И за проблемот со енергија е потребна политичка синергија

Кризата е показател дека ни е потребен посериозен пристап кон енергетиката за да се соочиме навреме со какви било проблеми. За преструктурирање на зелени видови енергија треба време, но и вложување средства. А конвенционалното производство што ни е пред нос, треба да се продолжи сигурно, бидејќи ако продолжи вакуумот од транзицијата од еден на друг вид производство на енергија, тој ќе биде погубен за нас

Енергетската криза што ја зафати Европа, сосема очекувано, полека но сигурно се прелева и кај нас. Наспроти најавите дека снабдувањето со електрична енергија во земјава е стабилно, повлекувањето енергија од европскиот енергетски систем и предупредувањата од регулаторот испратени до МЕПСО укажуваат дека нашата земја нема доволно домашно произведена енергија за покривање на потребите.
Високите цени на енергијата во Унијата и во регионот ги натераа некои од компаниите снабдувачи да им ги откажуваат договорите на македонските фирми и ги ставија во незавидна позиција да мораат да наоѓаат нови снабдувачи, но и енергијата да ја плаќаат по многу повисоки цени.
Сведоци бевме на најавите за интервентна набавка на јаглен, со кои надлежните институции ветуваа помош за компаниите што сами се снабдуваат со електрична енергија на слободниот пазар и кои први го почувствуваа ударот на оваа криза, но, за жал, првиот обид остана безуспешен.

Надлежните укажуваа во неколку наврати дека испораката на електрична енергија до домаќинствата и помалите компании што сѐ уште добиваат енергија од универзалниот снабдувач е стабилна и дека за нив е обезбедено домашно производство. Сепак, „црвот“ се пушти низ јавноста, со оглед на фактот што од година на година домашното производство на струја е сѐ помало и помало, а вкупните потреби од енергија за домаќинствата и мали потрошувачи се задоволуваат исто така со увоз на енергија, покрај производството во РЕК Битола.
Енергетската криза сѐ уште трае и низ европските земји, кои исто така се обидуваат да ги ублажат штетите од растот на цените и да ги спасат домаќинствата од премногу високи сметки.
Дома, надлежните велат дека рестрикции засега нема да има, а цената на струјата останува иста до Нова година. Токму најавите дека следната, 2022 година како новогодишна честитка може да пристигне уште на почетокот на годината нова повисока цената на електричната енергија, упатуваат на недостиг од енергија од домашно производство. Вообичаено, цената на струјата за домаќинствата се одредува на средината на летото, а со најавите дека таа може да поскапи и по Нова година, иако по правилата требаше сегашната цена да остане до следното лето, станува уште појасно дека европските цени ќе се прелеат и кај нас.
Дека цените на енергијата ќе имаат нагорна линија, со години посочуваат енергетските експерти, делумно поради постојаното намалување на домашното производство, но и поради намалувањето на резервите на јаглен, предвидените рокови на работа на термоцентралите, како и слабите инвестиции во нови енергетски објекти.

Заложбите и намерите за обезбедување енергија од чисти извори, а притоа и подобрување на животната средина за сите нас, се за поздравување и треба да продолжат во согласност со плановите и најавите, но притоа да се води сметка да им се обезбеди енергија на сите потрошувачи. А и нуклеарната енергија спаѓа тука. Можеби стратегиска грешка е игнорирањето на можностите да партиципираме како држава во вакви нуклеарни капацитети, кои ги има во соседството

Но токму оваа енергетска криза е показател и потврда на посочувањата на енергетичарите дека енергетскиот сектор се планира многу години однапред и дека во него нема можности за ад хок решенија. Кризата е показател дека ни е потребен посериозен пристап кон енергетиката за да се соочиме навреме со какви било проблеми. За преструктурирање на зелени видови енергија, треба време, но и вложување средства. А конвенционалното производство треба да се продолжи сигурно, бидејќи вакуумот од транзицијата од еден на друг вид производство на енергија ќе биде погубен за нас. Треба навремена набавка на јаглен за производството да се одвива без прекини, но и набавка на други суровини, како мазутот, обезбедувањето доволно резерви во случај на зголемена потреба од енергија, треба да бидат меѓу приоритетните точки за стабилно снабдување со струја. Секако, многу значајно е да се засили и домашниот ископ на јаглен, ако го имаме, и тој да се користи за потребите на домашните потрошувачи.
Дополнително, изградбата на нови капацитети за производство на електрична енергија мора да бидат меѓу приоритетните решенија на државата, бидејќи без нови инвестиции, нема домашно производство. Секако, притоа мора да се имаат на ум укажувањата на експертите дека за стабилност на енергетскиот систем е неопходна базната енергија, или енергија добиена од фосилни горива, бидејќи обновливите извори на енергија се нестабилни, мора да се размислува и за ново, современо решение за производство на електрична енергија, кое ќе биде постабилно и кое во иднина ќе го замени производството на РЕК Битола.
Секако, заложбите и намерите за обезбедување енергија од чисти извори, а притоа и подобрување на животната средина за сите нас, се за поздравување и треба да продолжат во согласност со плановите и најавите, но притоа да се води сметка да им се обезбеди енергија на сите потрошувачи. А и нуклеарната енергија спаѓа тука. Можеби стратегиска грешка е игнорирањето на можностите да партиципираме како држава во вакви капацитети, кои ги има во соседството.

Никој не би сакал да се вратиме на темни улици, улици во мрак поради неопходни рестрикции наметнати од недостигот од електрична енергија, уште помалку, пак, на темни домови, или осветлување со свеќи. А да не зборуваме за прекините во производството, ударите на реалната економија поради недостиг од електрична енергија… Токму поради ова, секторот изискува навремено планирање и инвестирање во енергетски објекти што ќе обезбедат доволно енергија за потрошувачите, а секако преку соработка на надлежните институции и експертите во областа може да се најде соодветно решение за обезбедување енергија со водење сметка за животната средина.