Експериментот Македонија

Листата на политички и економски експерименти од независноста до денес е долга и широка. Почнувајќи од болната и долга транзиција, приватизацијата, многубројните економски и индуцирани политички кризи, војната од 2001-та, па до преспанскиот договор и промената на Уставот – сето тоа се индуцирани, контролирани експерименти, спроведувани било однадвор било однатре

Во науката и истражувањата, експериментите се неопходен и пожелен дел од работата и имаат за цел да потврдат или да побијат одредена хипотеза. Притоа, преку набљудување, мерење и регистрирање на сите промени што ќе настанат со намерно индуцирање, контролирање или дејствување врз одредена особина на истражуваната област се изведуваат заклучоци. Се разбира, крајната цел е да се подобрат карактеристиките и да се отстранат слабостите на субјектот што се тестира и потоа тоа да најде поширока примена, во различни области од живеењето и индустријата. Но има области каде што експерименти не се дозволени, од најразлични причини – етички, безбедносни, биотехнолошки итн. На пример, не е дозволено експериментирање со клонирање луѓе, контролирани или забранети се и нуклеарни тестирања за производство на оружје за масовно уништување итн. Се разбира, клучен предуслов за експериментирања од каков било вид е тоа да го спроведуваат обучени и стручни лица, во соодветни услови, со соодветна опрема, и притоа да се предвидат и превенираат какви било штетни последици врз околината и луѓето.

Но има и примери кога поле на експериментирање се човечки судбини, кога се врши принудна генетска модификација на идентитетот како историска и национална категорија, кога се тестира прагот на издржливост на стопанските субјекти итн.
За жал, токму такво нешто се случува со Македонија. Листата на политички и економски експерименти од независноста до денес е долга и широка. Почнувајќи од болната и долга транзиција, моделот на приватизација, многубројните економски и индуцирани политички кризи, војната од 200-та, па до преспанскиот договор и промената на Уставот – сето тоа се индуцирани, контролирани експерименти, спроведувани било однадвор било однатре. Република Македонија како суверена и независна држава долги години се користела и се користи како опитно поле за разни тестирања, меѓуетнички прашања, соживот, религија итн. Многумина тие експерименти и тестови не ги издржаа, белата чума е најдобар показател за тоа. Оние што останаа, грчевито се борат и понатаму се надеваат на подобро утре. Токму во моментов се спроведува уште еден политичко-правен експеримент под кодно име селективно помилување. Некои тоа веќе го крстија амнестија за име, како своевидна безобѕирна и незапамтена политичка трговија, во историјата на која било држава.

Во оваа пригода, сепак, би се задржал на експериментирањата на полето на економијата, бидејќи сѐ зависи од неа. За жал, сите досегашни политички гарнитури не сфатија дека слабите економски перформанси, нискиот раст на БДП од 1 или 2 проценти директно и негативно се одразуваат и на нашите евроатлантски аспирации, дека тоа е кочница за ЕУ и НАТО, но исто така и основна причина за одливот на квалитетни стручни кадри, за иселувањето и празнењето на државата. Низ годините не сфативме дека ранливата и нестабилна домашна економија ја става државата и во директна политичка зависност однадвор, што, пак, резултира со засилено странско мешање, но и диригирање за прифаќање одредни штетни и туѓи политики. