Има ли јунаци што ќе го поправат образовниот систем?

Сите измени, пилот-проекти, стратегии, реформи, идеи на министри и нивни советници, директори, т.н. експерти направија од децата експериментални глувци, а од наставниците – луѓе со изгубен статус и почит во општеството. Училиштата ги претворија во места во кои не треба многу ум за да се биде вработен, а училниците во места каде што се јакне и се цементира неквалитетот во секоја можна смисла. Сето ова мора да запре

Општ впечаток во јавноста е дека образованието е најнесериозно третираниот ресор во државата, иако е неговиот најважен столб. Постојано се менуваат министри, заменици, луѓе во кабинети, советници, директори на институциите што функционираат во рамките на Министерството за образование (Биро за развој на образование, Државен испитен центар, Педагошка служба, Државен просветен инспекторат). Секој од нив се задржува прекратко на функцијата за да има можност сериозно да промени што било кон подобро, а дури и кога се задржува на позицијата подолго време, тоа е најчесто залудно зашто на терен речиси ништо не се придвижува кон подобро.

Сите измени, промени, новини, пилот-проекти, стратегии, реформи, идеи на министри и нивни советници, директори, т.н. експерти направија од децата експериментални глувци, а од наставниците – луѓе со изгубен статус и почит во општеството. Училниците ги претворија во места каде што се јакне и се цементира неквалитетот во секоја можна смисла. Сето ова мора да запре веднаш. Несериозноста со ресорот-столб доведе до поразителен епилог – необјективно оценети ученици, неписмени ученици, професори што не умеат да изградат авторитет, задоцнети или искинати учебници, неквалитетна храна, поразителни резултати на светско ниво во знаења… Чест на исклучоците, кои факт е дека постојат и ги има.

Оценување на учениците. За почеток, мора да се реформира начинот на кој се вреднуваат знаењата на учениците. Во право се познавачите на образованието кога велат дека оценката не кажува ама баш ништо за ученикот. Последнава учебна година имавме ситуација кога армија ученици поминаа одлични со сите петки, затоа што првпат наставниците и професорите не одговараа пред никого за оценките што ги напишаа. Во право се познавачите кога кажуваат и дека ваквата практика ја наметнува дилемата дали треба токму петките да продолжат да бидат главен критериум за некој да се запише во средно или на факултет.

Второ, мора да се проверува објективноста на оценките на наставниците. Ниеден сериозен систем не дозволува да се осакатуваат генерации со напишани подарени оценки или оценки што се користат за да се казнува. Додуша, веќе е во тек подготовката на нов начин на оценување на објективноста на оценките. Тоа, како што најавија надлежните, е предвидено да се прави со т.н. национално тестирање, од кое никој нема да трпи штета, ниту ќе има казнети наставници, ниту пак добиените оценки ќе имаат удел во општиот успех на децата. Добиените резултати се планира да се користат за интерна употреба, да се види каде има пропусти и како тие да се исправат за да се зголеми квалитетот на образованието. Дали ќе биде тоа така, ќе видиме.

Учебници. Недозволиво е на секој почеток на нова учебна година да нема испорачано учебници во училиштата. Недозволиво е да нема испечатени книги или да не се заменети со нови оние што поради разни причини биле повлечени од употреба. Недозволиво е, на пример, една сериозна држава да дозволи второодделенците да немаат цела година учебник по Општество, а на крајот на годината да бидат оценети по предметот врз основа на тоа што го учеле а им било диктирано или го препишале од тетратка. И да, недозволиво е кога на одговорните за учебници ќе им поставите прашање зошто не ги решаваат проблемите со учебниците, да ви речат „ама знаете, не би требало да се учи само од учебник, туку и од Интернет и други извори“. Во ред, тоа не е ништо ново и не е нешто што не се применува, но не треба тоа да го користат како изговор. Државата се нафатила да обезбеди бесплатни учебници за сите деца по сите предмети во Македонија и треба да си остане доследна на таа политика.

Понатаму, редно е државата да ги мотивира професорите во средните стручни училишта да пишуваат учебници оти несериозно и срамота е средношколци да завршуваат цело образование со скрипти, лоши преводи и прастари учебници.
Дуално образование. За ова не треба само да се зборува, туку и да се прават конкретни чекори. Ако директорите на средните стручни училишта не знаат како се менаџира добро во оваа насока, нека погледнат што направи Ефтим Пејовски, доскорашниот директор на училиштето „Михајло Пупин“. Таму функционираат ЕВН-паралелки, во нив учат деца што по завршувањето на тригодишното образование, на најмалку 20 од нив им е загарантирано вработување во ЕВН. Освен тоа, во ова училиште влегоа и „Макстил“, „Ванхол“, „Арцелор Митал“ и многу други компании, кои ќе вработат над 50 ученици откако ќе завршат со образованието. Како се реформира стручно образование? Ете, баш вака! Баш вака стопанството ќе го добива она што му е потребно. Ова е само еден пример, иако веројатно има и други.

Професионална ориентација. Децата мора од најмала возраст да се следат, односно да се следат нивните афинитети и интереси, да се следат нивните вештини, за да може подоцна, кога ќе се заокружи процесот на основно образование, полесно да падне изборот за училиште за средно образование. Крајно време е да престане практиката деветтоодделенците од немајкаде да се запишуваат во гимназии. На четиринаесетгодишна возраст е недозволиво да не знаат што сакаат и да не се знае за што ги бива. Обврската за професионална ориентација е веќе влезена во законските измени на Законот за основно образование, но дали тоа ќе биде само декларативно или постои во практика, останува да се види.

Храна во училиштата. Конечно на терен треба да ги видиме инспекторите од сите институции, за кои падна и законски договор минатата година, дека ќе ја контролираат исхраната на децата во училиштата. Откако на децата им беа послужувани оброци со различни пластични предмети во чиниите, отпадоци во манџите и салами од 20 денари во сендвичите преполни отрови и адитиви, конечно државата треба да нѐ убеди сите нас дека во практиката и на терен се грижи за здравјето на младите и дека бизнис-интересите на градоначалниците не се поважни од нашите најмили.

Има уште толку многу рани што треба да се лекуваат и на овој почеток на учебната година. Но, еве, добро е да се започне од овие, најболните.