За вистината и за лагите

Разликите меѓу партиите и нивните лидери во користењето на обвинувањата за лажење кон противниците се во нијанси, но општ е впечатокот дека обвинувањата за манипулација станаа врвна алатка во агитирањето, особено во кампањата и во изборниот период. Овој пристап на политичките елити нѐ става сите во дилема дали сме општество што самото поттикнува лажни вредности и такво однесување или, пак, навистина политичката култура ни е спадната на најниско можно ниво, кога оние што претендираат да ја претставуваат државата константно дебатираат и полемизираат што е вистина, а што е лага

„Замислете што ќе беше доколку на Французите секогаш им ја кажував вистината“. Оваа e можеби една од најпознатите мисли што некогаш ги кажал поранешниот француски претседател Шарл де Гол. Во Македонија, која е во самиот финиш на изборната кампања, секојдневно слушаме различни политички вистини.
Изненадувачки, но таквите партиски вистини политичките противници ги окарактеризираат како лаги. Во кампањата секој за секого вели дека лаже и не ја говори вистината.
Се добива впечаток дека најчесто користен збор од устите на политичките елити без исклучок е токму зборот лаже. Имено, евидентно е дека политичките карвани предводени од лидерите не нѐ штедат при користењето на овој „епитет“ кога говорат за таборот на противникот, па преку видеоспотовите на ТВ-екраните, на разните дебати и од говорници на средбите со граѓаните може да се слушнат обвинувања дека политичарите лажат за поништување на Преспанскиот договор, за економските политики, за невработеноста, за борбата против корупцијата и криминалот, за функционирањето на правната држава…

Разликите меѓу партиите и нивните лидери во користењето на обвинувањата за лажење кон противниците се во нијанси, но општ е впечатокот дека обвинувањата за манипулација стана врвна алатка во агитирањето, особено во кампањата и во изборниот период. Овој пристап на политичките елити нѐ става сите во дилема дали сме општество што самото поттикнува лажни вредности и такво однесување или, пак, навистина политичката култура ни е спадната на најниско можно ниво, кога оние што претендираат да ја претставуваат државата константно дебатираат и полемизираат што е вистина, а што е лага.
За гласачите и воопшто за граѓаните е навистина непријатно кога директно од устата на политичките лидери слушаат квалификации дека политичкиот противник лаже – суши. Тоа воопшто не влијае на мотивираноста на гласачите. Кој впрочем би излегол да гласа за лажговци, без разлика кој и да е тој.

Ако има индиции и докази дека некој ги измамил граѓаните, ја злоупотребил функцијата или направил каква било проневера, тука се институциите на системот и постапката треба да се води таму.
Во оваа мрежа од парадокси, потенцијалните идни народни избраници со голема леснотија ветуваат зголемувања на платите и пензиите, но очигледно никој од нив не го калкулира ризикот со кој се соочува и со кој допрва ќе се соочи македонската економија, која наесен ќе биде повторно пресечена во развојот од вториот бран на пандемијата на опасната болест. Нашата држава
веќе неколку месеци е навлезена длабоко во пандемијата и иако сме сведоци на многу мерки за справување со опасноста од нејзиното постоење, сепак последиците ќе се чувствуваат многу подолго.

Многумина се надеваа дека вирусот на некој волшебен начин ќе исчезне и последиците нема да бидат многу страшни, но постои опасност тоа да не е така. Притоа не се мисли само на здравствените проблеми, туку и на сите други придружни проблеми, од кои се чини дека економските ќе бидат најтешките. Тие веќе почнаа да се пресметуваат – нивото на вработеноста се намалува, а невработеноста расте, производството и трговијата се намалуваат, инвестициите ги снемува, доходите згаснуваат и економијата тоне. Во едни вакви околности да се даваат мегаломански ветувања за сѐ и сешто, за раст на плати, пензии и слично без притоа да се пресметаат последиците од корона-кризата е по малку несериозно.
Па оттука наместо да се обвинуваат за лажење, политичарите треба да ни понудат конкретни реални, обмислени развојни стратегии и проекции со одреден рок, кој ќе мора да го спроведат ако сакаме да опстоиме во едно општество, кое ќе се бори долго време со последиците од кризата.

Натаму, засилената изборна трка се чини дека го засени здравствениот елемент на овие избори. Партиите, со чест на одредени исклучоци, во суштина одржуваат, како пред вирусот, класични масовни митинзи, а поддржувачите на партиите и натаму во најголем дел без маски се туркаат меѓу себе скандирајќи партиски пароли. Во ова предизборие, недостигаат и конкретни мерки, односно решение како ќе живееме кога изборната трка ќе заврши. По стоте дена од формирањето на идната влада, ќе дојдат есента и студеното време, а со тоа и ризикот од ширење на заболувањето ќе се зголеми. Никој од политичарите не даде јасни прогнози како ќе се менаџира со земјата, дали ќе се воведат повторни полициски часови и рестрикции. Нашите лидери најверојатно и немаат одговор на овие состојби, но јавноста заслужува да знае како ќе се справиме со, веројатно, најголемиот предизвик на денешницата – а тоа е коронавирусот.

За неколку дена ќе заврши и оваа кампања како и секоја друга пред неа, но недокажаностите во изборната трка остануваат и натаму да тежат над општеството и над длабоко политички поларизираната држава.
Во земја што е членка на НАТО и која е на пат во скоро време да се приклучи кон европското семејство, едноставно се недопустливи ваквите однесувања.
На крајот од денот гласачите во оваа кампања ќе имаат навистина тежок избор да поверуваат во вистинитоста на кажаниот збор на политичките елити, а потоа и да гласаат за онаа политичка опција со која ќе се идентификуваат врз идеолошка или некоја друга основа.

Македонија е млада држава, на врвни функции многу често изминатите години и децении се наоѓаа неискусни политичари, но сите повеќе или помалку ги научија тајните на политичкиот маркетинг. Дека постојат ветувања што убаво звучат и луѓето сакаат да ги слушаат. Можеби тука може да се најде и објаснување за многубројните неисполнети ветувања што ги слушнаа македонските граѓани во изминатите децении самостојност. Некои се веќе заборавени, други спакувани елегантно како скапи проекти, но сите заедно сѐ уште сведочат за демагошките способности на македонските политичари.

[email protected]