Здравствените предизвици во светот и кај нас

Според показателите на СЗО, здравствените предизвици со кои се соочува светот годинава се главно исти, но секако не се исти одговорите и мерките на секоја земја поединечно кон тие предизвици. Некои ќе одговорат веднаш со брзи и ургентни мерки, други побавно и долгорочно, додека кај трети и воопшто нема да се забележат какви било акција или реакција. Во која група сме ние

Не е новитет дека светот се соочува со многубројни здравствени предизвици, почнувајќи од оние што се спречуваат со помош на вакцинацијата, како што се морбилите и дифтеријата, потоа отпорноста на лекови, зголемување на бројот на луѓе што се соочуваат со дебелина и физичка неактивност, па до негативните влијанија предизвикани од загадувањето на животната средина и климатските промени. Не е новитет ниту тоа што Македонија се совпаѓа во сите лоши предвидувања што Светската здравствена организација ги има издвоено како најголеми здравствени проблеми со кои ќе се соочува светот годинава.

Загадениот воздух, дијабетесот, канцерот и срцевите заболувања, грипот, отпорноста на бактериите и микробите кон антибиотиците како и одбивањето на вакцинацијата се теми што годинава ќе бидат голем предизвик за здравствените власти, а кои нема да ја одминат ниту земјава, земајќи го предвид фактот што истите тие веќе на големо го земаат својот данок во земјава. Новитет ќе биде доколку на сите овие здравствени предупредувања анализи и показатели се одговори со нов приод, нови трендови и нови стратегии пред сѐ во превенција на сите овие загрижувачки појави. Но наместо итна акција и превенција кај нас обично само се бележи и евидентира бројот на новозаболени и се пренесуваат домашните и светските поразителни статистики.

Факт е дека народот има сериозни проблеми предизвикани од загадениот воздух, болниците за деца во зимскиот период ни се преполни благодарејќи на немањето речиси никаква акција од страна на властите, но и никаква иницијатива од страна на граѓаните, кои упорно се греат со разни отпадни материјали за да заштедат во зимскиот период. Доста голем проблем се и дијабетесот, канцерот, срцевите заболувања, но и дебелината, кои се речиси најчеста причина за смртност кај населението. Свеста кај граѓаните за грижа за сопственото здравје, водење активен живот, кој би подразбирал физичка активност, која во голема мера е важна во борбата со овие болести и состојби е речиси никаква. Брзата храна и понатаму е поприсутна на менито, наместо овошјето и зеленчукот. Сето тоа е причина за пораст на смртноста од овие причини кај населението, кои се чини дека се проблем во целиот свет.
Алкохолизмот е исто така доста сериозен проблем во нашава земја, а се чини и во светот. Сѐ поголем е бројот на малолетници што консумираат алкохол, само затоа што тоа е навика што се практикува во средините каде што живеат, но и во дел со семејствата.

Македонците имаат доста сериозен проблем и со консумирањето антибиотици „како витамини“, но тука грешката е и кај лекарите, кои истите ги пропишуваат како аналгетици. Поради тоа светот, но и Македонија, се соочува со неможност да се излекуваат бактерии што пред неколку години беа лесно решливи со една антибиотска доза. Антивакциналните кампањи изминатава година го достигнаа врвот во земјава. Епидемијата на морбили со која сѐ уште се соочуваат здравствените власти излезе од метрополата и започна да се проширува и во другите градови. Според СЗО, бројот на заболени од морбили е пораснат за 30 проценти во светски рамки. Достапноста на разни информации на социјалните мрежи предизвика сомнеж кај родителите, кои загрижени за здравјето на своите деца свесно одбиваат да ги вакцинираат, поради страв од сериозни последици по нивното здравје. И тука кампањата е минимална, односно здравствените власти не успеваат да се справат со ваквите кампањи, па ставот кај многу родители што одбиваат вакцинација е непроменет и покрај тоа што невакцинираните деца не се примаат во градинките.

Дополнително тоа што ја прелеа чашата во оваа битка е пронаоѓањето вакцини МРП со поминат рок, па родителите добија дополнително оправдание за своите постапки.
Уште еден од предизвиците е грипот, кој и оваа година зема жртви во земјава. И покрај тоа што вакцинацијата е еден од начините за превенција, многу од граѓаните ја игнорираат.

Според податоците на Светската здравствена организација, многу од овие проблеми се во ниско и средноразвиени земји. Доста голем проблем е и немањето соодветна здравствена заштита. Македонија во изминатите години се соочува со недоверба во здравствениот систем. Социјалните мрежи дополнително придонесуваат за зголемување на недовербата.

Па, така, отсуството на навремени и веродостојни информации со кои ќе се зголеми свеста кај населението, немањето активности со кои ќе се зголеми и ќе се врати довербата на граѓаните во здравствениот систем на државата, но и недоволните заложби генерално за здрав начин и околина на живеење, почнувајќи од обезбедување чист воздух, па до поголема физичка активност на граѓаните се клучните причини и ние да бидеме дел од негативните прогнози и статистики на Светската здравствена организација.

За да се подобрат состојбите, секако, освен преземање мерки од надлежните државни органи и институции, неопходно е да се поттикне и волјата на граѓаните во битката за сопственото здравје. Додека цигарите, алкохолот и брзата храна се основни продукти што еден возрасен човек ги набавува за себе во текот на еден ден, не можеме да очекуваме драстични промени во колективното здравје на населението во земјава.

Зашто според показателите на СЗО здравствените предизвици со кои се соочува светот годинава се главно исти, но секако не се исти одговорите и мерките на секоја земја поединечно кон тие предизвици. Некои ќе одговорат веднаш со брзи и ургентни мерки, други побавно и долгорочно, додека кај трети и воопшто нема да се забележат какви било акција или реакција. Во која група сме ние.