропуштија можноста да ја критикуваат Кина за начинот на кој се справува со епидемијата, обвинувајќи дека крие информации и дека ги угнетува сопствените граѓани. Но токму од здравствениот сектор деновиве беа упатени и најдобрите пораки за тоа како би требало да се однесуваат државите и луѓето во време на кризи, кои се опасни за сите, без разлика на потеклото, богатството или на кое било друго обележје.

На пример, водечкиот британски здравствен експерт за заразни болести Џереми Фарар во едно интервју за „Шпигел“ за опасностите од коронавирусот и за можните начини за справување со епидемијата порачува дека сега не е време за меѓусебни критики и обвинувања, туку за солидарност. На забелешката дека „Кинезите не им веруваат на сопствените власти“ и дека ги „обвинуваат дека предоцна ја почнале борбата против епидемијата“, Фарар нагласува дека таквите обвинувања се „претерани“ и дека „многу е лесно да се критикува отстрана“. Според него, светот мора да им се заблагодари на драстичните мерки на кинеската влада, кои ако не ги спровела, вирусот уште побрзо ќе се проширел во други земји. Пораката, вели тој, е дека мора да се дејствува веднаш.
Слично, претседателот на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Адханом Гебрејесус, исто така нагласи дека е потребна солидарност за решавање на епидемијата наместо политизирање на проблемот. Тој исто така нагласи дека светот треба да ѝ заблагодари на Кина за одговорот, но и да ѝ помогне во напорите, зашто нејасно е колку долго ќе може да издржи дури и една светска сила без посилна меѓународна помош.
Можеби звучи излитено, но токму солидарноста, заемното разбирање и меѓусебната помош можат да го олеснат решавањето на проблемите, дури и при најтешки кризи. Штета што треба да избие пандемија за да го сфатиме тоа.

[email protected]