Зошто денешните деца играат опасни игри?

Во некои други времиња се играше криенка, народна топка, плочка, џамија, се вртеше хулахоп, се прескокнуваше ластик, а децата единствено можеа да си ги раскрвават колениците при паѓање или трчајќи да си ги изгребат лактите

Зошто денешните деца наоѓаат возбуда во играњето опасни игри?! Знаат ли да си играат социјални игри пред зграда или во училница?! Колку родителите знаат какви игри играат нивните деца?! Играат ли по цел ден на компјутери и таблети, што им нуди, а што им оневозможува технологијата кон која никој нема ништо против?! И уште низа прашања се наметнуваат, на кои одговори треба да бараме ние возрасните. Лавина реакции и прашања се отворија по опасната игра фрлање низ прозорец од приземјето во основното училиште „Ѓорѓија Пулевски“, во која, за среќа, ученичка заврши само со полесни повреди. А што ќе се случеше, ако падот беше несреќен и девојчето завршеше со траен инвалидитет или, не дај боже, со смрт. Децата играле ваква опасна игра цели две недели и никој не се обидел да им ја забрани. Зарем ако знаеле родителите што играат нивните деца на училиште немало да реагираат. Секако ќе реагирале, но во вакви случаи некои родители некаде претходно можеби направиле пропуст. Колку од родителите забораваат да ги контролираат своите деца и ги оставаат со часови да играат компјутерски игри во кои има многу насилство и агресија, игри во кои е важно кој ќе победи, кој е посилен, кој ќе покаже заби или мускули. Сето тоа се рефлектира врз децата. Веројатно многумина се сеќаваат на последната опасна игра „син кит“, која ги тераше децата на самоповредување па дури и на самоубиства. Можеби сега во меѓувреме има и нови и поопасни, за кои подобро е децата и да не знаат.

Во некои други времиња се играше криенка, народна топка, плочка, џамија, се вртеше хулахоп, се прескокнуваше ластик, а децата единствено можеа да си ги раскрвават колениците при паѓање или трчајќи да си ги изгребат лактите. Но, секако, тоа беа други времиња, кога немаше Интернет, немаше мобилни телефони и таблети, кои денеска се голема придобивка на човештвото. Во тие некои други времиња, родителите имаа и сигурна работа и сигурна заработувачка и имаа време за своите деца. Сега во трката за бизнис и за заработка наместо со родителите, децата повеќе се дружат со компјутерите, таблетите и со мобилните телефони. Таа најнова технологија, која неизмерно е потребна за сите, како да станува меч со две сечила бидејќи се поставува прашањето дали и колку истовремено може да ни наштети на здравјето, животот. Познато е дека долгото и неправилно седење пред компјутерите е штетно за ’рбетот, за очите, а долгото зборување на мобилните телефони, пак, штетно нѐ озрачува. Некои статистики велат дека имало околу 300 смртни случаи при правење самослик со мобилни телефони. Сигурно уште многумина се сеќаваат на децата од Кисела Вода што се обиделе качени на вагон од железничка композиција да направат самослик, а притоа настрадаа од струен удар од жиците што минувале од блискиот далновод. Потоа имаше случаи кога со мобилните телефони ученици снимаа најразлични ситуации во училниците, па тоа ги отвори дискусиите околу носењето и неносењето мобилни телефони на училиште. Со мобилен беше направена и снимката од фрлањето на девојчето низ прозорец во училиштето „Ѓоргија Пулевски“, од која се гледа како го држат за рацете и за нозете, го носат кон прозорецот и го фрлаат. Овој случај навистина отвори многу дебати во јавноста и во приватните седенки, бидејќи едно дете можеше да биде жртва во една опасна игра.

Се поставува прашањето зошто на децата им е потребен ваков вид адреналин, кому сакаат да му се докажат, пред врсниците ли. Зошто го прават тоа? Веројатно за сите овие прашања и можеби за многу други потребна е сеопфатна и длабока анализа на експертите, на сите инволвирани во општествениот образовен процес. Психолозите и педагозите се во едно согласни, а тоа е дека денес во трката по пари многу родители заборават да ги контролираат своите деца што прават во текот на денот, да ги прашаат каде биле, да седнат со нив да гледаат филм и да дебатираат за тоа што е добро, што е лошо. Некои од умор по работниот ден забораваат и да разговараат барем малку со своите деца. Уште и ако брачните несогласувања се дел од секојдневната атмосфера полна со кавги, викање или можеби и со насилство, тогаш состојбата е уште полоша. Се прашуваат ли некои родители по колку часови во денот поминуваат нивните деца на социјални мрежи, знаат ли со кого и за што комуницираат, за што се среќни или несреќни, што сакаат, а што не сакаат, што ги мачи, а што ги измачува, имаат ли кошмари во сонот и поради што.

На оние што не стигнале да ги постават сите овие прашања децата им бегаат од контрола, се затвораат во себе и бараат начин каде и пред кого да се докажат. Својата агресија овие деца ја изразуваат со вербални или со физички напади кон своите врсници во училиште, на улица, каде било само да свртат внимание кон себе. Некои пак се идентификуваат со своите суперхерои од компјутерските игри што ги играат, други нивните тактики од игрите ги применуваат во реалноста во која, како што вели еден искусен педагог, е невозможно да се скокне од дрво и да се продолжи да се трча. Проблемот е многу покомплексен отколку што се чини и бара поголема општествена опсервација кога се во прашање децата.

Фото: Игор Бансколиев