Зарем корупцијата ни е судбина

Навистина мала и наивна е утехата дека некој ќе го „наплати“ тоа преку меѓународните судови. Вистинската штета што ја трпат државата и општеството не може да се пресмета само врз основа на сумирањето на износите исплатени како поткуп или како награда за незаконското користење на државните ресурси. Таа вклучува и материјални и секакви други загуби поради непрописната распределба на
средствата, нарушувањето на системот на субвенции, демотивирање на потенцијалните инвеститори… Но она што е најстрашно, корупцијата ја урива
довербата во институциите и во нивната ефикасност во поглед на давањето јавни услуги и на сервисирањето на стопанството…

Бесконечните дебати околу тоа како да се справи државата со криминалот и корупцијата во високите и највисоките нивоа на власта, кои, наместо цел како да станаа средство само за себе, доведоа до тоа Македонија незапирливо да „напредува“ на листите на сите релевантни домашни и меѓународни организации и институции што, барем според описот на нивната работа, меѓу другото, се занимаваат и со мерење на индексот и на перцепцијата на корупцијата во одделни држави. Македонија, според сите тие, упорно назадува токму поради нецелосно и недоследно реализираните прокламации за борба против корупцијата.
И додека на невладините организации, кои во најголем дел цело време мошне вешто танцуваат на дневнополитичките тактови, тоа и не може и не треба да им се земе како преголемо зло, бидејќи тие само си најдоа простор за дејствување и пред никого и никому не му се заколнаа дека чесно и одговорно ќе му служат на јавниот интерес, експонентите на државните институции, без никакви задршки, можат и треба да се повикаат на одговорност за сработеното и за несработеното во делот на спречувањето на корупцијата.
Настрана тоа што правосудството, редици владини тела, органи, сектори, па дури и функцијата заменик на претседателот на Владата за борба против корупцијата, за одржлив развој и човечки ресурси, се востановени заради, како што рекоа, поефикасна и поефективна борба против корупцијата. Најавените позитивни резултати никаде ги нема, или барем тие не можат да се видат со голото око на обичните смртници. Стои тоа дека офталмолошкиот наод на овдешната популација е исклучително лош, но навистина е тешко да се добие термин за преглед, а камоли за интервенција кај очен лекар или, не дај боже, хирург, но сепак останува она што би можело да се нарече општ впечаток дека нештата стануваат сѐ позаматени, понејасни, позамаглени…

Одделните претставници на Владата во оставка, исто како и сите нивни претходници, повеќе или помалку убедливо, се обидуваат на јавноста да ѝ понудат некакви перспективи во однос на борбата против корупцијата, но тоа сега веќе повеќе звучи како повторливото блеење на предводниците на заскитаното стадо на кратконоги и ситнозаби домашни животни отколку на издржани и издржливи визии и стратегии и политики на луѓето што се способни и решителни да го зауздат тоа зло. И секако, да ја оправдаат својата функција во државата и во општеството.
И така, сакале или не, стигнавме и до највисоката и најстрашна форма на корупција, која, според некои оцени и согледувања што веќе беа експлицирани во „Нова Македонија“, резултира и со продажба на националните интереси, што многу повеќе отколку неколку милиони денари извлечени од државниот буџет за нови вработувања или за службени патувања во егзотични дестинации би требало да биде предмет на интерес на надлежните.
И доколку за ваквите „изблици“ на корупцијата и може да се дозволи да се каже оти се инцидентни и тешко доказливи, што секако не значи дека никој со нив не треба да се занимава, очигледни се безбројните и веќе редовни примери на корупција со кои некој навистина би требало систематски да се позанимава.

И додека на невладините организации, кои во најголем дел цело време мошне вешто танцуваат на дневнополитичките тактови, тоа и не може и не треба да им се земе како преголемо зло, бидејќи тие само си најдоа простор за дејствување и пред никого и никому не му се заколнаа дека чесно и одговорно ќе му служат на јавниот
интерес, експонентите на државните институции, без никакви задршки,
можат и треба да се повикаат на одговорност за сработеното и за
несработеното во делот на спречувањето на корупцијата

Навистина мала и наивна е утехата дека некој ќе го „наплати“ тоа преку меѓународните судови. Вистинската штета што ја трпат државата и општеството не може да се пресмета само врз основа на сумирањето на износите исплатени како поткуп или како награда за незаконското користење на државните ресурси. Таа вклучува и материјални и секакви други загуби поради непрописната распределба на средствата, нарушувањето на системот на субвенции, демотивирање на потенцијалните инвеститори… Но она што е најстрашно, корупцијата ја урива довербата во институциите и во нивната ефикасност во поглед на давањето јавни услуги и на сервисирањето на стопанството, што неизбежно резултира со нарушување на државниот легитимитет и со политичка нестабилност од една страна и со економска несигурност во која компаниите не се во состојба да ги спроведуваат своите долгорочни развојни стратегии, а со тоа и да го остварат многу посакуваниот одржлив развој од друга страна.

[email protected]