Изборен тероризам

Државната изборна комисија била цел на хакерски напад преку т.н. софтверски тероризам, со сили од повеќе странски држави. Ова се навистина тешки и сериозни квалификации за да се помине тукутака преку нив. Токму овој податок сам по себе е доволен повод претседателот на државата да го свика Советот за безбедност, но и да се преземат итни неопходни мерки за откривање на сторителите и нивните мотиви. Во овој момент тоа е многу позначајно прашање отколку кој со кого ќе коалицира и какви сѐ отстапки е подготвен да направи. Впрочем, отстапките и уцените и не се нешто ново на домашната политичка сцена. На тоа веќе сме навикнати

Пред 15 месеци на истово место и од истиот автор беше објавен натпис со наслов „ДИК падна во незгодно време“. Повод за текстот тогаш беше ненадејниот пад на компјутерскиот систем на Државната изборна комисија во екот на кампања за претседателските избори. Уште тогаш предупредивме дека неработење на веб-страница на Државна изборна комисија е сериозен преседан, кој треба темелно да се истражи. Зашто тоа не е некаква безначајна платформа, туку официјален сајт на важен државен орган, кој содржи важни информации, како комплетно ажурираниот избирачки список, податоци за гласачките места, за изборниот процес итн. Но отидовме и чекор понатаму и уште тогаш, значи пред повеќе од една година, јавно запрашавме што ако дојде до спој и за време на избори, броењето и евидентирањето на гласовите. Во една таква хипотетичка ситуација, можни се најразлични сценарија. Притоа упативме јавна порака да се превенираат сите можни идни недостатоци во компјутерскиот и во информатичкиот систем на Комисијата. ДИК да биде пример за сите и да не остава ниту најмал простор за какви било евентуални сомневања, изговори, можни поплаки, пред, за време и по завршувањето на изборниот процес. Кога и да се одржат тие и за какви било избори да се работи.

Во кратки црти, ова се клучните поенти на колумната насловена „ДИК падна во незгодно време“, објавена во „Нова Македонија“ на 13 април 2019 година, во рубриката Наш став.
Година и кусур подоцна овие наши стравувања и предупредувања станаа горка реалност во Македонија. Со таа разлика што овој пат ДИК падна во уште понезгодно време. Падна и не стана во најлош можен момент за државата и за граѓаните. Ако во 2019-та причината беше краток спој во електричното напојување за време на тогашната претседателска кампања, овој пат, во 2020-та, куршлусот е последица на директен хакерски упад во компјутерскиот систем и софтверското решение на ДИК непосредно по завршување на гласањето на штотуку одржаните парламентарни избори и во период кога се исчекуваше објавувањето на изборните резултати.
Двете непријатни случки во ДИК не можат како било да се поврзат, иако може да набележат и некои сличности и разлики. Ако ништо повеќе, најголема сличност се неподготвеноста и индолентноста на оние што се најповикани брзо да интервенираат. Зачудува и загрижува и тоа што не е научена лекцијата и дозволивме да ни се повторат истите грешки. Тоа во Македонија како да станува некаков синдром на веќе видено.

Патем, станува збор за истиот состав на Државната изборна комисија и тогаш и сега, што е коинциденција сама по себе. И ако инцидентот во 2019-та може да се опише како банална случка од невнимание, небрежност или едноставно поради вис мајор или виша сила, која може да му се случи секому, падот на ДИК ноќта на 15 јули е нешто многу посериозно, со далекосежни последици по државата и институциите. Еве и зошто.
Надлежните стручни тела и органи последниот инцидент веќе го окарактеризираа како терористички напад, со образложение дека страницата на Државната изборна комисија била цел на хакерски напад преку т.н. софтверски тероризам, со сили од повеќе странски држави.
Ова се навистина тешки и сериозни квалификации за да се помине тукутака преку нив.

