„Етнички“ каузи за заедничка агонија

Колку повеќе одминува времето, толку повеќе приказните од минатото за некакви етнички каузи добиваат митолошки мотиви, кои се сѐ подалеку од сегашната реалност. Начинот на кој се одвиваше одбележувањето на неколкуте значајни датуми од балканската историја го искажа целиот апсурд на националната иконографија, врз која сегашните етнички водачи се обидуваат да си ја изградат, пред сѐ, сопствената иднина. Во исто време, продолжувајќи ја политиката на поделби меѓу луѓето од различна национална припадност

Балканот одамна се идентификува како место на кое некои работи тешко се менуваат. Со години од политичките лидери и од граѓаните се прераскажуваат истите историски настани, во кои се истакнуваат „големите победи“ и херојските подвизи во остварувањето на некакви „национални“ каузи, кои се создавани во некое далечното минато во кое се сонуваше за големи водачи и држави. Колку повеќе одминува времето, толку повеќе приказните од минатото добиваат митолошки мотиви, кои се сѐ подалеку од сегашната реалност. Начинот на кој се одвиваше одбележувањето на неколкуте значајни датуми од балканската историја го искажа целиот апсурд на националната иконографија, врз која сегашните етнички водачи се обидуваат да си ја изградат, пред сѐ, сопствената иднина. Во исто време, продолжувајќи ја политиката на поделби меѓу луѓето од различната национална припадност.
Одбележување на воената операција „Бура“, која во изминатиот период беше повод за хрватско-српската поделби и полемика за нејзиното значење, е потврда за бесмисленоста на кусогледите етнички политики проектирани од тогашните власти во Загреб и во Белград. Во фокусот на годинашната прослава на тврдината на Книн, на која учествуваше највисокиот државен врв во Хрватска, беше присуството на Борис Милошевиќ, потпретседател на хрватската влада и претставник на Самостојната демократска српска партија.

Неговото присуство во првиот ред заедно со актуелното хрватско раководство, предводено од членовите на ХДЗ, беше прво директно соочување и со политиката што се емитува од Белград, што се противи на одбележувањето на операцијата „Бура“. Тоа што за политичките претставници на српското малцинство во Хрватска значеше „прв чекор“ за помирување и знак на поголема интеграција во хрватското општество, за државните функционери во Србија, присуството на Милошевиќ во Книн, беше само „покритие за политиката за најголемото етничко чистење во Европа по Втората светска војна“. Но тоа што останува далеку од фокусот на политичките елити во двете земји е дека и Србите и Хрватите, по 25 години од воените дејства, се соочуваат со истите проблеми во секојдневниот живот, а својата иднина ја гледаат со иселување од нивните вековни огништа.
Кај граѓаните во Македонија некако незабележано помина годинашната прослава на најголемиот национален празник Илинден.

Одбележувањето на овој значаен датум за македонскиот народ се одржа без масовно присуство на граѓаните поради епидемијата со коронавирусот. Како никогаш досега говорите од политичарите од Мечкин Камен, Пелинце и од скопското Кале, не допираа до граѓаните, кои се сѐ понезадоволни од актуелната состојба во државата, која предолго поминува низ внатрешни политичко-партиски игри со единствена цел да се освои власта. Незадоволството на граѓаните се виде и на последните парламентарни избори, на кои над 250 илјади гласачи одлучија да не излезат на гласачките места. Бесмисленото надмудрување меѓу главните македонски партии за формирање ново парламентарно мнозинство е само продолжување на неизвесноста со кои се соочуваат граѓаните и фирмите во Македонија, пред најсилниот удар од економската криза предизвикана од пандемијата.
За македонските граѓани стана вообичаено да поминуваат низ нови „агонии“ при формирањето или смената на извршната власт.

Инсистирањето на еднонационалните барања, кои се базираат исклучиво на национални и историски мотиви, не се покажа како најдобар концепт за функционирање на државите од Балканот. Бесмисленото надмудрување меѓу главните македонски партии за формирање ново парламентарно мнозинство е само продолжување на неизвесноста со која се соочуваат граѓаните и фирмите во Македонија пред најсилниот удар од економската криза предизвикана од пандемијата

Составувањето на новите министерски кабинети, тоа што за другите европски, па и за земјите од Балканот, претставува едноставен трансфер на власта, за Македонија претставува најголем извор на политичка криза од која е потребно подолго време работите да тргнат во вообичаениот тек. Македонските граѓани, кои сѐ повеќе се соочуваат со егзистенцијални проблеми, стануваа заложници на интересите на партиските елити од двата најголеми блока. На сево ова се надоврзуваат и апсурдните и ултимативни барања од ДУИ за избор на „првиот премиер Албанец“. Инсистирањето на некакви нови политички математики од типот „3+1“ или „1+3“ е далеку од здравиот демократски резон. Прифаќањето на овој модел за избор на двајца премиери (од македонската и од албанската заедница) ќе значи и натамошна поделба во државата.
Инсистирањето на еднонационалните барања, кои се базираат исклучиво на национални и историски мотиви, не се покажаа како најдобар концепт за функционирање на државите од Балканот.

Тоа го покажуваат и сегашните проблеми во Босна и Херцеговина, Македонија, Црна Гора, Србија и Хрватска. Ставањето на економските проблеми на населението и на фирмите во втор план, се одразува негативно на општиот раст и напредок на балканскиот регион. Затоа и креаторите на глобалните политики во Вашингтон и во Брисел се обидуваат да ги придвижат работите преку поголема економска поврзаност на земјите во регионот. Не случајно и последните иницијативи од САД се однесуваат за поблиска економска соработка меѓу Србија и Косово. Во иста насока се и најавите за голема финансиска помош од Европската Унија за земјите од Западен Балкан, за полесно справување со последиците од економската криза, предизвикана од пандемијата. Но сѐ зависи од тоа колку побрзо балканските лидери ќе можат да се ослободат од етнонационалистичките соништа?!