Зовриен босански лонец

Прогласувањето за „персона нон грата“ на новоизбраниот хрватски член на Претседателството на БиХ нема правна основа, тоа во основа ја претставува и идната политика на дејствување на хрватските политички субјекти во процесот на
конституирање на новата власт на федерално ниво

Бурата околу изборот на Жељко Комшиќ за член на Претседателството на Босна и Херцеговина не стивнува ни по десетина дена од завршувањето на општите избори во оваа балканска земја. Незадоволството се манифестира во општините со претежно хрватско население, кое се противи на изборот на Комшиќ, само затоа што тој го победи противкандидатот од хрватската заедница Драган Човиќ (од ХДЗ) и тоа со гласовите од Бошњаците. Ова покажува дека граѓаните во БиХ тешко излегуваат од своите национални дворови и не се подготвени да работат на заедничкиот соживот. Националната заслепеност оди дотаму што општините во кои Хрватите се мнозинство, а чии локални самоуправи се управувани од членови на ХДЗ, го прогласија Комшиќ за „непожелна личност“! Нивното образложение е дека „Хрватите на овие избори се измамени“, а Комшиќ го сметаат за „вториот бошњачки член“ во тричленото босанско-херцеговско претседателство, во кое е избран и „најголемиот“ Србин во БиХ, Милорад Додик!

За апсурдноста на моменталната политичка атмосфера во БиХ говори и настапот на поранешниот претседател на Република Српска, кој по завршувањето на изборите уште повеќе го зоврива босанскиот лонец. Изјавата на Додик беше дека тој на новата функција најпрво ќе ги застапува интересите на Србите. Но со мала доза провокација додаде дека нема да дозволи кој било народ, а со тоа и хрватскиот да биде мајоризиран со носење одлуки што се штетни за неговиот политички статус. За на крајот да поентира дека основна грешка на хрватската национална политика било тоа што не ги поставиле јасните услови за националните темелни интереси на хрватскиот народ.
Иако прогласувањето за „персона нон грата“ на новоизбраниот хрватски член на Претседателството на БиХ нема правна основа, тоа во основа ја претставува и идната политика на дејствување на хрватските политички субјекти во процесот на конституирање на новата власт на федерално ниво. Минатата недела, поради немањето кворумот за работа на Советот на министери на Босна и Херцеговина, беше одложена седницата на ова тело, на која беа некои прашања што не се од „висок етнички интерес“. НДЗ во Советот на министри има три члена, но за да може да функционира, мора да бидат присутни повеќе од 50 отсто од членовите, но и најмалку по два члена од секој конститутивен народ во БиХ.

По последните избори во БиХ, останува прашањето за нивниот легитимитет, посебно што не изостанаа критиките за изборни нерегуларности и отсуство на слободна конкуренција меѓу политичките партии

Проблеми со конституирањето на новата извршна власт има и во Република Српска, а тамошните медиуми информираат за меѓупартиски пресметки. За функционирање на Собранието потребно е мнозинство од 42 пратеника, а победничката партија на Додик има 28 пратеници. Нивниот најголем ривал од истиот политички блок, ДНС, ја условува идната коалиција со добивање на правото за мандатар за составување на новата влада.
Политичките аналитичари за постизборната атмосфера во БиХ велат дека е рано да се донесуваат какви било квалификации, затоа што се доведува во прашање легитимитетот на изборите со што ќе се почека за формирање на властите на сите нивоа. Ведран Џихиќ, од Австрискиот институт за меѓународни односи, смета дека процесот за формирање на новата власт ќе биде тежок, а и кога таа ќе се конституира ќе продолжат опструкциите од сите страни. Босна и Херцеговина неколку години, посебно од 2008 година и со почетокот на економската криза и враќањето на национализмот, претставува земја за метафора за нестабилност и за перманентна криза во јавниот, политичкиот и во општествениот простор.

По последните избори во БиХ, останува прашањето за нивниот легитимитет, посебно што не изостанаа критиките за изборни нерегуларности и отсуство на слободна конкуренција меѓу политичките партии. Тоа доведе до продолжување на политичката доминација на националните идеи и до релативен успех на левата политичка опција, која има повеќе гласови од поранешните избори, но не доволно за да направи смена на власта. Неуспехот од спроведувањето на севкупните реформи се рефлектира на големиот број неважечки гласачки ливчиња (над четиристотини илјади), со кои граѓаните се обидоа да ја испратат својата порака дека се изморени од долгото тапкање во место. Единствениот излез за мнозинството незадоволни граѓани е да ги прескокнат оградите на националните трла и да ја напуштат земјата.

Жељко Комшиќ