Издвоеното мислење и неговата сила

Во овој речиси двегодишен период на спроведување политики на добрососедство, во кој за возврат од соседите се оспорува македонскиот национален идентитет, ниту една научна и културна институција не излегоа со официјален став во одбрана на целта и смислата на своето постоење како државни институции и во одбрана на македонскиот национален идентитет. За волја на вистината, повремено има одредени „издвоени мислења“, кои се далеку од авторитетно заземање став поткрепен со научни аргументи (врз кои се изградени многу научни кариери), кои ќе ѝ се спротивстават на политиката на поттикнување на националната самонегација

На зданието на Македонската опера и балет во Скопје се останати само сенки на бетонот од металните букви со кои беше означено „претпреспанското“ име на оваа национална културна институција. Сега, називот Македонска опера и балет постои само како графит на еден ѕид пред некогашниот МОБ… По 17-годишно континуирано постоење, на Стоби годинава нема да се одржи театарскиот фестивал на античка драма. Министерството за култура не му доделило средства на театарот во Велес да ја организира оваа манифестација. Сомнежите се дека и „прескокнувањето“ на оваа манифестација има врска со откажувањето од антиката во која било форма, дури и како дување на маштеница, во согласност со одредбите од Преспанскиот договор…

Овие конкретни примери се само некои од најновиот опус на очигледно практичната примена на одредбите од договорите со соседите (Бугарија и Грција), кои Македонија се согласи да ги спроведе, откако на своето име ја додаде географската одредница „северна“. Некои од наивност, а други пак повикувајќи се на искуството дека „договорите и законите се пишуваат за да се прекршуваат“, веруваа(т) дека Македонија некако итарпејовски ќе успее да ги „надмудри“ соседите и меѓународните моќници, па со бирократско одложување на спроведувањето на обврските од договорите, да стигне до целта – НАТО и ЕУ. Трети, пак, се поведуваат од космополитизмот, кој сѐ повеќе се изедначува со глобализам, па тврдат дека националноста е категорија од минатото, ја изедначуваат со национализам и подготвени се да се откажат од неа, во име на идните перспективи…

Секако, не може да се одрече дека постојат и такви што сметаат дека македонскиот национален идентитет, јазик, култура, традиција, вековно постоење… се навистина „забетонирани“ (заштитени) со овие договори, иако другите договорни страни, т.е. соседите, сѐ погласно и поагресивно ги користат сите права и можности за уцени што им ги даваат овие билатерални спогодби. А соседите, и покрај договорите за (наводно) заемно почитување, уште погласно инсистираат да бидат прифатени нивните услови и Македонците доброволно да се откажат од сите докази за своето постоење во минатото и сегашноста, што секако ја исклучува ветената иднина во ЕУ и пошироко. Теренот за таквите барања за „самоисчезнување“ на Македонците, на Грција и на Бугарија им е отворен со комисиите за историски и образовни прашања, кои треба да ги усогласат различните гледишта во учебниците на одредени (заеднички) историски настани и личности, формирани во согласност со договореното добрососедство и пријателство. Но, наместо усогласување, работата на комисиите сѐ повеќе води кон ултиматуми, односно прифаќање на ставовите на соседите, придружено со уцена за поддршка за членство во ЕУ. Како да не е доволна таквата соседска ароганција, па и наши политичари им даваат за право со изјави дека „Македонците краделе светска, балканска и туѓа историја“, односно го потсетуваат македонскиот дел од македонско-бугарската комисија дека „имаме потпишано дека споделуваме заедничка историја“…

Иако, со третиот сосед од опкружувањето, Србија, Македонија нема потпишано договор за добрососедство, ниту пак формирано некаква комисија, во отворената регионална дебата за македонското постоење, и од таму се почувствуваа повикани да ја оспорат македонската нација, во пакет со идентитетот, јазикот, културата, традицијата и, секако, црквата. Воскреснувањето на шовинистичките теории од 19 век за Македонците како „флотантна маса“ меѓу балканските нации и „измислена нација“, се чини ги замолчува сите научни историски, лингвистички, археолошки, културни…
докази за автентичниот македонизам.

Кога е во прашање одбрана на македонскиот национален идентитет, наместо издвоени мислења, неопходна е гласност од сите, но и поенергични мерки на надлежните институциите и органи

Дефетизмот на актуелната македонска политичка елита во однос на националните прашања (наводно во името на НАТО и ЕУ) како да е поддржан и од сите други научни и културни институции во Македонија, кои со самото свое постоење, научни аргументи и докази собирани низ минатите децении имаат обврска гласно да го заштитуваат и докажуваат македонизмот. Во овој речиси двегодишен период на спроведување политики на добрососедство, во кој за возврат од соседите се оспорува македонскиот национален идентитет, ниту една научна и културна институција не излегоа со официјален став во одбрана на целта и смислата на своето постоење како државни институции. Навистина на социјалните мрежи, а често и во медиумите, научниците од овие институции ги искажуваат своите ставови и аргументи, спротивни од актуелната политичко-научна коректност во интерес на т.н. добрососедство, но тоа се повеќе индивидуални ставови, често со оградување од институцијата во која работат. Дури и неодамнешното писмо-соопштение од МАНУ во кое се укажува дека договорите на Македонија со соседите, особено со Бугарија, водат кон тоа дека историјата на земјата започнува од 1945 година, е потпишано само од девет академици (од вкупно 41 академик) и претставува став на издвоена група. Сите тие „издвоени мислења“ се далеку од авторитетно заземање став поткрепен со научни аргументи (врз кои се изградени многу научни кариери), кои ќе ѝ се спротивстават на политиката на поттикнување на националната самонегација. Сето тоа повеќе личи на перење на совеста (научна и национална), пред, се чини, сѐ понагласениот синдром на национално „самоисчезнување“!