За вирусите, медиумите и веродостојноста

„Правилните публикации што ја содржат човечката вистина секогаш ги надминуваат бариерите на времето.“ Ова е една од повпечатливите мисли што ги кажал американскиот писател и публицист Адам Копник за која можеби треба да се подразмисли во моменти кога вирусната пандемија и опасните болести ги ставаат општествата на сериозен тест.
Ние во моментов живееме во време полно со опасности од коронавирусот и секојдневно се соочуваме со нови и нови предизвици, искушенија, недоумици, кои се наметнуваат во новонастанатите околности. Иако изненадени, збунети, конфузни и со не докрај дефинирани постапки, треба да признаеме дека ова не ни е првпат вака да реагираме. Ниту, пак, ни е првпат да се соочуваме со вакво нешто. Тоа што ние не учиме од историјата, не извлекуваме заклучоци од нешто што некогаш се случило, кои заклучоци во иднина би биле целисходни, или пак што немаме подготвени сценарија како матрица за нешто што веќе било и поминало, е тоа е наш проблем.
Еве, конкретен пример за тоа е и корона-кризата. Образложение? Може!
Имено, пишувањата на нашиот весник „Нова Македонија“ сведочат за едно слично бреме, за едно немило искуство низ кое минала нашата татковина, но и остатокот од светот. Ова е информација што очигледно ја заборавиле сите, и граѓаните и државата, а можеше да биде многу корисна за сите нас: институциите, државата, граѓаните, економијата, здравството, образованието… Па, што и ако многу поразвиените држави немале кризно сценарио и менаџмент за ваков тип криза. Ние, рака на срце, можевме да имаме. А сето сведоштво (за кое ви пишувам, а кое неделава го реобјави нашиот весник) не беше фрлено во заборав, бидејќи е документирано во печатот на нашиот најстар македонски медиум. Да, кај нас. Нашите сведоштва се живи, употребливи, значајни. Ако сакате, тие се и бесценети. Дали сме свесни за тоа какво богатство е архивата на „Нова Македонија“?

Еве, стигнувам до поентата, која се однесува токму на сѐ уште тековниов горлив проблем за борбата со коронавирусот. Во архивата на весникот има текстови за т.н. хонгконшки грип што во земјава пристигнал есента и зимата 1969 година, бидејќи, за разлика од денес, кога коронавирусот поради глобализацијата пристигна од Кина за неколку недели, тогаш за префрлање на вирусот од Азија во Европа биле потребни повеќе месеци.
Насловните страници на нашиот весник пред повеќе декади, слично на денешните писанија, се полни со наслови: „Од грип болен секој четврти Италијанец“, „Епидемијата на грип се шири низ Европа“, „Епидемија на грип во целата земја“, „Епидемијата на грипот не стивнува во Македонија“, „Во Дебар прогласена состојба на епидемија на грип“, „Многу заболувања во Свети Николе“…
Очигледен е фактот дека малкумина денес се сеќаваат на таа пандемија, која има големи сличности со денешната на ковид-19. Тоа се материјални докази што останале, бидејќи пристапот кон публикување целовити и веродостојни информации на „Нова Македонија“ е прелеан во традиција на весникот. Па, зар да го оставиме ова под пластови прашина на заборавот? Или пак, напротив, можеме забележаното и напишаното како искуство да ги искористиме во наша полза и за заеднички цели и вредности?

Поради оваа причина треба да се сфати дека „Нова Македонија“, а со тоа и остатокот од професионалните медиуми играат огромна важност во нашата земја, и во минатото и сега. Не само поради тоа што тие информираат за актуелните опасности поврзани со коронавирусот или со сличните болести туку тие им даваат слика и поука на граѓаните и институциите за најефикасните модели од справувањето со проблемите од јавен, општествен карактер. Тука е битието т.н. седмата сила во Македонија, а за оние што навистина ја разбираат, вистинските медиуми се најблизок партнер на граѓаните што обезбедувајќи точни, вистинити и веродостојни информации, застануваат зад јавниот, колективен, со цел одржлив развој на општеството.
Новинските написи се огледало на една држава и клучен елемент за „здравјето на јавната сфера“, просторот во кој слободно се артикулираат различните идеи, мислења и ставови, а седмата сила со својата функција обезбедува можност за пристап до информации, размена на прогресивни, конструктивни и конкурентни мислења и идеи, можност за анализи на случувањата во државата преку оформување клима за ефективна медиумска писменост.
Со еден збор, пишувањата на „Нова Македонија“ и на другите професионални медиуми во земјата е основата на просперитетот, развојот и справувањето и со коронавирусот во Македонија и во Европа.

Токму поради тоа медиумите се и највисоко на агендата на ЕУ и еден од клучните услови за нашето приближување кон Унијата.
Во меѓувреме, и во светот во оваа ситуација многумина се потпираат на традиционалните медиуми, токму поради нивната професионалност во работата. Во заклучоците од една неодамна објавена студија на Ројтерс, спроведена врз испитаници во Аргентина, Германија, Јужна Кореја, Шпанија, Велика Британија и во САД, стои дека традиционалните медиуми имаат значително поголем кредибилитет отколку социјалните медиуми кога се говори за битката со коронавирусот. Според студијата, експерти и претставници на здравствените власти уживаат многу голема доверба, дури и повеќе од традиционалните медиуми. Но како допираат тие до населението? Токму така – преку медиумите.
Овие сознанија се уште поголем притисок врз нас, новинарите, за поголема одговорност: мораме да ги филтрираме релевантните и вистински информации за нашите вести. Мораме од понекогаш контрадикторните информации што ни ги даваат виролозите, економистите и самопрогласените експерти, да го исчистиме „плевелот од пченицата“. И конечно, сето тоа мораме да го спакуваме да биде разбирливо и атрактивно. Тоа, секако, ни е работа и во нормални времиња. Но разликата е во тоа што сега прекумерниот обем на информации треба да се преработи со намален персонал, од кој најголем дел не е заедно во канцеларија, туку работи од дома. Исто така, голем број медиуми имаат и сериозни финансиски проблеми, бидејќи нивниот приход од рекламите опаѓа поради кризата. Покрај тоа, многу статии и видеостории за вирусот, кои инаку би се наплатувале, поради кризата се достапни бесплатно – поради што и овој приход недостига.

Токму поради сериозноста од состојбите треба да се сфати дека потребата од професионални и традиционални медиуми е важна како никогаш досега. Истовремено, многу традиционални медиумски куќи се борат за преживување. Но сите ние можеме да придонесеме со тоа што би плаќале за медиумските сервиси што ги користиме. Поголемиот дел од квалитетните медиуми вреди за цената.
Во секој случај, за поздравување е најавената субвенциска поддршка што се предвидува за печатените медиуми во земјата. И помошта за дигитализација на бесценетоста архива на „Нова Македонија“ би била идеално ако наскоро се планира и се помогне. И да расчистиме со дилемата дека со тоа се корумпираат медиумите. Тие се пари на граѓаните, кои сакаат да бидат точно и навремено информирани и кои ги вложуваат за да добијат таков сервис и услуга. Владата само ги алоцира тие средства и ги става во функција на граѓаните. Всушност, професионалноста и стриктното почитување на стандардите и принципите на новинарството се поддршката што ја бараат граѓаните. Таквиот вид новинарство всушност ни помага на сите нас, нацијата, граѓаните и на нашата држава да продолжи целосно да се стави во функција на општествените предизвици, како овој со корона-кризата, да ги совлада и преброди, бидејќи сите ние заслужуваме подобро утре, просперитет и благосостојба.

[email protected]