Епицентарот или ексцентарот на светот

Досега главно сите информации за текот на разговорите доаѓаа од грчка страна, при што не се пропушташе секоја шанса да се споменат грчките црвени линии. Конечно, крајно време е и јужниот сосед и меѓународната заедница да ги слушнат македонските црвени линии

Во некои далечни времиња султанот наумил да казни некој непослушен селанец. Сепак, за да не биде толку очигледна неговата намера, а впрочем и како врховен лидер да покаже доблест и „дипломатски манири“, султанот го повикал селанецот и му рекол: „Ќе ти поставам едно прашање, ако одговориш точно, богато ќе те наградам, ако пак не го знаеш одговорот, ќе бидеш казнет. Ајде сега кажи ми каде се наоѓа центарот на светот?“ Селанецот се подзамислил малку и потоа како од пушка изговорил: „Ваше величество, центарот на светот е токму тука каде што седите вие. Токму вие сте центарот на светот. Од вас сѐ почнува и сѐ завршува.“ Ваквиот одговор го оставил без зборови султанот и, наместо казна, мудриот селанец бил богато награден. Така било некогаш.

Денес ги нема султаните, нивното одлучувачко место сега го заземаат политички лидери, еврокомесари, генерални секретари, шефови на дипломатии… Но дилемата каде е центарот на светот сѐ уште е актуелна. За едни тоа е Вашингтон, за други Москва, се споменуваат и Пекинг, Брисел, Париз… Хммм…

Јас, пак, мислам дека Македонија е новиот центар на светот. И ова го тврдам не за да им правам лице на нашите „султани“, кои нели констатиравме дека веќе ги нема, туку водејќи се исклучиво од факти и докази. Па, еве и зошто.

Нема ден да помине а нашата земја да не биде барем спомената во сите претходно посочени центри на моќ и на одлучување, од Вашингтон до Стразбур. И не само попатно, куртоазно спомената, туку многу често сме и единствена и главна точка на дневен ред. Само неколку показатели колку сме „важни“ во светски рамки. Додека ги пишувам овие редови во Брисел се одржува министерски состанок на шефовите на дипломатиите на земјите-членки во НАТО, на кој токму Македонија е една од клучните точки на дневниот ред. Овој состанок впрочем е и последен во старата зграда на НАТО, која се затвора. Некој на шега може и да искомнетира дека со Македонија се затвора седиштето НАТО. Барем до јуни, кога Алијансата се сели во новиот објект.
Но факт е дека НАТО настојува по секоја цена да нѐ приклони кон своето јато како 30-та земја-членка, додека истовремено од другата страна од Москва доаѓаат сериозни сигнали дека тоа и не е најдоброто друштво за нас. Зборот ми е, за Македонија се грабаат и едните и другите. Би било ли така да не сме геополитички и геостратегиски важна точка на планетата?

Само последниве 24 часа како тежишна тема во свои изјави Република Македонија ја имаат споменато повеќе од 30 светски политичари, чии имиња заради просторот нема да ги наведувам. Која друга мала земја побудува толкав интерес

Одиме понатаму. Минатата недела помина во знакот на рефлексиите по позитивниот извештај од Брисел, по кој земјава ја посетија првите луѓе на Европската Унија.
Од вчера, пак, (петок 27 април) нашата земја е домаќин на голем самит од пошироки рамки, на кој ќе присуствуваат седум претседатели на држави од регионот, претседателот на Европскиот совет и премиер на една соседна земја. Главна цел на состанокот, насловен „Процес Брдо – Бриони“, чиј домаќин е претседателот Иванов, е европска интеграција на земјите од регионот и стабилизирање на состојбите во Западен Балкан, преку јакнење на регионалната соработка и решавање на отворените прашања.

Со други зборови, иднината на регионот се крои во Македонија, како земја-домаќин. Потоа, само последниве 24 часа како тежишна тема во свои изјави Република Македонија ја имаат споменато повеќе од 30 светски политичари, чии имиња заради просторот сега нема да ги наведувам.

Која друга мала земја побудува толкав интерес. Ретко ќе најдете таква. И сега има ли сѐ уште дилеми каде е центарот на светот! Или епицентарот околу кој сите се грабаат, но и кој може да предизвика потреси од пошироки размери.
Она што е најинтересно е што сите најнови изјави на светски државници во врска со Македонија се однесуваат главно на едно прашање – наметнатиот спор за името од страна на Грција.

Тоа е епицентарот или тежишната точка по која Република Македонија сега најмногу го привлекува светското внимание. Претходно бевме спомнувани како успешен модел на мултиетничко општество, па бевме оаза на мирот, па бевме пример за соживот и малцински права, за сега целокупното внимание и на домашната и на меѓународна јавност да биде насочено кон разговорите со Грција во однос на наметнатиот спор за името.

Иако во јавноста постојано има изјави со кои се повикува на наоѓање решение за спорот, целокупната прогресивна светска јавност, светските лидери, експертите по меѓународно право длабоко во себе се убедени за исправноста на македонските позиции и непопустливоста пред надворешните притисоци и уцени.

За тој непокор можат само да ни симнат капа. Што и се случувало и се случува преку голем број изјави на истакнати светски политичари. Впрочем, и самиот чин што околу 140 држави во светот нѐ имаат признаено под уставното име, како Република Македонија, доволно говори за определеноста да не се подлегне на притисоците. И ова е една од причините поради кои сме во центарот на вниманието. Како единствен пример на држава што не дозволува да се покори на уцени и диктати од посилни и помоќни од неа, држава што држи до својот интегритет, суверенитет и право на самоопределување.

Тоа е едната страна на медалот, која сепак има и опачина, која и најмногу ме плаши. А тоа е ризикот самите ние да се изместиме од сегашната централна точка во некаква ексцентриja и да станеме периферна, нестабилна, обезличена и сосема неважна земја без име. Односно од Република Македонија да станеме некоја непрепознатлива ексцентрична територија со неприродна кованица во името од типот, горна, долна или северна. Ваквите стравувањата се оправдани, со оглед на дисторзијата што доаѓа однадвор и ни го нарушува спокојот.

Малку е несфатливо кога речиси истовремено во истиот ден од генсекот на НАТО, Јенс Столтенберг, ќе чуете дека е добро информиран во однос на напредокот во разговорите за спорот за името, додека претседателот на државата по малку разочарано тврди дека нема никакви информации за последната средба во Виена.
Па, кој всушност знае што е на маса, за што се разговара, за што има напредок и кој треба да биде известен. Дали информациите за едно такво суштествено и значајно прашање треба прво да ги дознаваат странските државници или домашни избрани функционери, лидери и македонските граѓани.

Никој не очекува разговорите за наметнатиот спор за името да се водат јавно и со зурли и тапани да се излегува по секоја средба на министрите за надворешни работи со посредникот на ОН. Но меѓусебна државна координација и проток на информации мора да има. Зошто тајноста и мистериозноста раѓаат сомнежи дека можеби се случува нешто заткулисно.

И сосема за крај, транспарентноста и отчетноста на целиот процес пред македонските граѓани се најважни од сѐ. Досега главно сите информации за текот на разговорите доаѓаа од грчка страна, при што не се пропушташе секоја пригода да се споменат грчките црвени линии. Конечно, крајно време е и јужниот сосед и меѓународната заедница да ги слушнат и македонските линии на непокор.