Ехото од 8 Септември

Резултатите од референдумот на 8 Септември 1991 година и широко изразената народна волја важат и ден-денес. Формалноправно тие резултати за суверена и самостојна македонска држава под името Република Македонија не можат да бидат анулирани или поништени со каков било друг акт, освен преку нов референдум. Тоа се фактите и вистината, пред која, нели, и боговите молчат. Сѐ надвор од нив е политичка еквилибристика. Или ако повеќе сакате политичко-правна дивоградба

Пред нас е уште еден голем државен празник – Денот на независноста. Првата честитка стигна од претседателот на САД Доналд Трамп. И тоа речиси една недела пред празникот. Знае Трамп дека Македонски пошти не работат, по пропаѓањето на Еуростандард банка, па со време ни испратил честитка за што искрено му благодариме. Иако во писмото на Трамп се споменува новото име на државата, суштината и симболиката на 8 Септември и на одлуките што дојдоа по тој историски ден се во нешто друго. Токму 8 Септември е олицетворение и синоним на раѓањето на новата суверена и независна држава Република Македонија. Честитката на Трамп и така може да се чита. По претседателот на Собранието Талат Џафери, кој при читање на заклетвата на новата влада јасно и гласно изговори според Уставот на Република Македонија, еве, и од надвор странски државници ни го честитаат празникот и раѓањето на државата. Тоа значи дека коренот и името на државата никој не може да ги смени или избрише и тие и понатаму живеат и опстојуваат.

Кратко потсетување за значењето на празникот. На референдумот на 8 Септември 1991 година позитивно се изјаснуваат 95,09 отсто од излезените граѓани, или 72,16 отсто од вкупниот број граѓани со право на глас, за суверена и самостојна македонска држава под името Република Македонија.
Неколку дена потоа на 17 септември 1991 г. – Собранието на Република Македонија носи Декларација за потврдување на референдумските резултати за конституирање на Република Македонија како суверена и самостојна држава. Во Декларацијата е истакнато дека граѓаните на Република Македонија, на демократски начин испишаа нова страница во македонската многувековна историја за заокружување на самостојноста и сувереноста на Република Македонија како држава. Да заклучиме.
Резултатите од референдумот на 8 Септември 1991 година и широко изразената народна волја важат и ден-денес. Формалноправно тие резултати не можат да бидат анулирани или поништени со каков било друг политички акт, освен преку нов референдум.

Еден таков обид имаше на 30 септември 2018 година кога се одржа консултативен референдум за прифаќање на договорот со Грција за промена на името на државата. Но тој референдум пропадна бидејќи не ја доби потребната поддршка од граѓаните. Тоа се фактите и вистината, пред која, нели, и боговите молчат.
Сѐ надвор од нив е политичка еквилибристика. Или ако повеќе сакате политичко-правна дивоградба. Непосредно пред празникот ова треба да се нагласи и запамети. Па нека ни е честит Денот на независноста на Македонија и вековита да ни е државата.
Во продолжение за уште неколку актуелности од нашата шаренолика и секогаш интересна политичка сцена. Во согласност со востановениот политички бонтон, практика е да не се коментираат потезите на власта во првите 100 дена. Но околностите сега се многу поразлични од претходно. Оваа влада, за жал, го нема комодитетот на 100 дена раат. Не само затоа што не е нова туку многу повеќе поради тоа што состојбите се такви што не дозволуваат ниту момент опуштање. Пред Владата и министрите се сериозни предизвици, пред сѐ, на полето на економијата, здравството, образованието и правосудството, но и во другите ресори.

Во сегментот на економијата државата мора да осмисли и да реализира моќен пакет мерки за финансиска помош на стопанството, која домашните компании ќе ги направи одржливи и конкурентни на европските и на светски пазари. Такви пакети помош и мерки веќе преземаат повеќето соседни и европски држави и ние мора да ги следиме нивните примери и искуства.
Само на тој начин може да се спасат домашната економија и стопанските субјекти од целосен крах.
Во делот на правосудството се потребни крупни зафати што ќе ја вратат довербата во судскиот систем. Еден таков крупен зафат, кој патем никој не го споменува ниту пак го има во програмата на Владата, би можел да биде отворање, процесирање и расчистување на случаите за воените злосторства од конфликтот во 2001 година. На Косово тој процес е во тек, во Србија, Хрватска и во Босна исто така се поднесени обвиненија, има и судски завршница, само во Македонија случаите се туркаат под тепих или се чуваат заклучени во фиока.

Можеби кај нас не е политички опортуно да се отвораат овие предмети заради коалициските интереси и опстојување на власта, но во тој случај, нема владеење на правото туку политички пазарлак. Може ли Македонија како земја-членка на НАТО, која претендира и кон ЕУ, и понатаму да си дозволува едно такво однесување? Затоа како што брзо и енергично се тргна кон рушење на една армирано-бетонска дивоградба, треба да се тргне и кон рушење на сите правни дивоградби, затскриени или нерасчистени предмети.
Охрабрува што во програмата на новата влада е наведено дека ќе се предложи законска обврска за објавување и јавен пристап до аудиоснимките од сите судења за висока корупција и организиран криминал, но и за сите судења за кои постои поширок јавен интерес. Тоа би требало да претставува дополнителна брана за волунтаризам, необјективност и неправилности во спроведувањето на судската постапка. Но ајде да видиме на кои судења се мисли и дали можеби тука влегуваат и предметите за воените злосторства во Македонија.

Деновиве внимание во јавноста привлече и една на прв поглед интересна и невообичаена понуда за работа, која се однесува на пратениците од поранешниот собраниски состав. Веројатно со намера на некој начин да им се оддолжи за нивниот минат труд и залагање премиерот им ветува работа во државната администрација. Да си останат и понатаму на државни јасли со сигурни и високи месечни приходи и привилегии. Е, сега тука има неколку нелогичности, да не речам парадокси.
Ако овие поранешни пратеници толку се заслужни и работливи, зошто отпаднале од потесна конкуренција и не влегле и во новиот собраниски состав, Или ако се толку стручни и работливи зошто не ги препорачаат во приватниот сектор или можеби да ги земе и во своите фирми. Па секој сака способни и вредни работници. Еден ваков потег на удомување поранешни политичари во државна администрација во суштина е контрадикторен и антиреформски во услови кога се намалува бројот на министри и се најавува кратење на администрaцијата.

Доста веќе од привилегирани позиции и повластици за политичари, било да се актуелни и уште помалку поранешни политичари. И самата законска обврска за апанажа што им следува на поранешните политичари е доволна привилегија, која ја нема кој било друг работник во државата. Секој има можност своето знаење и вештина да ги провери и докаже на пазарот на трудот. Тоа важи и за политичарите по завршувањето на мандатот. Повелете и докажете се. Ние ви држиме палци.

[email protected]