Исправени пред предизвикот, одговорни пред ризикот

Речиси десет месеци од 2020 година поминавме во страв, понекогаш и паника, но најмногу во нашето неодговорно однесување кон вирусот токму во периодите кога тој ја губеше силината, по што повторно и повторно се враќаше со нов интензитет. Така, ни се случуваа нови, сѐ поголеми врвови. Над 2.300 луѓе не успеаја да го победат вирусот, стотици со крајни напори на лекарите беа спасени, сите тие судбини се лекција од која и луѓето, но пред сѐ институциите, државата, политичарите треба да научат многу или, како што велат старите, изгорени од кашата, и на јогуртот
треба да дуваме

Да не ни се повтори оваа 2020 година. Да остане заборавена во минатото. Следната Нова година да биде нов почеток на нашите пријателства, да биде година што ќе донесе крај на најголемата светска пандемија. Христовото раѓање да биде раѓање на новата надеж за светот. Вакви и слични ќе бидат речиси сите новогодишни и божиќни честитки и пораки што граѓаните ќе си ги разменат за празниците што нѐ очекуваат.
И како со секоја нова година, така и со оваа, надежта за подобро утре ќе биде најголемата желба за сите.
Но дали е сѐ до желбите и до она што ќе си го посакаме едни на други? Дали коронавирусот ќе исчезне во новата година, само ако ноќта на 31 декември кон 1 јануари ние си го посакаме и си го споделиме тоа? Дали Бог ќе ни дари здравје само ако од него го побараме тоа на денот на неговото раѓање? Ќе биде ли светот побезбеден и подобар со нашите разменети пораки, без да го спроведеме тоа на дело?
Напротив. Ништо нема да биде поинаку и подобро ако ние самите со своите примери не помогнеме и не придонесеме да се случи тоа. Залудни ќе бидат сите напишани пораки и испратени честитки ако не ја подигнеме одговорноста за себе и за најблиските околу нас.

Наедно, треба да ја подигнеме и општествената одговорност за нашиот заеднички интерес, а тој е навистина следната, 2021 година да биде година во која ковид-19 ќе го испратиме во историјата.
Дека ситуацијата е далеку од нејзиниот крај покажува и последната состојба со мутацијата на вирусот што беше откриена во Велика Британија и која, според научниците, има способност за многу поголемо ширење од она што досега беше карактеристично за ковид-19. Иако засега научните испитувања покажуваат дека од овој нов вирус смртноста е помала, сепак тоа не треба да значи дека и опасноста може да биде помала. Тоа само покажува дека предизвиците за идната година остануваат исти, а тие се: многу внимателност, голема претпазливост, максимална заштита и здрава одговорност. Животот под маски, со физичка дистанца и со користење средства за дезинфекција, ќе остане и во следната, 2021 година. Токму од нашето однесување ќе зависи дали ќе се навикнеме на таквиот живот и за следната и за таа по неа, или ќе се вратиме побргу во нормалниот живот.
Речиси десет месеци од 2020 година поминавме во страв, понекогаш и паника, но најмногу во нашето неодговорно однесување кон вирусот токму во периодите кога тој ја губеше силината, по што повторно и повторно се враќаше со нов интензитет. Така, ни се случуваа нови, сѐ поголеми врвови.

Над 2.300 луѓе не успеаја да го победат вирусот, стотици со крајни напори на лекарите беа спасени, сите тие судбини се лекција од која и луѓето, но пред сѐ институциите, државата, политичарите треба да научат многу или, како што велат старите, изгорени од кашата, и на јогуртот треба да дуваме.
Веќе ни е јасно дека во нашиот општествен колективен менталитет има дефицит од ред и дисциплина. Веројатно многу историски околности придонеле за тоа. Секако, тоа е и главниот проблем зошто со кризата се справуваме онака како што се справуваме.
Ова се периоди кога не треба да импровизираме, кога не треба да се опуштиме и да не ги следиме предупредувањата на здравствените власти, но и искуствата од другите земји. Редот подразбира мерки, почитување, но и санкции за прекршителите. Будноста на нас самите, но и на институциите е битка што треба да ја водиме сите. А покрај нашето здравје, во борбата против пандемијата ќе помогне и економската функционалност во земјава. Ако сите овие цели ги имаме како врвен приоритет, тогаш ќе го воспоставиме редот на функционалноста.

Дали коронавирусот ќе исчезне во новата година само ако ноќта на 31 декември кон 1 јануари ние си го посакаме и си го споделиме тоа? Дали Бог ќе ни дари здравје само ако од него го побараме тоа на денот на неговото раѓање? Ќе биде ли светот побезбеден и подобар со нашите разменети пораки без да го спроведеме тоа на дело? Напротив. Ништо нема да биде поинаку и подобро ако ние самите со своите примери не помогнеме и не придонесеме да се случи тоа. Залудни ќе бидат сите напишани пораки и испратени честитки ако не ја подигнеме одговорноста за себе и за најблиските околу нас

Борбата против пандемијата е успешна само ако е спој на човечката свест за самокритичност и одговорност со државната политика на квалитетни и оправдано нужни мерки, кои мора да бидат баланс на здравјето и економијата. Во овие времиња на светска пандемија, еднакво важно е да се има квалитетни мерки за заштита на здравјето, кои ќе значат и функционална економија, но наедно и економски мерки за поддршка на погодените бизниси.
Затоа, најголемата и највредна честитка и желба за подобро утре ќе биде нашата одговорност, прво да помогнеме, со тоа што достоинствено и одговорно ќе се поставиме во деновите на ризик, и второ ако сомнежите и скепсите ги надминеме и придонесеме кон колективното здравје, со тоа што ќе ја послушаме науката и ќе ја примиме вакцината, како единствено научно оружје во борбата со вирусот, кој го клекна светот во поновата историја.

[email protected]