Епидемија на отпадот

Надреалност, по малку слична на онаа од филмот „Дискретниот шарм на буржоазијата“
на Луис Буњуел од 1972 година, во македонска верзија од 2020 година што би можела да се нарече индискретниот „шарм“ на карантинот, кој завршува хиперреалистично – со целото ѓубре на улица

Будењето на Македонија по 62-часовниот карантин, во понеделникот, на 13 април мошне „живописно“ ги соочи првите минувачи (па и оние што подоцна излегле) на градските улици со сиот „раскош“ на лошите страни од општиот менталитет. Таквиот менталитетски пејзаж беше насликан од преполнетите контејнери низ улиците речиси на сите скопски општини, од кои барем двојно се прелеваше нивната содржина во просторот околу нив. За целосно доживување на „живописноста“, веднаш по престанувањето на полицискиот час (а нема гаранција дека тоа не се случувало и за време на викенд-карантинот) во засилена акција се впуштија вообичаените несреќни „истражувачи“ на контејнерскиот отпад, кои го откриваат индискретниот „шарм“ на карантинот.

Речиси еден месец по воведувањето на вонредната состојба во земјава, за поефикасно справување со предизвиците на светската пандемија на коронавирусот, сите релевантни здравствени експерти велат дека сме далеку од надминување на опасноста и токму затоа се преземаат построги мерки за ограничување на движењето, за да се намали колку што е можно повеќе ризикот од ширење на синџирот на заразата. Од досегашните искуства со карантинските мерки и со зголемувањето на температурите на воздухот, се чини дека, покрај сеприсутната загриженост за состојбата со коронавирусот, сѐ повеќе станува реална и опасноста од ширење други бактериски зарази од долго стоење и разнесување на контејнерскиот отпад.

Неоспорен е фактот за намалената функционалност на сите процеси и институции во општеството за време на пандемиската вонредна состојба, но исто така забележливи се и појави на користење на ограничувањата од вонредната состојба, како изговор на многу институции за својата и од порано присутна неажурност и избегнување на извршувањето на својата дејност. Навистина, за време на викенд-карантинот беше активирана целосна забрана за движење на населението, но исто така за комунално-хигиенските јавни претпријатија функционираа специјални дозволи за движење на работниците во нивните служби, така што карантинот не е изговор за грдата слика со отпад што претекува од контејнерите, што ги пречека граѓаните излезени од карантин.

Во овој период на живот во самоизолација, изолација, карантин, дури и најголемите противници на активности на социјалните мрежи се чини дека ги олабавуваат своите принципи, па или отворено се придружуваат на глобалниот феномен (од пред пандемијата), или наоѓаат начин „дискретно“ да ѕирнат во тој виртуелен свет, кој сега како да се прифаќа како пореален од вистинскиот. И таму, во тој виртуелен свет сите слабости и доблести на човекот побрзо се откриваат и поинтензивно се манифестираат, но и уште побрзо се релативизираат и дискредитираат. Во вонредни услови таквите ефекти на социјалните мрежи може да предизвикаат некои неочекувани и навидум парадоксални ситуации во реалноста ограничена од ризикот на пандемијата.

По едномесечна изолација, без прецизни најави за можниот крај на мерките, и некои вообичаено несоцијални личности добиваат желба за дружење, атеисти се залагаат за правото на празнување верски празници, оние со паничен страв од кучиња, мачки и животни воопшто добиваат желба за шетање домашни миленици… Па, така, во текот на изминатиот викенд-карантин, Министерството за внатрешни работи (МВР) констатирало зголемување на бројот на лица што не го почитуваат полицискиот час во периодот на целодневна забрана за движење на населението. Од петокот попладне (10 април) до понеделникот (13 април, наутро во 5 часот), МВР регистрирало вкупно 389 лица што не го почитувале полицискиот час, при што 279 лица биле приведени во полициска станица. Најмногу прекршувања на полицискиот час се регистрирани во текот на вчерашниот ден – вкупно 172 случаи, додека во петокот било најмирно, со 79 случаи на непочитување на забраната за движење. За оние што не биле приведени во полициски станици, од МВР информираат дека на лицата им се земени податоци и за нив ќе следуваат соодветни санкции.

Но тоа е само оној официјален, статистички регистриран аспект на превентивниот карантин. Оној неофицијалниот, главно презентиран на социјалните мрежи, покажува и по малку надреални ситуации на соседски
забави во зградите за време на карантинот, дури и меѓу соседи што не комуницирале, спортски активности по скалилата на заедничките објекти за живеење, скари, мезиња, па и високодецибелна музика во населбите со индивидуални објекти за живеење… и зачестена потреба за исфрлање на отпадот од домот. Надреалност, по малку слична на онаа од филмот „Дискретниот шарм на буржоазијата“ на Луис Буњуел од 1972 година, во македонска верзија од 2020 година што би можела да се нарече индискретниот „шарм“ на карантинот, кој завршува хиперреалистично – со целото ѓубре на улица.

Но она што е загрижувачки е што изминатиот викенд беше на некој начин само подготвителна фаза за наредниот празничен велигденски викенд. Не само Македонија туку и земјите во регионот сѐ уште се обидуваат да одржат т.н. блага крива на заразата, за што полесно да се преброди нејзиниот претстоен врв, кој, според повеќе прогнози, се очекува по Велигден (19 април). И за крај, што е добро сценарио во услови на пандемија? Почитување на ограничувањата на движењето и на другите превентивни мерки за заштита од коронавирусот, а преку таква самодисциплина – овозможување кулминацијата на заразата одеднаш да не ги оптовари, исцрпи или целосно колабира ресурсите на националните здравствени системи.

Можеби ова сме го слушнале безброј пати од појавата на коронавирусот, но треба да се повторува како превентивна мерка за „друштвениот менталитет на луѓето во Македонија“.