Жешко политичко лето

Многумина светски политички аналитичари што ги следат настаните ќе речат дека сегашните протести во Америка по многу нешта потсетуваат на оние од 1968 година, по убиството на Мартин Лутер Кинг. Констатацијата е дека САД денес и пред шест декади се исправени пред слични предизвици, небаре не поминале шеесетина години

Приближно три седмици од почнувањето на протестите во САД поради смртта на Афроамериканецот Џорџ Флојд нема навестување дека тие во скора иднина ќе стивнат. Демонстрациите неделава можеби ги немаа жестината и насилствата што ги карактеризираа во самиот почетокот, но меѓу масите луѓе сѐ уште се активни тензичните напливи на емоции проследени со извиците и паролите „Црниот живот вреди“.

Она што сега врие во лонецот во Америка е политичката неизвесност што се ќе се роди од овие нетипични настани што се одиграа зад границите на Америка, во безмалку сите сојузни држави и во речиси 140 града.
Многумина светски политички аналитичари што ги следат настаните ќе речат дека сегашните протести во Америка по многу нешта потсетуваат на оние од 1968 година, кои слично на денешниве избувнаа во САД веднаш по убиството на Мартин Лутер Кинг.

Она што е заедничко во оваа паралела на светските политички аналитичари е констатација и дека САД денес и пред шест декади се исправени пред слични предизвици, небаре не поминале шеесетина години. Државата е пред голема економска, расна и социјална криза и таа очигледно е длабоко поделена меѓу оние што ја поддржуваат политиката на претседателот Доналд Трамп и оние што се негови лути противници. Дополнителен шлаг на тортата е дека сето тоа се одигрува во моменти кога пандемијата на коронавирусот го доживува екот во северноамериканскиот континент, а самото присуство на Националната гарда низ градовите и сцените со борбени воени возила низ улиците, гледано низ телевизиските преноси, личи на слични настани што се одигруваат редовно во земјите на т.н. третиот свет отколку во развиените западни демократии.

Демонстрациите што се одигруваат денес, по убиството на Флојд, ги исфрлија на површина истите порозни сегменти што му се закануваа на ова општество и претходно.

Покрај тоа, ковид-19 даде и нова димензија на социјалниот проблем, кој кај Афроамериканците потпали и посебен гнев за нееднаквост на американското општество, во кое очигледно овие луѓе и покрај опасностите од заразата и непостоењето на здравствен систем во САД, сега се принудени да работат ризични професии, честопати без соодветна здравствена заштита, само за да преживеат во овие тешки економски времиња.

Во меѓувреме, протестите од 1968 година, но и овие денес, не се само за расната нееднаквост во САД туку и за војната во Виетнам и за денешните на Блискиот Исток, во кои Америка е главниот играч. Двете работи во минатото беа и сега се очигледно поврзани. Тогашниот претседател Линдон Џонсон, кој потекнува од редовите на Демократската партија, беше посочуван како одговорен за ескалацијата на таа невнимателна војна, а сегашниот шеф на државата Трамп, кој е избор на републиканците, очигледно не се снаоѓа најдобро во својата функција како и претходникот од ривалската партија.

Во 1960-тите „викачите“ и „демонстрантите“ ги обедини Едвард Никсон, кој победи на изборите во ноември не само затоа што го смири паничното „тивко мнозинство“ со ветувања за закон и ред туку и затоа што Хјуберт Хамфри, пристоен демократ, одби да ја осуди Виетнамската војна. Сличен политички чекор може да се забележи и денес, во кој демократот Џо Бајден, слично како републиканецот Никсон се обидува да ги освои симпатиите на нацијата, ставајќи се комплетно на страната на демонстрантите.
Во немирни времиња, оној што во САД се бори со власта и се обидува да стане шеф на државата очигледно има одредена предност. Исто како што Џонсон беше одговорен за ескалацијата на сè понепопуларната војна, сегашниот жител на Белата куќа ќе мора да ја победува и епидемијата во Америка, но и политички да се бори со Бајден.
Доналд Трамп не може да биде обвинет за пандемијата на ковид-19, но тој со сигурност може да биде одговорен за развојот на настаните во државата и справувањето со сите предизвици.

Сите овие дилеми што во моментов се одигруваат во американската политичка сцена, подгреани од протестите, кои не престануваат, најавуваат дека САД ќе имаат долго и зовриено лето, а по чиј крај сето (не)задоволство ќе се отслика на изборите во ноември. Во меѓувреме, сѐ поочигледна станува големата поделеност на општеството денес исто како и во 1960-тите години.

[email protected]