Зошто е важно да се носат децата во музеј

Фотографиите што беа деновиве објавени од работилницата „Мали археолози“, особено оние од посетата на Археолошкиот музеј, потсетуваат на вообичената слика во светските музеи, каде што реки деца и млади секојдневно се слеваат по галериите и ходниците полни со уметност, археологија и култура. Низ европските и светските метрополи честа е глетката на групи деца, дури и од предучилишна возраст, како седат пред некое уметничко дело со слушалки на ушите, учејќи на посреден начин колку е важна уметноста за развојот на една личност

Во Археолошкиот музеј во Скопје неодамна се одржа работилница на која им беше дадена можност на децата да станат вистински мали археолози и да научат дека археолошките ископувања не се одвиваат само некаде далеку во светот, туку вистинското богатство може да биде скриено под земјата по која шетаат и ја газат секој ден. Слично искуство тие стекнаа и на работилницата „Временски патници“ во националната галерија „Даутпашин амам“. Овие две работилници, заедно со оние за личен развој, креативно пишување, танц, илустрација во класична техника, музичка работилница и работилница за рачна изработка на приврзоци и модни детали од полимерна глина, одржани во рамките на фестивалот за детска креативност „Трамбулини“, организиран од Детскиот културен центар – Карпош и Град Скопје, претставуваа совршено место за откривање и стекнување нови знаења и техники, преку кои младите може да развијат едно ново разбирање за уметноста, за културата, но и за себе и за својата позиција во општеството и да ја разберат својата индивидуалност.
Фотографиите што беа објавени деновиве од работилницата „Мали археолози“, особено оние од посетата на Археолошкиот музеј, потсетуваат на вообичената слика во светските музеи, каде што реки деца и млади луѓе секојдневно се слеваат по ходниците полни со уметност, археологија и култура. Честа е глетката низ европските и светските метрополи на групи деца, дури и од предучилишна возраст, како седат пред некое уметничко дело со слушалки на ушите, учејќи на посреден начин колку е важна уметноста за развојот на една личност.

Светските искуства укажуваат на многубројните придобивки од посетите на децата на музеите, кои може да обезбедат незаборавни, извонредни искуства во учењето, да ја предизвикаат нивната имагинација, да ги воведат во непознатите светови. Преку интерактивни изложби и практична игра, децата имаат можност да преземат одговорност за сопственото учење и да го развиваат и истражуваат своето љубопитство. Оваа уникатна можност обезбедува основа за критичко размислување, простор за експериментирање, инспирација, креативност, уживање и овозможува автентични искуства за учење и игра, како и пошироко разбирање на минатото. Ваквиот тип на учење, кога започнува од рана возраст, како резултат има натамошен интерес за историјата, уметноста и науката, но исто така е и основа за едуцирана публика, која во иднина ќе знае како да се однесува на изложба или на концерт. Ова е особено важно за младите генерации, кои, под поразното влијание на новите трендови, сосема ги загубија и елементарните етички ориентири, живеејќи во време кога преовладуваат визуелните медиуми и комуникација и кога нивото на општа култура е на трагично ниско ниво.

Во контекст на ова може да се навратиме и на дискусиите за новата концепција на Министерството за образование, која, патем, ја критикуваа и ликовните и музичките педагози, а според која требаше да се намалат часовите по ликовно и музичко, или да се спојат во еден предмет, и да заклучиме дека преку уметничките предмети, освен што стекнуваат знаење, децата ги развиваат и креативноста, комуникацијата и имагинацијата. Носењето на децата во музеите, пак, како што е тоа практика секаде во светот, ги отвора нивните погледи кон различни идеи и перспективи што се релевантни за нивните животи. Отсекогаш сум верувала дека раното изложување на децата на музеите создава нивни доживотни посетители. Фотографиите од Археолошкиот музеј во Скопје даваат надеж дека и кај нас полека почнува да се работи во таа насока.