Игри со граници

Настрана речиси мазохистичката склоност на балканските народи да ги толерираат, па дури и со сите расположиви средства да ги штитат криминалците во сопствените редови, дури и само за инает на „другите“, факт е дека северот на Косово веќе извесно време се посочува како оаза на криминалот, но е факт дека криминал царува и во Приштина, па таму немаше полициска интервенција од слични размери. Кому тогаш му беше потребно создавањето клима на страв и на воена психоза и тоа во моментот кога ЕУ е обезглавена, а САД се насочени кон „решавање“ на други геополитички проблеми?

Завчерашните случувања на Косово и драматичните „предупредувања“ што им претходеа, проследени со повеќечасовниот што директен, што индиректен, телевизиски пренос и со понатамошна медиумска обработка веќе според потребите и намерите, на некој начин потсетуваа на телевизискиот спектакл што пред околу половина век почна да го организира Европската радиодифузна унија. Суштината на спектаклот, кој беше замислен како пријателски меч помеѓу младите од Германија и од Франција, а потоа се прошири на голем број држави на Стариот континент, беше во исполнување на лесни, но необични и често бизарни задачи во серија натпревари кои финишираа со завршна средба на која се добиваше победникот. Натпреварите наречени „Игри без граници“ се одржуваа наизменично во земјите-учеснички, под будното око на меѓународни судии.

Овој пат, како што соодветно беше и најавувано од двете страни, „натпреварот“ се случуваше во Зубин Поток, најзападната од трите општини со доминантно српско население на северот од Косово. Идејата, според официјална Приштина, беше сузбивање на криминал и спроведување на закон и ред, а според властите во Белград – напад врз српскиот народ и обид за етничко чистење од страна на косовската специјална полиција. По објавата дека избил судир со локалното население, кое зад барикади ѝ се спротивставило на косовската полиција, уследија и информации дека е забележано движење на српската војска и полиција кон Косово, како и дека еден српски борбен авион го надлетувал просторот. Речиси целодневната драма на Косово заврши со соопштение на властите во Приштина, според кое се уапсени 19 припадници на истата таа полиција, од кои 11 Срби, по четири Албанци и Бошњаци, меѓу кои еден командир, тројца поручници и петнаесет полициски службеници, осомничени за шверц на стоки, злоупотреба на службена положба, давање поткуп, недозволена трговија… Уапсени се и двајца службеници на УНМИК, еден Србин и еден Русин, кои со службено возило учествувале во поставувањето на барикади од страна на локалното население. За нив од меѓународната мисија веднаш побараа ослободување. Имаше и повредени, на двете страни, како и сѐ уште неутврдена материјална штета. Но драмата продолжи во Белград, каде што српскиот претседател Александар Вучиќ свика итна седница на Советот за национална безбедност, на која ја предупредил ЕУ дека војската на Србија ќе реагира и ќе влезе на Косово доколку итно не се повлечат припадниците на косовската полиција од северниот дел.

Двајцата, Вучиќ и Тачи, перфектно се надополнуваат, ѕвечкаат со оружје, но треба да се знае дека ниту еден нема намера, ниту сила, да го искористи. Премногу нивни лични интереси би биле загрозени доколку навистина има војна. Премногу цврсто утврдени позиции би биле разнишани и премногу внимателно штимувани бизнис-релации би биле нарушени доколку повторно би почнало да се војува на овие простори. Но игрите мора да продолжат

Драма со потенцијал да прерасне во трагедија, и на крај спектакуларна објава дека уапсените всушност се полициски службеници кои забраздиле во криминал и корупција. Бизарна причина за безмалку отворени објави на војна.
Настрана речиси мазохистичката склоност на балканските народи да ги толерираат, па дури и со сите расположиви средства да ги штитат криминалците во сопствените редови, дури и само за инает на „другите“, факт е дека северот на Косово веќе извесно време се посочува како оаза на криминалот, но е факт дека криминал царува и во Приштина, па таму немаше полициска интервенција од слични размери. Кому тогаш му беше потребно создавањето клима на страв и на воена психоза и тоа во моментот кога ЕУ е обезглавена, а САД се насочени кон „решавање“ на други геополитички проблеми?

По сѐ изгледа и на двете „страни“, олицетворени во нивните претседатели Вучиќ и Хашим Тачи. Имено, според речиси неподелените мислења на повеќето регионални аналитичари, сценариото на Вучиќ и на Тачи веќе подолго време се реализира преку два паралелни процеси: симулираните преговори за нормализација на односите под покровителството на Брисел и тајните преговори заради поделба на територијата, а со тоа и промена на границите во рамките на кои и борбата за тоа кој ќе се прикаже како поголем победник пред „своите“, но и пред меѓународните арбитри. Вучиќ би да го врати „српското Косово“ во Србија и со тоа да го реализира она што дури ни на Милошевиќ не му успеа, а притоа и понатаму да го одржува имиџот на проевропски политичар. Тачи, пак, би го искористил поделеното Косово како аргумент за да побара припојување на Прешевска Долина и на други „албански територии“, потхранувајќи го митот за голема Албанија, се разбира, преку фрази каква што е „сите Албанци обединети во Европската Унија“. Двајцата, притоа, перфектно се надополнуваат, ѕвечкаат со оружје, но треба да се знае дека ниту еден нема намера, ниту сила, да го искористи. Премногу нивни лични интереси би биле загрозени доколку навистина има војна. Премногу цврсто утврдени позиции би биле разнишани и премногу внимателно штимувани бизнис-релации би биле нарушени доколку повторно би почнало да се војува на овие простори. Но игрите мора да продолжат.

Во таа насока, не треба да се очекува нормализација, туку заострување и засилување на милитантната реторика, која многу лесно може да ја запали искрата, не во смисла на отворена воена конфронтација, бидејќи ниту една од страните не е навистина подготвена за тоа, туку на изолирани конфликти со одредени екстремни или криминални групации, кои не се под целосна контрола ниту на Белград ниту на Приштина. А ќе се апси, според можностите, и се разбира, според потребите, како битен елемент на драмското дејство. Колатералните штети веќе се вкалкулирани.

[email protected]