Илузиите со датумот

Со месеци се креираа перцепција и илузија дека датумот е тоа магично стапче што ќе ги реши сите наши проблеми. А се разбира тоа ни оддалеку не беше така. Во суштина ЕУ и Франција (сега слушаме дека не била само Франција туку и други земји-членки) не направија ништо посебно за што треба да се лутиме. Тие едноставно само го задржаа и го покажаа нивното старо вистинско лице. За жал, пак на наша штета

Многу огорченост, лутина, неверување се истура деновиве на адресата на ЕУ, поконкретно на Франција и нејзиниот претседател Макрон, поради непопустливиот став на Македонија да не ѝ се додели јасен и чист датум за почеток на преговорите со Унијата. И сосема очекувано. Многумина денес длабоко во себе се чувствуваат изиграни, предадени, изневерени, што би рекле пренесени жедни преку вода, поради ваквиот развој на настаните. Дотолку повеќе што се чини дека изминатиот период Македонија вложи сѐ на една карта – датумот за преговори. Сѐ друго како да беше поттурнато на страна. Едноставно минатото, сегашноста и иднината како да се ставија во залог на фамозниот датум. Со месеци се креираа перцепција и илузија дека датумот е тоа магично стапче што ќе ги реши сите наши проблеми. А се разбира тоа ни оддалеку не е така.

Во суштина ЕУ и Франција (сега слушаме дека не била само Франција туку и други земји-членки) не направија ништо посебно за што треба да се лутиме. Тие едноставно само го задржаа и го покажаа нивното старо вистинско лице. За жал, пак на наша штета. Брисел покажа тоа што е. А тоа е дека не може да му се верува на зборот. Дека едно кажува, друго прави. Дека брзо и лесно ги заборава и погазува ветувањата. Бидејќи токму од Брисел лани беше ветено дека годинава во октомври ќе добиеме чист и јасен датум, кој, ете, не стигна. Како утешна награда или некаква супституција добивме повторно само позитивни сигнали, што воопшто не е исто со датум, кој го чекаме повеќе од една декада.

И покрај тоа што Македонија исполни сѐ, и што беше и што не беше побарано од неа. Сега не баш сѐ, но за тоа подолу во текстот. Најголемата и најболна отстапка што ја направи државата е промената на своето уставно име. Тоа беше нашиот најголем влог за отворање на патот кон ЕУ, кој, ете, се покажа дека бил залуден. Дека бил само илузија. Не знам со каква стратегија настапил нашиот државен врв во разубедување на Макрон и на преостанатите, но можеби требало да му се каже дека доколку не се ценат жртвите и отстапките што ги направи државата тогаш ќе си го вратиме името. Зашто ние името не го сменивме поради нас туку да им угодиме ним. Ако и тоа не е доволно, тогаш не ни треба веќе понатамошно понижување и изживување. Сигурно на челниците на ЕУ таквиот став нема да им се допадне, но нам исто ни се фаќа. Каква полза што досега им одевме по ќеиф.

Сепак, како што вели нашиот мудар народ, секое зло за добро. Ако последните случувања не бидат големо будење, да не речам отрезнување, за тоа какви политики ни се потребни во иднина тогаш не знам што друго би било. Овде да не ги мешаме веднаш партиските политички еквилибристики. Мислам на нешто многу покрупно, натпартиско, државничко. Мислам на реални визионерски политики, а не лажни илузии. Вистинска наместо извртена интерпретација на реалноста, која однадвор ни ја сервираат со години.

