Ист пат од минатото, различни правци во иднината

Треба да се истакне и дека на граѓаните им е доста од политичка злоупотреба и сквернавење на историските факти за собирање дневнополитички поени или за задоволување нечии туѓи интереси. Во таа насока навлегувањето на политикантството во сѐ и сешто, во историјата, во правото, во социјалата, па дури и во спортот, само го разјадува националното ткиво на државата, наместо да го обединува

Годинава Македонија на 2 август ги одбележува своите најзначајни јубилеи од нејзината историја, 116 години од Илинденското востание и формирањето на Крушевската Република и 75 години од Собранието на АСНОМ, кое е одржано на 2 август 1944 година, во манастирот „Св. Прохор Пчињски“. Традиционално, првиот се прославува во Крушево, на Мечкин Камен, а вториот последниве години во кумановското село Пелинце, во алтернативно изградениот меморијален центар, бидејќи манастирот „Прохор Пчињски“, каде што тогаш се одржало заседанието сега се наоѓа во територијата на Србија. Овие два јубилеја се еднакво важни настани во македонската историја и држава. Без првиот во 1903 година немало да се случи вториот во 1944 година, а без двата датуми ние денес не би ја имале својата модерна држава.

Во тој контекст, може да се заклучи дека празниците се време за потсетување, достоинствено одбележување и, секако, обединување на идеалите на луѓето за заедничка подобра и посреќна иднина. Во таа насока и на навраќањето и потсетувањето на славното минато треба да се гледа како на можност за обединување на граѓаните наместо за нивна поларизација, која најчесто ја прават одредени политички субјекти. Слично како пред речиси, повеќе од еден век, Македонија и денес е пред нови предизвици и искушенија.

Она што, секако, остава простор за загриженост во пресрет на празникот се најавите по социјалните мрежи за некакво паралелно одбележување, паралелни собири на припадници од власта и опозицијата на празникот, најави за нови поделби на предавници и патриоти, за демонстрирање политикантство, па дури и за делење свирчиња кај граѓаните со кои треба да се омаловажи и исвирка политичкиот противник. И сето тоа на еден светол ден и датум и во функција на понатамошно разградување на националното ткиво, наместо да се работи на негово обединување.
По сѐ изгледа дека прославите на празниците, особено Втори август, кај нас најчесто се користат за остварување некоја цел на партиите, за ширење пропаганди, и тие се како нивен бесплатен митинг од кој профитираат на дневнополитичката агенда.

Во тој контекст и во целата еуфорија на случувања поврзани со Илинден, може да се заклучи дека можеби најмалку национално разбудени за празниците се некои од политичарите што ги користат овие свечени пригоди за дополнително да ги раскараат граѓаните, да посеат семе на омраза, притоа очигледно заборавајќи ги пораките на илинденците за соживот напишани на крушевскиот Манифест кој ги повикува сите заедно, без разлика на вера и припадност, да застанат под исто знаме… Ваквото политикантство предизвикува поделби и го раскинува националното ткиво и битието на народот, а сето директно пак се коси со заложбите и копнежите на револуционерите и од Крушевската Република и НОБ.
На македонскиот народ и држава не им се потребни нови поделби или навраќања на минатото само за оцрнување на сегашноста и меѓусебно напаѓање на политичките противници.

Суштината на македонската политика треба да се трансформира и да прерасне во модерна движечка сила што пред сѐ ќе гледа нанапред.
На овој битен историски јубилеј мора да се заклучи дека нам не ни требаат политички антагонизми и ретроградни процеси со навраќања во минатото, туку очајно ни се потребни перспективи за успешни решенија во општествената сегашност и за просперитетни визии што ќе ја водат Македонија во иднината.
Се разбира, тоа во никој случај не треба да значи и заборавање на минатото, од кое всушност се темели и континуитетот на македонската држава и на македонскиот народ, минато во кое се подвлечени и неговата историја, култура, национална посебност и сопствен македонски идентитет.

Но треба да се истакне и дека на граѓаните им е доста од политичка злоупотреба и скрнавење на историските факти за собирање дневнополитички поени или за задоволување нечии туѓи интереси. Во таа насока, навлегувањето на политикантството во сѐ и сешто, во историјата, во правото, во социјалата, па дури и во спортот, само го разјадува националното ткиво на државата, наместо да го обединува.
На граѓаните им е доста од поделби и поларизација и тие сакаат подобра перспектива и иднина за себе и своите најблиски.

Поделено, раскарано и разјадено општество, пак, во никој случај не може да биде добра солуција за иднината на државата, без разлика која политичка опција управува со земјата. Историјата треба да се памети и да не се злоупотребува и сквернави и од неа да се собираат дневнополитички поени, а прославите на празниците, особено на Втори август, не смее да се користи за остварување некоја цел на партиите и за ширење пропаганди. Зашто овие празници и настани не се уште една можност за партиски митинг или можеби нечиј бесплатен маркетинг, туку шанса за одавање почест на хероите, сплотување и кохезија на граѓаните, околу единствената цел – попросперитетна, пообединета и побогата Македонија. Модалитетите и правците на политичките партии како да се постигне тоа може и да се различни, но во никој случај не смеат да бидат дезинтегрирачки или, пак, на штета на националните и државните интереси.

[email protected]