(Зло)употреба на Европа

Има безброј примери, и кај нас и во соседството, кога сосема непотребно и во празно само се вергла за ЕУ, а постапките на оние што го прават тоа не се ниту европски ниту демократски. Најеклатантен пример, барем кога станува збор за нашата држава, е честата и сосема непотребна (зло)употреба на европското знаменце при носењето на некои закони во Собранието. Од друга страна, ако во рамките на самата ЕУ се бара пример за злоупотреба на Европа и на европските вредности и стандарди, тогаш несомнено апсолутен рекордер е Бугарија, и тоа по многу основи и параметри

Европската Унија, европските вредности и Брисел се најчестите зборови што можеме да ги слушнеме од устите на политичарите. Овие фрази секојдневно се повторуваат во изјавите на македонските политичари од власта и од опозицијата, но и од балканските елити, бидејќи самите термини што се прокламираат божем се некоја религија, се мисли дека им носат профит на изборите на оние што почесто ги повторуваат. Иако има безброј примери кога сосема непотребно и во празно само се вергла за ЕУ, а постапките на оние што го прават тоа не се ниту европски ниту демократски. Најеклатантен пример, барем кога станува збор за нашата држава, е честата и сосема непотребна (зло)употреба на европското знаменце при носењето на некои закони во Собранието.
И додека јавноста е оптоварена со тоа дали воопшто некогаш ќе добиеме датум за преговори со ЕУ, во Македонија продолжува практиката на носење закони по скратена постапка, која е спротивна на духот на европските вредности. Под превезот на „европско знаменце“, во Собранието стигнаа и измените на Законот за државјанство, кои беа иницирани од партиите Алијансата за Албанците и Алтернатива. Со овој закон, наводно, и покрај многуте контроверзии што ги следат, според албанските партии, би требало да се реши статусот на луѓето без државјанство.

Овој закон неделава стигна во Собранието експресно да биде „решен“, откако помина на владина седница. Но ова не е единствен случај. Практиката на носењето закони по скратена процедура се провлекува одамна во работата на Собранието и не е првпат тоа да биде забележано истовремено и во европските извештаи, кои честопати ја критикуваат нашата земја, токму поради таа (зло)употреба на европското знаменце за ситни политички поени.
Големи реакции за употребата на т.н. европско знаменце (што претпоставува забрзана законодавна постапка) предизвика процедурата за усвојување на Законот за употреба на јазиците, но и целата собраниска процедура за усвојувањето на Преспанскиот договор. Исто така, брзата постапка беше применета и за легализацијата на производството на канабис за медицински потреби, како и Законот за недискриминација, кој токму поради процедурални пропусти беше оспорен од Уставниот суд… Сега со европското знаменце со Законот за државјанства, кој вторпат стигнува во парламентот, повторно им се брцнува во око на некои европски тела и органи, кои повеќепати реагираа за ваквата практика. Да се потсетиме само на острите реакции на Венецијанската комисија, која реагираше за постапката за двојазичноста. Пред пандемијата, злоупотребите со европското знаменце, кои се спроведуваат во нашиот парламент, беа укажувани и од страна на Европската комисија.
Ноторен факт во Македонија е дека политичките партии што се на власт одвреме-навреме сакаат да „протнат“ закони што им се потребни за исполнување на некакви сопствени програми, агенди и интереси, но тие често не се на иста линија со државните. И притоа овие теснопартиски осмислени и предложени закони воопшто не се европски, за да им се налепува европско знаменце.
Наспроти европските вредности, во целата ситуација дополнителен проблем е што стана вообичаено Собранието, кое е всушност законодавната власт, само да ги „аминува“ предлозите на извршната власт, т.е. на Владата и партиите, без притоа да се обиде да има суштинска дебата за оние закони што носат европски бои врз себе. Токму затоа, можеби во јавноста сега сѐ погласно се заговара и можноста за воведување кривична пријава за незаконско користење на механизмот на европското знаменце, која, според иницијаторите, би подразбирала високи затворски казни дури и до пет години затвор, токму поради злоупотреба на механизмот на европско знаменце при носењето на законите.

Но, за жал, овие состојби во кои се злоупотребуваат Европската Унија и европските вредности не се заштитен знак само за Македонија. На многу поголемо ниво вредностите на Европа и нејзините суштински темели се „газат“ во соседна Бугарија, која, пак, е членка на Унијата.
Лидерот на идната бугарска политика, Слави Трифонов, човекот од кој се очекува да ја состави идната тамошна влада, најави дека сака да испрати Бугарин и „северен Македонец“ заедно во вселената. Но зарем за него не е подобро прво да ја поправи врската долу на Земјата, па дури потоа да гледа кон вселената? Или, со други зборови, да се обиде Бугарија да го поправи своето сегашно земско досие и реноме, според кои, се рангира на дното на Европа, како своевидна црна дупка на Унијата по повеќе основи. Дури откако Бугарија ќе ги среди состојбите тука на Земјата, во насока на почитување на меѓународното право, почитување на првата на малцинствата, бескомпромисна борба со корупцијата, владеење на правото, слобода на медиумите во земјата, пазарна економија и слично, дури потоа Бугарија ќе може да размислува за вселената.

[email protected]