Замаец

Фудбалот во Македонија доби нова голема потпорна точка, врз која може да ја гради иднината, а тој успех да стане замаец. Во ракометот, на пример, сериозната работа со години во континуитет донесе тој спорт да е спорт број еден во Македонија. Успехот раѓа успех, а ракометот јава на тој бран на успесите на сениорите, сега веќе и на младинците, десетина години во низа. Најважното е тоа што во тој спорт постојано се создаваат нови млади играчи

Да се биде на 180 минути до најголемиот фудбалски успех на сениорската репрезентација е резултат за почит, но истовремено и достигнување што неизоставно треба да се ползува. Македонската фудбалска репрезентација неодамна го заокружи тоа што го очекуваа сите, а селекторот Игор Ангеловски и фудбалерите го најавуваа – победи во групата четири од лигата Д на Лигата на нациите на Европската фудбалска унија (УЕФА). Со тоа таа се пласира во посилна конкуренција за следното издание на Лигата на нациите, но, што е поважно, ќе игра во плејофот на лига Д, од каде што по два меча победникот ќе настапи на Европското првенство во 2020 година.
Овој успех не е воопшто мал, иако доаѓа во конкуренција на четвртата лига. Минатиот труд на репрезентацијата придонесе А-тимот да стартува во последната лига, па црвено-жолтите максимално ја искористија дадената шанса со реализацијата на идејата за едно вакво фрагментирано континентално натпреварување, но и фактот дека во исто време созрева најталентираната генерација, онаа што го донесе најголемиот успех досега на македонскиот репрезентативен фудбал во која било возрасна категорија и која во вистинско време заигра заедно со повеќе екстра-квалитетни и искусни репрезентативци, стандардни фудбалери во силни клубови и првенства. Така, деловите од мозаикот само и сами се составија.

Откако пред две години го остварија најголемиот успех, обезбедување пласман на Европско првенство за фудбалери до 21 година, петнаесетина репрезентативци од таа генерација сега се во сениорската селекција. Многу од нив како стандардни фудбалери на најдобриот тим. Сите тие беа во составот и на селекторот Благоја Милевски за настап на Европското младинско првенство во 2017 година во Полска, по кое Македонија е 12-та младинска репрезентација во Европа. Тоа е генерацијата млади, која, на пример, кога го трасираше патот за настап на младинското Европско првенство, ја исфрли велесилата Франција, за која тогаш настапуваа седуммина идни сениорски светски прваци (од Мундијалот годинава во Русија).

Рецептот на успешните е токму тоа – целите секогаш да се поставени високо и да не се запре додека не се достигнат. Но фудбалската преродба ќе се случи кога ќе има постојано нови генерации што ќе ги мотивираат со својата конкурентност за уште поголеми дострели постарите колеги, за потоа и нивната приказна да биде вткаена во достигнувањето ново ниво итн. Како во ракометот

Секако дека е долг патот да се стане 12-ти и во сениорска конкуренција. Но ова поднебје дава квалитетни фудбалери, оти да не е така не би излегле оттука две генерации младински прваци на некогашната СФРЈ и победници на куп, две сениорски со трофеи (куп и првенство), многу врвни поединци, од кои тројца со европска и со светска титула во клупска конкуренција, еден од нив и со „златна копачка“ на Европа итн. Тој „ген“ и овој фудбалски бран треба да бидат и појдовната основа на ползувањето на овој „мал чекор за фудбалската репрезентација, но голем скок за македонскиот фудбал“, за нов напредок.

Фудбалот во Македонија доби нова потпорна точка, врз која може да се гради иднината, а тој успех да стане замаец. Во ракометот, на пример, сериозната работа во континуитет со години донесе тој спорт да е спорт број еден во Македонија и да биде единствен што, на пример, истовремено има и клупски (постојани учесници во Лигата на шампионите) и репрезентативни успеси (редовно се игра на ЕП, СП и во квалификации за ЛОИ) и продуцира наследници што доаѓаат како на филмска лента. Успехот раѓа успех, а ракометот јава на тој бран на успесите на сениорите, сега веќе и на младинците, десетина години во низа. Најважното е тоа што во тој спорт постојано се создаваат нови млади играчи.

Репрезентативниот фудбал покажа дека успесите веќе не се само желба. Но многу е важно и тоа дека новите генерации сега имаат и јасна, иако и доста висока, цел – да ги престигнат успесите, прво на младите, а потоа и на сениорите. Летвичката на успехот сега уште повисоко ја поставува и Ангеловски, со барањето неговите избраници да се пласираат на Европското првенство во 2020 година, сеедно дали преку квалификациите или преку пократкиот пат, Лигата на нациите.

А рецептот на успешните е токму тоа – целите секогаш да се поставени високо и да не се запре додека не се достигнат. Но фудбалската преродба ќе се случи кога ќе има постојано нови генерации што ќе ги мотивираат со својата конкурентност за уште поголеми дострели постарите колеги, за потоа и нивната приказна да биде вткаена во достигнувањето ново ниво итн. Како во ракометот.

Успешните испраќаат порака дека илјадниците часа напорна работа, „катализирани“ со максимална волја, голем ентузијазам, силни карактери, многу откажувања, правилна работа… носат успех. Тие не признаваат величини, туку се стремат кон нив.
Во спортот нема пократок пат. Само треба да се следи трагата.