Можеби ќе прозвучи иронично но европското „не“, индиректно покажа колкаво е значењето и интересот за Македонија во пошироки глобални рамки. Прво затоа што мнозинството земји од ЕУ силно и недвосмислено застанаа на наша страна и побараа да нѐ видат во нивно друштво, сега и веднаш. Без какви било дополнителни условувања и изговори. И второ и оние што беа против, практично цело време во заднина се пазареа токму врз грбот на Македонија. Со блокирање на нашата земја се обидуваат да извлечат концесии за нив и што поповолна позиционираност внатре во Унијата. Јаден е тој сојуз што се крепи и пазари врз грбот на помалите и помалку моќните, како што е Македонија. Ова помалку моќните го користам повеќе фигуративно и исклучиво од политичко-кадровски капацитети, со кои располага Македонија, но никако и од нејзиното историско, културолошко или просветно значење. Зашто не смее да се заборави дека токму од Македонија потекнале и се прошириле, писменоста, просветата и цивилизацијата во Европа.

Вреди да се спомене и фактот дека Европската Унија во своите редови секогаш имала и ќе има добри и лоши полицајци. Претходно улогата на лош полицаец кон Македонија ја играше Грција, а другите се солидаризираа и ја поддржуваа во нејзините намери. Па дури и тогаш кога судот во Стразбур ја осуди Грција и пресуди во полза на Македонија. За „правичната и демократична“ ЕУ, која демек инсистира на некаква процедури и методологија, таа пресуда не значеше ништо.

Толку за Европа и за нејзините илузионистички трикови.
Во продолжение неколку збора и за нашите илузии и грешки во чекори.
Тезите дека ги имаме сите аргументи на светот и дека веруваме до небо дека ќе добиеме јасен и чист датум можеби звучат убедливо дома, но се покажаа бесполезни надвор. Зашто очигледно од Европа уште одамна нѐ прочитале и сфатиле дека сепак ни недостига клучниот аргумент на непоколебливост и себепочитување. Аргумент што ќе покаже дека како суверена и самостојна држава не прифаќаме пазарење со нашите државни и национални интереси. Дека имаме јасно изграден заеднички став!

Понатаму тезата дека поенергично ќе апсиме криминалци кога ќе добиеме датум, која беше пласирана во јавноста, се покажа како целосно погрешна бидејќи ЕУ не ни доделуваа датум токму затоа што не апсиме криминалци и не се бориме енергично против корупцијата. Грешки во чекори и од власта и од опозицијата има уште доста, но би посочил само уште една, која веројатно најилустративно го разоткрива вистинското лице на некои домашни функционери. На оние што иако декларативно се залагаат за ЕУ, но она што најмногу ги интересира и за што се грижат се само и единствено нивните теснопартиски интереси.

Ќе споменам најсвеж пример. Во истиот ден кога европските лидери одлучуваа за Македонија, вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи излегува со став дека и покрај сериозните забелешките на Венецијанската комисија за законот за јазиците, тој сепак нема да се чепка и нема да се менува. Со една ваква непромислена изјава владиниот функционер ѝ удира шлаканица на висока европска институција каква што е Венецијанската комисија. И ќе повторам, замислете, тоа се случува истиот ден кога очекуваме и бараме датум од ЕУ. Барате датум и прием во елитното друштво, а истовремено кажувате дека за нивните ставови и укажувања воопшто уво не ве боли!? И после Цацко, пардон Макрон ни е виновен. Па вакви егзибиции ниту врвни илузионисти не би си дозволиле.

Пред повеќе месеци илузионистот Ури Гелер ѝ упатил порака на тогашната британска премиерка Тереза Меј дека нема да дозволи Британија да излезе од Европската Унија и дека токму тој со помош на телепатија ќе го запре брегзит.

Гелер не ја спаси Меј од смена на премиерската функција и сосема неизвесно е дали ќе успее да го запре брегзит по постигнатиот договор меѓу Британија и Унијата…
Но можеби Гелер сега ќе сака да поработи и на случајот со Македонија. Да направи нешто барем нам да ни го отвори патот. Тогаш барем ќе гледаме илузионистички трикови од вистински илузионист и професионалец во својата струка. Зашто нашиве политички егзибиционисти и илузионисти досега се покажаа само како наивни аматери.

[email protected]