И „Нова Македонија“ во преамбулата

Како единствен медиум во државата што произлегол од АСНОМ, или со други зборови чедо на АСНОМ, весник што прв ја отпечатил македонската азбука, но и како прв вистински народен лист што ги застапувал и ги застапува интересите на сите граѓани од сите националности, „Нова Македонија“ повеќе од кој било друг предлог заслужува место во преамбулата. Може да се сфати и како иронија, но да се залагате за бугарските револуционерни комитети, а да ја заборавите „Нова Македонија“ е безмалку парадоксално

Намерно или случајно вниманието на јавноста деновиве се пренасочи од полето на политиката на теренот на економијата, со најавените новини и реформи во оваа област. Многумина би рекле со право, бидејќи долго време економијата беше запоставувана и трпеше сериозни последици токму поради преокупираноста со политичките случувања во државата. Конечно на економијата, стопанството, реалниот сектор, конкурентноста, приходната и расходната страна мора да им се посвети многу поголемо внимание, зашто од нив практично зависи сѐ друго во државата. Но наместо вистински да се фатиме во костец со проблемите на реалната економија, се добива впечаток како фокусот повторно да ни го одвлекуваат одредени ефемерности. Она што предизвика најголеми реакции во јавноста е воведување на прогресивниот данок за лицата со повисоки приходи, чија бројка изнесувала 1 процент од вкупниот број даночни обврзници. Процените се дека со екстра оданочување на тој еден процент ќе се наполнел буџетот и ќе се обезбеделе повеќе пари за сиромашните! Нема ништо спорно граѓаните со повисоки приходи да плаќаат поголем данок. Ваквата робинхуд-мерка секако има одредена економска логика, но се добива впечаток како и овој пат да се промаши целта.

Клучното прашање не е од каде ќе се земе за на друго место да се додаде, туку на што се трошат парите – генерално. Дали зголемените даноци ќе одат за луксузни и бесполезни патувања во странство на избрани функционери од трети-четврти ешалон, на авионски билети во бизнис-класа А, скапи ручеци и коктели на државна сметка, набавка на нови автомобили, мебел и слично. Дали приходите од дополнителното даночно оданочување ќе одат и на нови партиски вработувања во администрацијата, за кои редица истражувања досега покажале дека се непродуктивни, и дека само го празнат буџетот и ја осиромашуваат државата. Ако се погледне приходната страна на буџетот може да се забележи дека од година на година има раст на даночните приходи. Минатата 2017 година, на пример, од даночни приходи се собрани 15,2 милијарди денари во буџетот. Значи не е толку проблемот во полнење на буџетот туку во недомаќинското празнење. Затоа паралелно со ваквите мерки за очекување е Владата да излезе и со мерки за драстично намалување на непродуктивните трошење, да направи длабок рез во јавната и во државната администрација, да ги пренасочи сите рамковно вработени, кои седат дома, на работа за да ја заработат платата со труд и пот. Еве лично од премиерот слушнавме дека дури и министри не доаѓале на работа во Владата, а редовно земале плата. Понатаму неопходно е и итно елиминирање на сивата економија, нелојалната конкуренција, откривање и оданочување на сите црни бизниси, кои егзистираат по шупи, гаражи, подруми и редица други мерки што се во доменот на транспарентно отчетно и домаќинско работење. Тоа, секако, ќе донесе многу поголеми економски ефекти за државата и граѓаните.

Од полето на економијата би поминал на теренот на политиката, каде што изгледа се изгуби секаков ориентир што се тоа национални и државни интереси, па веќе не се знае ни кој што предлага, какви позиции брани, какви ставови застапува дома и во странство. Вниманието на јавноста, се разбира, најмногу е насочено кон комисиската расправа во Собранието во однос на нацрт-амандманите за промена на Уставот, предложени од Владата, а за спроведување на спогодбата од Нивици.
Уште на почетокот на дебатата опозицијата излезе со тврдење дека таа била затворена за јавноста, се одвивала тајно, и власта сакала нешто да скрие и да протне низ мала врата. Од друга страна, некако се зголемија и политичките апетити, па покрај четирите предлози од Владата се споменуваат и нови амандмани за воведување на албанскиот јазик, за ограничување на ингеренциите на претседателот, за допишување на БМОРК, ТМРО, ВМРО, Кресненското востание, Уставот од 1991 г. итн. Уставот и преамбулата се третираат како босански лонец, во кој може да се стави сѐ и да се свари сѐ. И тоа што треба и тоа што не треба. Притоа и од страна на власта и од страна на опозицијата се занемарува клучната поента дека име на држава не може да се менува со амандмани, туку единствено по пат на референдум, чиј епилог им е познат на сите.
Сепак, во контекст на искажаните забелешки за тајност на постапката и потребата од поголема јавност и медиумска покриеност на комисиската дискусија, еве еден конструктивен предлог до власта и до опозицијата. Нашиот весник ви ги отвора своите страници за сеопфатна дебата по однос на нацрт-амандманите, а во интерес на јавноста. Сите ваши ставови, забелешки, предлози, покрај во надлежната комисија, може да ги изнесете и на страниците на весникот.

И за да нема каква било забуна со игрите и парадоксите во политиката и реалноста и тежината на моментот. Првиот македонски дневен весник, внатре или надвор од преамбулата, и понатаму останува на своите јасно утврдени позиции во одбрана на македонизмот, националните и идентитетски прашања, што е предвидено уште од одлуките на АСНОМ и провејува од првиот број на
весникот до денес

И бидејќи многумина сакаат да се повикуваат на традицијата, историските вредности и придобивки на АСНОМ, еве уште една сугестија токму во таа насока.
Преамбулите секаде во светот алудираат на државен континуитет и иако најчесто не се дел на нормативниот дел на Уставот, имаат важна мемориска улога за неговото „читање“, но и примена. Токму и само од оваа гледна точка и за нагласување на историските вредности и државниот континуитет на Република Македонија, пратениците и од власта и од опозицијата можеби треба да предложат во преамбулата на Уставот да влезе и првиот македонски дневен весник „Нова Македонија“, како втемелувач на македонскиот јазик, носител на писменоста и културата во современата македонска држава.

Како единствен медиум во државата што произлегол од АСНОМ, или со други зборови чедо на АСНОМ, весник што прв ја отпечатил македонската азбука, но и како прв вистински народен лист што ги застапувал и ги застапува интересите на сите граѓани од сите националности, „Нова Македонија“ повеќе од кој било друг предлог заслужува место во преамбулата. Дотолку повеќе што сега таму се туркаат многу работи на кои воопшто не им е местото во највисокиот правен акт.

Може да се сфати и како иронија, но да се залагате за бугарските револуционерни комитети, а да ја заборавите „Нова Македонија“ е безмалку парадоксално. И за да нема каква било забуна со триковите, игрите и парадоксите во политиката и реалноста и тежината на моментот. Првиот македонски дневен весник, внатре или надвор од преамбулата, и понатаму останува на своите јасно утврдени позиции за одбрана на македонизмот, националните и идентитетски прашања, што е предвидено уште од одлуките на АСНОМ и провејува од првиот број на весникот до денес.