Значи, додека партиите се расправаат меѓу себе кој колку гласови добил или изгубил, државата била предмет на терористички напад од повеќе странски држави. Притоа цел на нападот е една од највисоките и најзначајни институции во земјата, како што е Државната изборна комисија, а нападот се случува токму во период на пребројување на гласовите. Што би рекле, нападот е темпиран во најосетливиот и најзначаен момент за една држава.
Токму овој податок сам по себе е доволен повод претседателот на државата веднаш да го свика Советот за безбедност, но и да се преземат итни неопходни мерки за откривање на сторителите и нивните мотиви. Во овој момент тоа е многу позначајно прашање отколку кој со кого ќе коалицира и какви сѐ отстапки е подготвен да направи. Впрочем, отстапките и уцените и не се нешто ново на домашната политичка сцена. На тоа веќе сме навикнати.

И сега доаѓаме до клучното прашање. Како е можно Македонија, која сега е членка на НАТО, да биде цел на терористички напади од неколку странски држави. Кои се тие држави, какви им се намерите, дејствувале сами или имале внатрешни соработници итн.? Сите овие се прашања на кои јавноста очекува одговори. Сега и веднаш.
Во НАТО-структурите, чиј дел сме и ние, постои сектор за сајбер-безбедност, кој е особено активен последниве години и кој е специјализиран токму за превенирање и откривање вакви напади и упади. Зошто тогаш НАТО не ја заштитил Македонија и дозволил некој среде избори да си поигрува со надлежните институции за спроведување избори?
Намерата, секако, не е да се префрли топката во туѓиот двор и да се амнестираат од евентуална одговорност за инцидентот домашните институции, особено ДИК. Но проблемот е што НАТО не е веќе туѓ двор. НАТО е и Македонија, а тоа е заеднички двор. Како се случи да прокисне чадорот на Алијансата над Македонија токму за време на изборите е прашање на кое јавноста очекува објаснување. Во меѓувреме, секако, треба да се истражи колкава е одговорноста на ДИК и зошто навреме не биле превземени сите неопходни заштитни мерки. Или можеби во ДИК биле преокупирани со набавка на дезинфекциски средства против корона, па не обрнале внимание кој може да ги зарази, загрози и контаминира со друг исто така опасен терористички вирус. Навистина крајно неодговорно и непрофесионално.

Овие луѓе се дебело платени од парите на граѓаните за работа што ја вршат еднаш на неколку години. Земаат плата и користат привилегии секој месец, цела година, за да организираат избори што траат еден ден. И кога токму тој ден ќе ја оплескаат, не може да има никакво оправдување. Зашто, во најмала рака, киксовите и куршлусите во ДИК од каква било причина се удар и срам за целата држава и фрлаат темна дамка врз целиот изборен процес. Во таа насока во деновите што следуваат граѓаните и јавноста очекуваат расчистување не само на терористичкиот напад однадвор туку и расветлување на сите тврдења за евентуален фалсификат или изборна измама. Засега толку за ДИК.

И кога веќе сме кај штотуку завршените избори, по малку чудно, смешно и небулозно е со каква реторика политичките лидери ги опишуваат и објаснуваат изборните резултати, притоа потценувајќи ја интелегенцијата на сопствениот народ и сопствените гласачи.
Сите се прогласија за победници, користејќи своја весела математика и статистички показатели кои креираат наводна перцепција на победник. Демек за да се прикаже слика на победник се набројува секое освоено село, град,населба, небаре се работи за локални, а не за парламентарни избори, а притоа се премолчуваат и занемаруваат конечниот резултат и вкупниот број на освоени мандати. Кога ги слуша човек со колкава леснотија бројат и претураат бројки и мандати, притоа споредувајќи баби и жаби, прво што помислува е дека се работи за тотални аутсајдери и аналфабети за политика. Но тоа, се разбира, не е така. Домашните политички лидери многу добро знаат да ги читаат бројките и резултатите. Махери се за тоа.

Единствено што одбегнуваат и не сакаат е отворено да ѝ погледнат на вистината во очи. И да си признаат прво себеси, а потоа и пред граѓаните, дека нивната наводна победа е всушност нивниот премолчен пораз. Ако нешто може да се извлече како заедничка резултанта од овие избори во услови на пандемија, тоа е дека граѓаните веќе не им веруваат безрезервно ниту на едните ниту на другите. Пораката до политичарите е јасно испратена. Дали и колку ќе ја разберат оние на кои им е упатена, ќе се види многу скоро. Меѓу другото, и од потезите и комбинаториките при формирањето на новата влада.

[email protected]