Зарем сѐ е однапред диво решено?

Колку и да е „уметност на искористување на можностите“, политиката сепак треба да биде рефлексија на вистината, правдата, науката, историјата. Пренесено на актуелната македонска политичка ситуација, на притеснетост меѓу историско-идентитетските уцени на Бугарија и можноста за започнување преговори со ЕУ, официјалната политика не смее да остане глува на гласот на институциите, науката, вистината и правдата

Делот од европската офф-сцена (театарски кажано, со значење – надвор од главната сцена) за претставата на Македонија е повторно поставена. Дури можеби ниту сценографијата не е разместена од последната изведба на текстот без официјален наслов, но со постојана работна верзија – Вето за македонските евроинтеграции. Оваа „претстава“ на споредната сцена на ЕУ се игра некаде од 2009 година, кога Македонија ја доби првата препорака од Европската комисија за започнување преговори за членство во Унијата. Многу години улогата на главниот негативец во македонско-европската приказна ја толкуваше соседна Грција, која го искажа сиот „опструктивен талент“, толку потребен за успешна реализација на комплексниот карактер на злонамерна сосетка, која е загрижена за добрососедството во маалото, т.е. во регионот. Во критиката на светската јавност (т.е. ЕУ и НАТО) беше оценето дека оваа претстава е завршена со среќен крај, со Преспанскиот договор, а Македонија во епилогот добива свое алтер-его, со додавање географска одредница „северна“ пред името. Иако беше прогласен „хепиенд“ и беше разгласено дека веќе нема пречки до натовската и европската прегратка за Македонија, како никој од актерите да не веруваше во снимените аплаузи за крај и постојано се подгреваше неизвесноста за ново продолжение. На „барање“ на европската публика, Бугарија се пријави за улогата на завидливата (добро)сосетка, подготвена за измислување нови сплетки на истата сцена за продолжување на претставата за македонскиот од по лавиринтите на повеќеслојните стандарди и критериуми за проширување на ЕУ.

По неколкумесечното континуирано соочување со заканите за вето од страна на Бугарија, втемелени на уцени за целосна бугаризација на македонскиот национален идентитет со посредство на синтагмата „заедничка историја“ и оспорување на лингвистичката автохтоност на македонскиот јазик, македонската јавност е вознемирена од ефектот на „дежа ви“ (веќе видено), во однесувањето и изјавите на европските официјални политичари, но и од нетранспарентната подготвеност за нови отстапки кон бугарските уцени од македонскиот т.н. преговарачки тим. Во изјавата на еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји, со која ја повикува Македонија „да излезе во пресрет на загриженоста на Бугарија за се најде решение прифатливо за двете страни“, па и да ѝ го намали ризикот на ЕУ „да стане неверодостојна во исполнување на ветувањата што ги дала кога одлучила да отвори преговори“, се препознава континуитет во лицемерството и двојните стандарди на европските претставници во однос на критериумите за проширување, кога станува збор за македонските евроинтеграции. Истото препознавање се случува и со препораката за „билатерално решавање на спорот со Бугарија, кој не треба да биде услов во преговорите“, но од Македонија се бара „да излезе во пресрет“. Вознемиреноста во македонската јавност е до толку поголема, поради нескриената сличност со „грчкото сценарио“ за вето, од чиј исход Македонија излезе со разочарувачка рестрикција за манифестирање на својот историски и современ идентитет, но не ги доби целосно ветуваните перспективи. Членството во НАТО, со непланирани одложувања можеби е реализирано, но бугарската опструктивност за влез во ЕУ претставува закана за целосна деградација до поништување на македонскиот национален идентитет.

Во овој период на подготовка за претстојниот самит на ЕУ, што треба да започне на 8 декември, забележливо е зголемување на интензитетот и формите на преговори меѓу Македонија и Бугарија за некакво „приближување на спорните разлики и интерпретации“, со намера за повлекување на ветото. На политичарите, и во Брисел и во Скопје, им е јасно дека Бугарија во овој политички миг нема интерес да ги напушти своите тврди позиции и уцени спрема Македонија, но се трудат да остават впечаток на „конструктивни дипломатски напори“. На 3 и 4 декември се одржа виртуелен состанок на мешаната македонско-бугарска историско-образовна комисија, која работи под исклучително силен политички притисок. Бугарската страна настојува да издејствува од македонската признавање на заедничка, т.е. бугарска историја до 1944 г., како аргумент за уште една изнуда – признавање на бугарските корени на македонската нација. Македонската влада назначува и специјален преговарач со Бугарија, во ликот на еден поранешен македонски премиер, кој сѐ уште нема јасно и јавно презентирана програма и план за работа и дејствување, што пак остава простор за различни интерпретации. Истовремено, официјалните македонски научни и духовни институции (МАНУ, МПЦ, УКИМ, Институтот за национална историја, Институтот за македонски јазик), се обидуваат да ги исцртаат македонските „црвени линии“ – да не се прифаќаат преговори за македонскиот идентитет, историја, за македонскиот јазик…

Но некои официјалните македонски политичари преку некои свои проблематични тези и изјави, како да даваат сигнали до бугарската страна дека не го земаат предвид гласот на институциите. Секако, тоа го поттикнува сомнежот дали изјавите на македонските политичари се навистина непромислени лапсуси, или подготвени реплики од некаков политички диктат. Колку и да е „уметност на искористување на можностите“, политиката сепак треба да биде рефлексија на вистината, правдата, науката, историјата. Пренесено на актуелната македонска политичка ситуација, на притеснетост меѓу историско-идентитетските уцени на Бугарија и можноста за започнување преговори со ЕУ, официјалната политика не смее да остане глува на гласот на институциите и револтот на јавноста. Особено што се чини дека Македонија игра во реприза на една претстава на европската сцена со диво режирани уцени, однапред смислени сценарија со штетни решенија.