И ласицата е мала, ама се бори со волци

Зошто домашните политичари немаат еднакво високи рејтинзи на популарност како светските лидери? Каде е и во што е грешката на македонските политичари, односно што треба да сторат македонските лидери за да се издигнат во очите на македонските граѓани на нивото на светските државници како Ердоган, Меркел, Путин или Трамп

Деновиве беа објавени резултатите од истражувањето на „Брима галуп интернешнел“, кои се интересни за опсервација од неколку аспекти. Имено, според резултатите од истражувањето, најпопуларен светски лидер во Македонија е турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, за кого 60 проценти од анкетирани граѓани во земјава се изјасниле позитивно. Во истото истражување се истакнува дека и други светски лидери исто така високо котираат кај домашниот електорат. Па, веднаш зад Ердоган е германската канцеларка Ангела Меркел, со наклонетост на 54 проценти од испитаниците од Македонија, трет е рускиот претседател Владимир Путин, кој освоил 47 отсто позитивни коментари од Македонците, потоа со 42 отсто поддршка следува американскиот претседател Доналд Трамп. Дури и последно рангираниот, претседателот на Франција, Емануел Макрон, добил 21 процент од македонските испитаници што дале позитивно мислење за него.

Од друга страна, споредбено со слични анкетирања за популарноста на домашните политичари, лесно може да се забележи големата разлика во рејтинзите, што е изненадувачки. Зошто излегува дека некои од странските политичари, кои патем раководат со цврста рака, се многу попопуларни од нашите домашни политичари? Така, на пример, последната анкета спроведена во септември лани за популарноста на македонските политичари покажува дека нашите лидери уживаат популарност од 3 отсто, па до 12 или 14 отсто кај анкетираните. Претходно, за време на претседателските избори, слична анкета спроведена од М-проспект информира дека популарноста кај тогашните кандидати се движи од 10 до 25 отсто од анектираните. Кој било пример да се земе, лесно може да се забележи дека популарноста на домашните лидери во споредба со странските лидери е многу помала во очите на македонските граѓани. Ердоган, на пример, ужива популарност кај 60 проценти од испитаниците, додека наш политички лидер (кој и да е) не може да стигне ниту до 15 проценти популарност од анкетираните. Во тој контекст, ако се спореди на пример високата поддршка за Ердоган од 60 проценти и со онаа на домашните лидери, ќе може веднаш да се воочи огромната разлика во котирањата на популарноста меѓу испитаниците.

И сега доаѓаме до клучното прашање. Зошто е тоа така?
Зошто домашните политичари немаат еднакво високи рејтинзи на популарност како светските лидери? Каде е и во што е грешката на македонските политичари, односно што треба да сторат македонските лидери за да се издигнат на нивото на светските државници како Ердоган, Меркел, Путин или Трамп?
Често во човековата свест зборот лидер се поврзува со функцијата претседател на политичка партија или држава, но не и со личните особености на лидерот: визијата, интегритетот, моќта на убедување, познавањето на историјата, бранењето на националните интереси на сопствената држава, цврстиот и непоколеблив став во однос на заштитата на националните и идентитетските прашања, способноста успешно да се менаџира државата и, конечно, да претставува модел на идентификација со нација. Тоа се само некои од карактеристиките што ги красат големите лидери, кои токму поради тоа уживаат и голема популарност дома, но и во светски рамки. Дали истото тоа може да се каже и за домашните политички претставници? Имаме ли ние политичари што не се впуштаат во спектакуларни предизборни ветувања, зашто не дозволуваат да бидат демантирани кога се на власт или кога ќе дојдат на власт? Лидери што влечат смели потези во интерес на државата, но со иста толкава смелост ја носат и одговорноста за нив.

Имено, во секоја земја во која луѓето знаат што е политика, а граѓаните имаат самосвест за начинот на кој треба да се води државата може да се изведе аналогијата од актуелните рангирања и истражувања за популарноста на лидерите. Причината за нискиот рејтинг на политичарите во земјата на сите елити е речиси секогаш иста, а тоа се изневерени очекувања на граѓаните. Оттаму е и слабата доверба на граѓаните во домашните политичарите наспроти светските лидери.
Односно, очигледно анкетираните го вреднуваат начинот на кој глобалните лидери дејствуваат на меѓународната сцена, како тие ги спроведуваат нивните политики и како ги застапуваат економските визии, културните и општествените визии за развој на земјите што ги предводат.

Натаму, граѓаните би сакале да видат дека и нашите политичари барем малку може да личат на светските лидери во посветеноста во дејствувањето и бранењето на националните интереси, односно дека државните функционери цврсто би ги застапувале државните интереси, цврсто би владееле со силата на правото и демократијата, а државата и народот секогаш би биле на прво место во спроведувањето на нивните политики. За жал, нашите лидери воопшто не личат во однесувањето и дејствувањето на политичарите од светот. Имено, за нашите политичари не може да се каже дека секогаш цврсто ги бранат интересите на државата, туку само сопствената партија им е во фокусот на функционирањето.
Најчест изговор на домашните лидери за ваквите состојби е дека нивните политики се такви бидејќи Македонија е многу мала држава, па затоа најчесто во исклучително компликуваните меѓународни состојби некогаш и се потклекнувало на првите знаци на дипломатски притисок на посилните држави.

И тука доаѓаме до пораката од насловот на текстот. Големината воопшто не игра улога во битката за опстојување и самоидентификација.
Како и во народната поговорка која вели дека и ласицата е мала, но умее да се бори и со волците во шумата. Па, дури понекогаш излегува и како победник.
Во практика тоа покажува дека не е секогаш битно колку е голема една држава за да бележи напредок и успеси, туку само дека државните елити треба да веруваат во својата земја и да имаат знаење, срце и дух да ги бранат интересите на сопствената земја. Кога ќе се случи тоа, несомнено, и рангирањата ќе се подобрат и драстично ќе порасне и процентот на популарност на домашните политичари.

[email protected]