И солидарноста на тестирање

Глобалната пандемија и кризата со коронавирусот го стави на испит целото општество, но и вредностите на кои се темели тоа. Првите впечатоци се изненадувачки. Од една страна, се бара што поголема солидарност во услови на криза, додека истовремено се влечат потези што немаат баш допирни точки со солидарноста

Пандемијата со коронавирусот и понатаму го преокупира целокупното внимание на домашната и на меѓународна јавност. Практично сѐ е подредено на справување со кризата, која доби префикс на здравствено-економска непогода. Улогата и одговорноста на медиумите во едни вакви вонредни и стресни околности се особено важни, би рекол пресудни, за креирање на општото мислење и целокупната атмосфера во државата. Информацијата и новинарството сега добиваат една поинаква спасоносна димензија за човештвото. Во вакви околности не е важно кој прв објавил, туку што објавил. Новиот опасен вирус е голема непознаница за сите, дури и за здравствените работници. Во таа насока непроверената или погрешно пласирана информација во јавноста е опасна како и заразата. А такви примери од почетокот на кризата, имаше секаде во светот.

За да застане на патот на непроверените, неточни и злонамерни известувања, соседна Србија, на пример, донесе уредба за централизирано информирање. Уредбата беше брзо повлечена по реакцијата на ОБСЕ за загрозување на слободата на информирање. Се разбира, слободата на медиумите не смее на кој било начин да се загрози, но истовремено новото време и новите околности бараат и поголема професионалност, темелност, рационалност, прагматичност и мудрост. Од сите еднакво, вклучувајќи ги и медиумите.

Истражувачките стории, стручните анализи, професионалниот пристап при обработка на темите со користење научни сознанија, статистички показатели, споредба и вкрстување на податоците, како и изработка на графикони сега се најскапоценото нешто на медиумскиот пазар. Зашто граѓаните денес се многу пожедни за веродостојна и проверена информации од кога и да е претходно. Тоа, всушност, е и мисијата на првиот македонски дневен весник во ова кризно време.

Кога вложениот новинарски труд, исцрпувачка и одговорна мисија во интерес на јавноста ќе даде плод тогаш задоволството е уште поголемо. Колку за потсетување на читателите, во продолжение неколку збора за тоа како „Нова Македонија“ одговори на предизвикот наречен ковид-19. Непосредно по појавата на првиот регистриран случај на заболено лице од коронавирусот во Македонија, на 26 февруари, во интерес на јавноста и на читателите нашиот весник воведе неколку специјализирани страници насловени Ковид-19. На нив секојдневно сублимирано ги пренесуваме сите најнови и најрелевантни сознанија, истражувања, препораки и експертски мислења за пандемијата. Деновиве и Владата отвори посебна веб-страница наречена Коронавирус, што секако е за поздравување. Ние го направивме тоа многу одамна. Понатаму.

Воведовме и посебна секојдневна рубрика насловена Приказни од самоизолација, во која познати личности ги опишуваат сопствените искуства во новонастанатата состојба. И оваа наша мерка (рубрика) е осмислена во функција на духовна и морална поткрепа на јавноста да се издржи во овие тешки времиња. Следно, со серија текстови и стручни анализи пред сите други, уште пред десетина дена посочивме дека масовното тестирање е клучот на успехот во борбата со вирусот. Како медиум први и пред сите други пишувавме и инсистиравме на неопходноста од масовно тестирање, за спечување на заразата.
Напишавме дека или ќе се фатиме во костец со вирусот, бескомпромисно и енергично преку масовно тестирање на населението уште веднаш, или ќе губиме и понатаму скапоцено време во исчекување на пикот и броење на новозаразените.

