Зависните политичари, правото и ланскиот воздух

Во сферата на политиката има и мноштво зависници од феноменот на моќта. Било да станува збир за нејзини директни консументи или, пак, за оние што гравитираат околу неа и настојуваат да бидат што поблизу до врвот, условно кажано. Па, така, ќе сретнете правници, историчари, аналитичари што се подготвени да поплукаат или да погазат и историски факти, правни докази, па дури и својата диплома, само да им угодат на нечии политички апетити, желби или планови. Таквата зависност, поточно сервилност, се разбира, е погубна не само за владеењето на правото туку воопшто за државата

Педантниот дијагностичар на македонските болки и проблеми повторно погоди директно во целта. Човекот чии препораки пред неколку години станаа клучен предуслов за наше членство во ЕУ и водилка во кој правец треба да се движат реформите, овој пат го впери прстот кон политичарите. Без влакна на јазикот правниот експерт од Европската комисија, Рајнхард Прибе, го кажа она што веројатно многумина го знаеме, дека клучен услов за владеење на правото се независни политичари.
Значи ќе повторам уште еднаш. На Македонија ѝ се неопходни независни политичари, заклучил Прибе. Понекогаш се потребни промени во законодавството, а за тоа треба независни политичари што ќе направат соодветни реформи. На таков начин правниот систем ќе може да воспостави независност. Без демократско управување, не може да постои ниту владеењето на правото, порача Прибе.

И сега кога ја знаеме дијагнозата, треба да се пропише и соодветна терапија. Но пред тоа уште неколку збора за причините за проблемот. Со оглед на фактот што Македонија веќе со години континуирано има големи проблеми и тешкотии токму со правната држава и владеењето на правото, според констатацијата на Прибе, логично се наметнува и заклучокот дека за цело ова време, всушност, ние како држава сме немале независни политичари. По некоја аналогија, тоа значи и дека генерално сме немале независни институции, независно правосудство, независен невладин сектор итн. Со чест на исклучоци, се разбира.
Не знам дали Прибе оваа своја констатација за зависните политичари ја упати случајно или намерно, токму сега во месецот кога одбележивме 28 години од независноста на државата, но директни потврди на неговите тези стигнаа уште веднаш, и тоа не една, туку мноштво. Својата зависност политичарите ја демонстрираа на дело, и не само тие.

Еве, да се обидеме по метод на споредба и вкрстување на факти да дешифрираме од што тие најмногу се зависни. Многумина од политичарите се зависни од своето его. Нивната премиса е тие и никој друг. Не може некој друг да им кажува што е најдобро за државата. Понатаму. Еден добар дел од политичарите е зависен од минатото (свое, на нивните сопартијци или на партијата во целина). Поради оваа своја зависност, политиките на партијата ги насочуваат кон минимизирање, анулирање или перење на последиците од тоа нивно неславно минато. Притоа не се води сметка дали таа нивна зависност и практика можеби одат на штета на интересите на државата и граѓаните. За ова има редица примери, кои сега нема да ги набројувам. Во интерес на просторот и времето.
Други политичари се зависни од одредени незаконски, сомнителни, коруптивни мрежи во кои на еден или на друг начин и самите се вплеткани. Затоа настојуваат по никоја цена да не се открие тоа. За таквите секоја жртва е поднослива, па одат и дотаму што преку злоупотреба на правната држава се обидуваат да ги покријат своите кашканици.
Во сферата на политиката има и мноштво зависници од феноменот на моќта. Било да станува збир за нејзини директни консументи или, пак, за оние што гравитираат околу неа и настојуваат да бидат што поблизу до врвот, условно кажано. Па, така, ќе сретнете правници, историчари, аналитичари што се подготвени да поплукаат или да погазат и историски факти, правни докази, па дури и својата диплома само да им угодат на нечии политички апетити, желби или планови. Таквата зависност, поточно сервилност, се разбира, е погубна не само за владеењето на правото туку воопшто за државата. Прибе сигурно го воочил тоа и затоа ни го посочува.

Понатаму. Во општествениот систем имаме значителен процент зависници од странска асистенција, да не речам од туѓа нега. Тоа се оние чинители, кои при најмала тешкотија се вртат кон дипломатските претставништва, странските мисии итн. Тие обично немаат свој став и свое изградено мислење за одредено прашање и се зависници од туѓото наметнато мислење. И не само од мислење туку се зависници и од туѓата помош и асистенција.
Еве, само еден збунувачки пример, кој е актуелен во моментов, и кој, да бидам искрен, најмногу ме фрапира.
Преку медиумите дознаваме дека вработените во СЈО испратиле писмо до државниот врв, но и до некои странски амбасадори, во кое бараат тие да се заложеле за нивно останување на работа. Ај што бараат помош од државниот врв некако и ќе разберам, но зошто се обраќаат до странците. Замислете една највисока обвинителска институција, која треба да претставува симбол за ред и поредок во државата, се обраќа и бара помош од странските дипломати.
Ваквиот потег во најмала рака е директна и груба навреда на граѓаните на Македонија и на целиот државен систем. Баш ги здоболи странците кој кај ќе работи, пред и по 15 септември. Тоа воопшто не е нивна надлежност. Може само да се изнасмеат и да го фрлат писмото во канта. Или да го архивираат како доказ на нечија зависност. Вистината е дека случувањата околу СЈО најмногу ги погодува и ги боли само македонските граѓани, кои со години со свои пари им ги полнеа џебовите на сите од СЈО и очекуваа правичност и правдина. А што добија? Па, ете, добија отворено писмо, само на погрешна адреса.

Но писмото од СЈО може да се протолкува и поинаку. На овој начин ова обвинителство индиректно признава дека јавниот интерес воопшто не бил во фокусот на нивното работење и затоа се обраќа до своите властодржци и налогодаватели. Покажува дека е во директна спрега и зависност од политиката или од странците.
А требаше да биде сосема поинаку. Требаше да одговараат и да бидат зависни само и единствено од судот на македонските граѓани, чии пари изминатиот период безмилосно ги трошеа. За резултатите од истрагите на СЈО, бројчаникот, вратените пари во буџетот, окончани случаи, овој пат нема да говорам, во интерес на просторот и времето.
Сепак, претходно посочените примери и зависности се доволен показател за длабоката кал во која сме навлезени како држава и како општество. И од која што и Прибе пробува да нѐ извади со своите укажувања и препораки.
Но при една ваква дијагноза изгледа веќе не помага која било терапија, туку е потребно отстранување на болното ткиво. Да не се дозволи и понатаму зависници, од кој било вид, да одлучуваат или да ја насочуваат државата во само за нив посакуваниот правец. Зашто така нема да стигнеме никаде. Вицепремиерот Бујар Османи неодамна рече дека владеењето на правото е воздух без кој не се може во едно општество.

Се согласувам во целост со Османи. Токму во таа насока се и претходните сугестии и препораки за прочистување на амбиентот и за создавање предуслови за владеење на правото, независни институции и за вистинска правна држава.
Сепак, имам само една мала забелешка. Споредбата на Османи на владеењето на правото со воздухот, кога станува збор за Македонија, не е баш најсреќно одбрана паралела. Зашто лани редица македонски градови беа на врвот на листата на најзагадени градови во Европа и во светот. Со други зборови, Македонија дишеше најлош и најзагаден воздух во светот.
Не знам каков ќе биде воздухот во Македонија оваа есен и зима, но ако владеењето на правото ни биде како ланскиот воздух, е тогаш навистина го обравме бостанот.

[email protected]