Изгубени пастирски пораки

И во целата оваа шегобијна ситуација можеби најмногу беше извулгаризиран статусот на монасите, како луѓе што по своја слободна волја пристапиле во манастирите и на тој начин одлучиле да ја изразат својата предана љубов кон Бога. Тие не одлучиле да се замонашат зашто не можеле во текот на животот да се омажат или да се оженат или, пак, зашто им се случила некоја мака, па спасот го нашле во манастирските одаи

„Во брак не е лошо, ама во манастир е екипата“,„Македонија, 2014 година. Го знам него, кога не успеа да се ожени отиде во манастир. Добар дечко беше“. Ова се само некои од саркастичните коментари на социјалните мрежи, кои ги предизвика владиката Петар со несмасната изјава во која им порача на младите рано да се женат или мажат, да формираат здрави семејства, духовно, физички и интелектуално или да заминат во манастир. Што сакаше да постигне со оваа изјава веројатно само тој знае, но што во реалноста постигна се гледа од реакциите на младите, кои изминативе два дена социјалните мрежи ги исполнија со досетки на сметка на манастирите и црквата, секако и на немажените и на неженетите. И во целата оваа шегобијна ситуација можеби најмногу беше извулгаризиран статусот на монасите, како луѓе што по своја слободна волја пристапиле во манастирите и на тој начин одлучиле да ја изразат својата предана љубов кон Бога.

Тие не одлучиле да се замонашат зашто не можеле во текот на животот да се омажат или да се оженат или, пак, зашто им се случила некоја мака, па спасот го нашле во манастирските одаи. Токму тие се чистите души на духовници, кои верно им служат на народот и на Бога.

За да се уверите во тоа треба да посетите некои од македонските манастири каде што има монаштво. Поминете еден ден со овие луѓе и уверете се во нивната посветеност и во нивната љубов и едукација, која им ја даваат на верниците, но и на секој човек без разлика дали се декларира како верник, атеист, агностик…
Тие се луѓето што без предрасуда му помагаат секому, без разлика дали со совет во форма на духовна поука или, пак, со помош со престој во манастирот.
Зарем на манастирите треба да гледаме како на можност за прибежиште во животот ако не успееме да се снајдеме во надворешниот свет?

Зарем треба да се прави споредба со мажачката и женачката и со замонашувањето? И да, тоа најдобро треба да го знае владиката Петар, како монах и духовник, кој треба да ги едуцира младите и да ги насочи кон вистинските етички и морални вредности што треба да го збогатат секој млад човек.

Денес младите се жедни за знаење, за одговори, за поука, за насочување, за реализација, за вистина и правдина. Црквата треба да ја покаже вистинската насока, а тоа е, пред сѐ, да станат достоинствени и достојни личности, украсени со добродетели, кои ќе умеат зрело да ја ценат сегашноста, но и да ја обезбедуваат иднината со правилно однесување и со вистински одлуки. Значи младите треба да бидат во црквата, во прегратката на својата духовна мајка, да ги посетуваат богослужбите и да живеат активен црковен живот. Само така ќе можат да бараат помош и да се потпрат на искуството на светите отци и благодатните дарови

Вака, со овие негови изјави само поттикнува револт кај младите луѓе. Револт што оди дотаму да добијат одбивност кон црквата, кон верското учење, кон свештенството, кон монасите. На овој начин им ги затвора манастирските порти и го уништува сето она за што сведочат овие светилишта. А сите знаеме дека тие отсекогаш биле центри на просветителството и на науката. Впрочем и на најголемите наши добротвори и преродбеници произлегле од редот на монаштвото, како свети Кирил и Методиј, нивните ученици и следбеници. Така било и во западните земји, каде што првите универзитети се родиле токму во манастирите.

На секој духовен водач должност му е да ги обедини верниците, да шири добрина, да го искористи своето влијание за да се обиде светот околу себе да го направи барем малку подобар.

Верскиот поглавар, свештеникот, верскиот службеник, па и секој верник, секогаш треба бидат на висината на својата определба, следејќи ги дословно принципите на религијата на која ѝ припаѓаат. А нема религија што проповеда и пропагира нешто поразлично од мирот, разбирањето, слогата, љубовта, почитта кон другиот.

Денес младите се жедни за знаење, за одговори, за поука, за насочување, за реализација, за вистина и правдина. Црквата треба да ја покаже вистинската насока, а тоа е, пред сѐ, да станат достоинствени и достојни личности, украсени со добродетели, кои ќе умеат зрело да ја ценат сегашноста, но и да ја обезбедуваат иднината со правилно однесување и вистински одлуки. Значи младите треба да бидат во црквата, во прегратката на својата духовна мајка, да ги посетуваат богослужбите и да живеат активен црковен живот. Само така ќе можат да бараат помош и да се потпрат на искуството на светите отци и благодатните дарови.

Владици треба да се свестите дека вашите монаси не се стадо овци што можете да го купите и да го водите со стап на пасење. Сите тие монаси се различни индивидуи. кои морате да ги воспитате и да ги водите на духовен пат, за да можат во иднина да ви ја наследат духовната сила.

Дали владико Петар знаете во кое време живеете? Дали знаете дека сме на прагот на 2019 година, кога младите живеат поинаку од оние пред педесет години? Да, вие сте истиот оној што пред неколку години забрани свештениците и монасите на МПЦ да ја користат социјалната мрежа Фејсбук во комуникацијата со верниците. Едноставно е. Треба да се сообразите со околностите, времето и со суштината на верата и на црквата.

Секако дека постојат духовници што ревносно стојат зад сето она што го проповедаат. Познат е позитивниот пример на поранешниот српски патријарх г.г. Павле, кој се движел пеш или до зградата на Патријаршијата во Белград се возел со градскиот превоз. Не се стекнувал со материјални добра и се хранел оскудно, како пустинските древни отци. Патријархот Павле бил близок со народот, а неговата единствена личност била многу почитувана од црквата.

Дали изборот на младите ќе биде бракот или манастирот е нивно лично право, но многумина веќе одамна сметаат дека на владиката Петар му е време да се повлече во манастир.