Уште еднаш напоменувам дека „Нова Македонија“ прва и пред сите други го отвори прашањето за неопходноста од масовно тестирање, на што изминативе денови и недели посветивме серијал новинарски текстови. Најавите и потезите што следуваа потоа од здравствените власти покажуваат дека има придвижување и во таа насока, односно расте бројот на тестирања во државата.
Но дали е доволно тоа? Ни од далеку. Со околу 4.000 тестирани лица досега и ваква динамика на тестирања не може да му се застане на патот на вирусот. Колку за споредба, други земји прават и по неколку десетици илјади тестирања дневно. И тоа воопшто не им претставува проблем. Македонија како мала држава многу полесно и побрзо од другите може да се справи со кризата, но само доколку драстично се омасоват и забрзаат тестирањата. Тоа засега е единствениот испробан и докажан рецепт. Друг спас нема. Засега толку за здравствениот аспект на кризата.

Кога сме кај рецептите за справување со кризата, во моментов се актуелни цела низа економски рецепти, кои се практикуваа во светот и во соседството. Моделите за помош се најразлични, во зависност од условите и спецификите на секоја државa посебно. Но она што паѓа во очи во однос на досега понудените економски мерки во Македонија, е различниот аршин кон солидарноста. Поточно пројавените форми на несолидарност.
Од една страна, се бара што поголема солидарност во услови на криза, додека истовремено се влечат потези што немаат баш допирни точки со солидарноста.
Еве, на пример, не е докрај јасно зошто солидарноста не важи за администрацијата. Зошто тие се изземени од општото барање и заложби за солидарност, кои главно се однесуваат на стопанство и приватниот сектор. Зошто за администрацијата не важи мерката за минимална плата, како за сите други погодени сектори во државата. Вирусот и кризата не прават разлика и еднакво ги погодуваат сите. Логично е и товарот на кризата да го понесат сите.

Излегува по малку чудно премиерот, претседателот на државата и редица други избрани или именувани високи функционери да се солидаризираат и да земаат плата од 14.500 денари, додека на еден куп државни службеници и јавна администрација да не им се чепне ниту денар од платата. Како кризата и вирусот да не се однесува и за нив. Каде е нивната солидарност? Токму ваквото изземање на администрацијата од кризните мерки повеќе мириса на политиканство и тактизирање во предизборни цели.
Да не заборавиме дека 2020 г. е и изборна година и, веројатно, политичарите однапред пресметуваат која мерка како евентуално ќе се одрази и на нивниот рејтинг.
Но тогаш повикувањето на солидарноста губи смисла, бидејќи таа се сведува на теледиригирна и крајно селективна мерка.

Понатаму. Политичките партии имаат и редица можности да покажат поголема солидарност во услови на вонредна состојба. Еден од нив е, на пример, да се откажат од предвидените буџетски средства наменети за финансирање на партиите. Станува збор за околу 5 милиони евра, финансиски средства што може да се пренаменат и искористат за други поважни работи. За набавка на болничка опрема, респиратори, заштитни средства за лекарите и сл. Но досега ваква мерка за укинување на финансирањето на партиите не е предложена.

Дали е солидарно тоа? Има уште еден крајно контроверзен пример.
Во услови на глобална криза и вонредна состојба во целиот свет, до Македонија пристига препорака за уште една несолидарна мерка. Имено, од Македонија се очекува да се приклучи кон санкциите за Турција, кои ги наметнува ЕУ. Со ваквата препорака од Брисел повторно се става Македонија меѓу чеканот и наковалната, што би рекле. Во случајот треба да ѝ свртиме грб на Турција, држава што е докажан пријател на Македонија. Може ли ова да се смета за солидарност и во чиј интерес?

Кога целиот свет се соочува со заеднички и силен непријател, многу поочекувано е меѓусебно подавање рака, поголема заемна соработка, толеранција и рационалност. Казни и санкции не се вклопуваат во оваа шема. Затоа, наместо закани и препораки за санкции, веројатно, многу попродуктивно би било доколку кризата се искористи за враќање на мирот и благосостојбата во сите конфликтни подрачја и воопшто во светот. Така ќе се покаже најголема солидарност. Тоа, веројатно, би била и уште една лекција од ковид-19. Само доколку навреме се сфати и научи.

[email protected]