И верскиот туризам носи пари

Последниве две-три години домашните туроператори срамежливо и инцидентно, и тоа по барање од туристите што престојуваат во нашите познати туристички центри, им организираат еднодневни тури до манастирите

За верскиот празник Иванден, (7 јули), рождеството на Христовиот крстител, Свети Јован Крстител, патронот на македонското древно светилиште, Бигорскиот манастир, престојуваа неколку илјади верници и други посетители. Викендов што измина беа регистрирани неколку илјади верници и други гости, кои престојуваа и молитвено учествуваа на бдението, на архијерејската литургија и на другите свечености што ги организираа монасите во чест и слава на патронот. Во првото полугодие на годинава беше регистрирана зголемена посетеност на духовното светилиште, Бигорскиот манастир, не само за големите верски празници и за неработните денови, туку значајно е што ги има постојано. Имаше верници и гости од сите краеви на Македонија, од соседството, а во летниот период се забележани посетители од држави од цела Европа и од прекуокеанските континенти, САД и Австралија, кои доаѓаат организирано или индивидуално. Бигорскиот манастир, речиси илјада години (за две години ќе го одбележи јубилејот), надалеку зрачи со духовноста ,а посетителите ги привлекува со божјата убавина, надградена со делата што низ столетијата ги создавале големите мијачки неимари, (ѕидари, копаничари, фрескосликари).

Манастирската црква со неповторливиот иконостас, единствен во светот, изработен на оревово дрво, околу 180 години му го привлекува вниманието на секој посетител и по разгледувањето останува без здив од големите уметнички мајстории на копаничарите. Пленат фреските на влезот во црквата, манастирските чардаци и конаци, манастирската библиотека, гостинските одаи, трпезариите, галеријата со икони и сл. Манастирот е со богата историја, со голем број артефакти, кои го претставуваат непрекинатиот развој на манастирот и покрај тоа што неколкупати огнените јазици проголтале многу вредни градби и црковни артефакти, но македонскиот народ го обновувал манастирскиот комплекс. Во 1995 година беше возобновено монашкото братство, кое беше укинато во 1948 година од тогашната комунистичка власт. За 23 години монашкото братство, организирано од архимандритот Партениј, игумен на манастирот, не само што го врати духовниот живот, со редовни секојдневни богослужби и во целост му го поврати сјајот на Бигорскиот манастир, кој како магнет ги привлекува посетителите. Во манастирот можат да се сместат околу 80 лица, премал капацитет, ако се има предвид зголемената побарувачката за легла, од гостите што имаат желба и потреба да останат по неколку дена за да ја почувствуваат духовноста.

Македонија има многу манастири и цркви со духовно и со културно богатство, со македонска препознатлива архитектура, со икони од неколку столетија, иконостаси, фрески, галерии со црковни предмети и со други артефакти пленат и се предизвик за верниците, за љубителите на овој вид уметност, за туристите што сакаат да престојуваат во недопрена природа, исполнета со чист воздух, планински мир и за духовна надградба

Есенва, недалеку од манастирскиот комплекс, ќе бидат осветени темелите на манастирски конак за туристи, со што ќе почне изградбата и со ставањето во употреба ќе бидат задоволени барањата на домашните и на странските гости. Пред две години, покрај Радика беше отворен етно-ресторанот „Куќа на Мијаците“, недалеку од Бигорскиот манастир, кој многу придонесува посетителите да останат подолго време. Инаку, објектот располага со 10 легла во комфорни одаи. Македонија има многу манастири и цркви со духовно и со културно богатство, со македонска препознатлива архитектура, со икони од неколку столетија, иконостаси, фрески, галерии со црковни предмети и со други артефакти, пленат и се предизвик за верниците, за љубителите на овој вид уметност, за туристите што сакаат да престојуваат во недопрена природа, исполнета со чист воздух, планински мир и за духовна надградба. Нашата држава има одлични предуслови за развој на верскиот туризам. Не знаеме од кои причини низ годиниве беше запоставен. Последниве две-три години домашните туроператори срамежливо и инцидентно, и тоа по барање од туристите што престојуваат во нашите познати туристички центри, им организираат еднодневни тури до манастирите.

Словенечката туристичка агенција „Компас“ неколку години едноподруго организира туристички патувања низ Македонија со посета на Бигорскиот манастир, на манастирот „Св. Георги Победоносец“ во дебарското село Рајчица, црквите и манастирите во македонскиот Ерусалим, Охрид, Шарената џамија во Тетово и во други манастири. И верскиот туризам е мошне доходен, носи девизи, ја раздвижува економијата, особено угостителските објекти, трговските центри. Во соседна Грција, православните манастири во Метеори, во близината на градот Каланбака, со години остваруваат неколку милиони евра. Голема посетеност на верници и на туристи од целиот свет постојано бележат 20-те манастири на Света Гора. Од верскиот туризам на Света Гора полза имаат трговските објекти и сместувачките објекти што ги има на островот, како и пристаништето Уранополус. Надлежните за развојот на туризмот во нашата држава, а пред сѐ туристичките агенции, ќе треба да преземат конкретни активности во насока за развојот на верски туризам, кој носи голем профит.