Енергентите и континуираното неконкурентно национално стопанство

Тука се и хидроцентралите, чие производство на електрична енергија во изминативе месеци беше доста високо, но прашање е дали навистина доволно се произведуваше во услови на преполни водни акумулации

Регионално поврзување, либерализирање на пазарот, изградба на „Чебрен“ и „Галиште“, пронаоѓање нови ископи на јаглен, помала цена на гасот, развивање на гасната линиска инфраструктура и негова поголема искористеност… Енергетските теми постојано актуелни, никогаш занемарливи, предизвикуваат голем број полемики и дебати, но и проблеми кај граѓаните. Иако имаме регулирана цена на струјата, за која долги години ни говореа дека е социјална, сепак е превисока за нашите примања. Голем дел месечни примања на граѓаните одат на сметките, а оние со минимални приходи мака мачат како да ги покријат трошоците. Но цените на енергентите не се проблематични само за граѓаните, проблемот го чувствуваат и компаниите. Нивниот развој и конкурентност се директно зависни од цените на енергентите.

Македонија во регионов има една од највисоките цени за гас. Компаративните анализи покажуваат дека ние во Македонија плаќаме многу повисока цена на овој енергент од оние во непосредното соседство и особено од онаа цена во Европа. Тоа многу ја зголемува производствената цена на производите на компаниите што го користат гасот во производството. Ноторен факт е дека скапите енергенти негативно влијаат врз нашето стопанство, особено во време на економска криза, бидејќи тие се основните предуслови за да ја зголемат нашата конкурентност. Што се презема во врска со тоа?
Македонските влади секогаш ветувале решение и пониски цени за енергентите, но некако до решение никако да дојдеме. Секако, удел во тоа има и растечката потреба од енергенти, која од година на година се зголемува. Како генерално увозна земја на енергенти, Македонија единствено на своја територија има јаглен, чии ресурси исто така се трошат. Гасот и нафтата сме принудени да ги увезуваме.

Неизбежно се поставува прашањето како до поголемо производство, како да се обезбедат поевтини енергенти, како да се биде конкурентен, а од друга страна да се презервираат некои енергетски ресурси за иднина. Сепак, нели, треба да оставиме нешто и за следните генерации.

Деновиве повторно се актуализира темата со обновливите извори на енергија, добивање енергија од ветерни електроцентрали или од фотоволтаици е предност, но нивното производство е многу мало. Тука се и хидроцентралите, чие производство на електрична енергија во изминативе месеци беше доста високо, но прашање е дали навистина доволно се произведуваше во услови на преполни водни акумулации. Деновиве владините претставници најавија изградба на легендарните „Чебрен“ и „Галиште“, хидроцентрали за чија изградба беа објавени неколку тендери, но сите неуспешни, па по многуте обиди сега државата сама ќе ги гради. Сигурно дека со нивната изградба и искористување на расположливите водни ресурси на Црна Река ќе се подобри домашното производство на електрична енергија, но остануваат уште многу години пред тие да почнат да се користат, а нам решенија во енергетскиот сектор ни беа потребни – вчера, можеби уште завчера.

Цената на гасот значително отскокнува од онаа во соседните земји или, пак, од европските цени. Ајде да речеме дека условите на продавачот се: колку повеќе трошите толку пониска цена ќе плаќате. Но за Македонија цената е навистина ирационална. Како божем од некој центар на моќ, со умисла, преку држење високи цени на гасот како енергент, свесно и перманентно да ја намалува националната стопанска конкурентност

Викендов, пак, вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев истакна дека крајна цел на сите активности е намалување на цените на електричната енергија во регионот и изедначување со цената на електричната енергија во Европа.
Европа, иако е поразвиена и побогата, како што истакна токму Анѓушев, денес има пониска пазарна цена на електрична енергија од земјите во регионов. Намалувањето на цената на електричната енергија зависи само од инвестиции во електроенергетскиот преносен систем и добра соработка во регионот. Кога ќе се инвестира во капацитетите, пазарот ќе го стори своето и цените можеби нема да се изедначат, но барем ќе се доближат.

Но не е само електричната енергија со повисока цена. Цената на гасот значително отскокнува од онаа во соседните земји или, пак, од европските цени. Ајде да речеме дека условите на продавачот се: колку повеќе трошите толку пониска цена ќе плаќате. Но за Македонија цената е навистина ирационална. Како божем од некој центар на моќ, со умисла, преку држење високи цени на гасот како енергент, свесно и перманентно да ја намалува националната стопанска конкурентност. А и ние, со неразвивање на линиската гасна инфраструктура, примарна и секундарна, како да „дуваме во иста тиква“ и негативно дополнително влијаеме и самите на лошата економска конкурентност на националното стопанство. И за граѓаните важи истото тоа. Иако имаше препораки во колективните станбени објекти веќе да се планира и гасоводна инсталација, сепак, инфраструктурата за дистриубуција на гасот е далеку од готова.

Главната гасоводна мрежа од Бугарија, преку Крива Паланка и Куманово, доаѓа во главниот град, но во ниту еден град жителите не можат да го користат гасот во домаќинствата. Доколку тој има поголема употреба, не само што ќе има пониска цена туку значително ќе се одрази и на животната средина и ќе се намали загадувањето на околината. Долги години се зборува за гасификација, но таа на терен тешко се остварува. Иако има проекти, тие остануваат само на хартија. На терен работите се одвиваат многу бавно.

За недостатоците во енергетскиот сектор свои забелешки даде и Европската комисија во последниот извештај. Добрите економски политики треба да имаат јасни цели. Енергентите имаат значаен удел во тоа. Има едно правило дека во услови на континуирано лоша инфраструктура, со посебно тежиште на енергетиката, националното стопанство континуирано е неконкурентно. Треба брзо да се погрижиме да го промениме тоа.

Фото: Маја Јаневска-Илиева