Запален фитиљот на кашмирското буре барут?

Опасната комбинација на сѐ поголемиот хинду-национализам во Индија, локалниот револт против индиската влада, џихадистичките групи што водат хибридна војна во индиски Кашмир, како и нуклеарниот арсенал на двете земји, го претворија Кашмир во вистинско геостратегиско буре барут. Одлуката на Њу Делхи за укинување на специјалниот статус на немирниот регион се заканува да го запали фитиљот на ова буре барут. Сето ова личи на партија брзопотезен шах, во која мора брзо да се предвиди што ќе направи следно противникот, па соодветно на тоа да се прераспоредат фигурите

На оние што, по некоја случајност, геополитиката им е професија (или хоби) деновиве воопшто не им е здодевно. Откако Блискиот Исток, „непослушната“ Русија, Венецуела и „одметнатиот“ Мадуро и американско-кинеската трговска војна, редовно ги полнеа насловните страници на светските медиуми, почнува нова епизода од глобалната драма. Главни актери се Индија и Пакистан, додека, пак, главната споредна улога неизбежно ја доби немирниот Кашмир. Режијата (овој пат) е на индискиот премиер Нарендра Моди, а сценариото во кратки црти би изгледало вака: „Њу Делхи ја укинува автономијата на индискиот дел на Кашмир, Исламабад се заканува дека ќе стори сѐ да ја измени, а светската јавност со стравување гледа дали нуклеарните сили ќе ја преминат ’црвената линија’ и ќе приредат апокалипса во неколку чина во овој дел на Азија“. Како да не е тоа доволно, една од страните се обидува да издејствува улога и за, кој друг ако не, американскиот претседател Доналд Трамп. Интересен заплет, што сигурно ветува целовечерна „забава“ за геополитичката елита…

Шегата настрана, како успеа Кашмир да им ја украде (барем за момент) медиумската слава на горенаведените глобални точки на вриење? Најзаслужни за тоа, секако, се премиерот Моди и хинду-националистичката влада во Њу Делхи. Станува збор за неговата одлука за укинување на специјалниот статус на индискиот дел од оваа немирна област и нејзино воведување под директна контрола на централните власти. Поништувањето на членот 370 од Уставот, кој гарантираше голема автономија за единствената сојузна држава во Индија со муслиманско мнозинство, беше проследено со (очекувана) гневна реакција на локалните кашмирски власти, но и на официјален Исламабад. По заканата на пакистанските власти дека сите опции се отворени, следуваше најава за протерување на индискиот амбасадор, како и за прекинување на трговијата помеѓу двете земји. Од друга страна, пак, Индија претходно во овој регион испрати засилување од илјадници војници, стравувајќи од можни напади на широката палета џихадистички и сепаратистички групи.

Гледано низ призмата на домашната политика, има некаква логика зад одлуката на Моди. Со укинувањето на автономијата се исполнува повеќедеценискиот сон на индиските националисти, кои не може да се помират со поделбата на Кашмир, како и на актуелното мнозинство во парламентот, кое потекнува од редовите на владејачката (националистичка) партија. Затоа и немаше парламентарна дебата за одлуката, која, пак, стапи во сила веднаш откако ја потпиша индискиот претседател.

Но на надворешен план работата не е толку лесна. Моди можеби ги контролира парламентот и Владата, но нема да може да ја исконтролира реакцијата на другата страна. Индија и Пакистан досега водеа три војни, од кои две беа токму поради Кашмир. Како што изминуваа годините, двете земји беа примени во глобалниот атомски клуб, односно создадоа респектабилен нуклеарен арсенал. Истовремено, кашмирскиот оган наизменично се разгорува, па тлее, па повторно се разгорува, па следува период на привидна деескалација… За волја на вистината, голем дел од вината имаат и властите во Исламабад и нивната стратегија за „вечно крвавење“ на Кашмир, сѐ додека областа не се отцепи од Индија и(ли) се припои кон Пакистан.

Интересно е што одлуката на Њу Делхи следуваше непосредно по „дарежливата“ понуда на американскиот претседател да посредува во спорот помеѓу двете земји. Пакистанскиот премиер веднаш ја прифати подадената рака на Трамп, но, од друга страна, Моди беше доста категоричен во нејзиното отфрлање. Индискиот премиер испрати јасен сигнал, порачувајќи дека кашмирското прашање е проблем што ќе го решаваат само Индија и Пакистан…

Оваа многу опасна комбинација на сѐ поголемиот хинду-национализам во Индија, локалниот револт против индиската влада, џихадистичките групи што водат хибридна војна во индиски Кашмир, како и нуклеарниот арсенал на двете земји, го претворија Кашмир во вистинско геостратегиско буре барут. Одлуката на Њу Делхи за укинување на специјалниот статус на немирниот регион се заканува да го запали фитиљот на ова буре барут. Сето ова личи на партија брзопотезен шах, во која мора брзо да се предвиди што ќе направи следно противникот, па соодветно на тоа да се прераспоредат фигурите. Моди го направи првиот чекор, отворајќи се со историски гамбит, но пред него стојат голем број неизвесности.

[email protected]