Историските фрустрации од Софија

Несомнено, високото антимакедонско расположение кај бугарските граѓани е одраз на политичката клима што подолго време владее кај нашиот источен сосед. Со месеци од закоравените националисти од Софија, но и од официјални претставници на претходната влада на Бојко Борисов, беа упатувани навредливи зборови против македонскиот народ. Политичката криза и неизвесноста што произлегоа по неуспехот да се формира ново парламентарно мнозинство во Народното собрание на Бугарија, само ја засилија негаторската пропаганда од Софија

Седумдесет отсто од граѓаните на Бугарија се изјасниле против започнувањето на пристапните преговори на Македонија за зачленување во Европската Унија. Оваа информација, која минатата недела помина незабележително од мноштвото изјави на политичарите што минатата недела беа разменети на релацијата Софија – Скопје, го отсликува моменталното расположение на бугарските граѓани во пресрет на интензивираните меѓународни дипломатски активности за постигнување некаков договор меѓу Бугарија и Македонија. Само дваесет отсто се изјасниле позитивно за почеток на преговорите, додека десет отсто од анкетираните граѓани биле „неодлучни“. Во слична анкета од минатата година спроведена од „Галуп интернационал Балкан“, само осум проценти од Бугарите дале „безусловна поддршка на нивните западни соседи“. Во оваа анкета, мнозинство од 51 отсто се одлучиле за опцијата: „Бугарија треба да ја помага Република Северна Македонија за членство во ЕУ само ако Македонија брзо го реализира својот договор со Бугарија“.

Еден бегол поглед на резултатите од истражувањата на јавното мислење ја отсликува неповолната атмосфера што владее во Софија, кога станува збор за „градењето на добрососедските односи“, на која толку многу инсистираат гласноговорниците на политичкиот естаблишмент во Бугарија, а кој го наметнуваат како главен предуслов за повлекувањето на нивното вето за македонските аспирации за почеток на преговори со ЕУ. Како заклучок се наметнува сѐ поголемиот процент на Бугари што имаат негативен став кон нашите напори за остварување на долго најавуваниот датум за почеток на преговори. Педантните аналитичари ќе забележат дека вака изразито неповолно расположение кон Македонија немало ни кај граѓаните во Грција, во периодот кога се „пишуваше“ Договорот од Преспа!?

Несомнено, високото антимакедонско расположение кај бугарските граѓани е одраз на политичката клима што подолго време владее кај нашиот источен сосед. Со месеци од закоравените националисти од Софија, но и од официјални претставници на претходната влада на Бојко Борисов, беа упатувани навредливи зборови против македонскиот народ. Политичката криза и неизвесноста што произлегоа по неуспехот да се формира ново парламентарно мнозинство во Народното собрание на Бугарија, само ја засилија негаторската пропаганда од Софија. Наместо да го преиспита своето досегашно однесување, софиското раководство се обидува „вината“ за закочувањето на процесот за проширување на Европската Унија кон земјите од Западен Балкан да ја префрли на македонска страна. Одговорот за ова пристигна од бугарскиот историчар Ангел Димитров, кој изјави дека „досега не било исполнето ништо од договорот што го потпишаа Македонија и Бугарија“. Што очекувала Бугарија од исполнувањето на Договорот за добрососедство останува нејасно. Но доколку тоа се однесува на прифаќање на нивното еднострано толкување на историјата и на негирањето на македонскиот народ и јазик, сигурно е дека тоа не може да го добие од Македонија.

Впрочем и копретседателот на македонската комисија Драги Ѓоргиев, за застојот на работата на мешаната историска комисија, изјави дека македонската страна „дала предлози засновани на современите разбирања за историското образование поддржани од Советот на Европа и УНЕСКО, во кои се уважуваат различните погледи и толкувања за минатото и кои се покажале како применливи во надминување спорови што произлегуваат од различното толкување на минатото, но бугарската страна не ги прифатила“.

И кога сме веќе околу прашањето за (не)исполнување на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија, тоа не треба да биде само обврска за едната страна, во случајот Македонија. Во него, секако, се содржани и обврски и за Бугарија. Еве конкретно, што прави власта во Софија во однос на одредбата од договорот дека „двете договорни страни ќе преземаат ефикасни мерки за спречување недобронамерна пропаганда од страна на институции и агенции и ќе обесхрабруваат дејности на приватни субјекти, насочени кон поттикнување насилство, омраза или други слични дејствија, кои би им наштетиле на нивните односи“. Или за тоа дека „двете договорни страни ќе ја развиваат соработката помеѓу себе во областа на европската и евроатлантската интеграција, насочена кон успешна подготовка на Република Македонија за нејзиното пристапување кон Европската Унија и НАТО“!

Наместо од Софија да се емитува искрен и добронамерен однос кон нејзиниот македонски сосед, од бугарските партии пред вонредните парламентарни избори повторно пристигнуваат нови провокации на национална основа. Ова не доаѓа од политички маргиналци, туку од влијателни политички фактори во Бугарија. Изјавите во стилот „Македонија е бугарска“ на бугарскиот европратеник и заменик-претседател на партијата ВМРО-БНД, Ангел Џамбаски, во никој случај не може да се стави во контекстот на Договорот за добрососедски односи. Сево ова покажува дека во бугарската престолнина нема никаква промена на ставовите во нивното долгогодишно разбирање на историјата. Соочени со фактот за постоењето на независна македонска држава и на народ со посебен македонски идентитет и јазик, нивните неисполнети „големодржавни“ соништа стануваат само израз на фрустрации кај бугарскиот политички врв, кои, како што видовме, се пренесуваат и кај обичните граѓани, кои во толку голем процент се противат на интегрирањето на Македонија во Европската Унија.

Но тоа што особено внесува немир кај македонските граѓани е молкот што владее тука и таму на ваквите отворени националистички и шовинистички пораки што пристигнуваат од Софија. Оттука и однесувањето на нашето државно раководство според принципот „добар глас железни порти отвора“, може само да е од привремен карактер, бидејќи историјата нѐ учела дека портите на софиските дворови не секогаш се отворале со добра намера за Македонците. Ќе биде ли истото, пред последниот обид пред завршувањето на претседавањето на Португалија со Европската Унија, да се повлече ветото од Бугарија за почеток на пристапните преговори на Македонија?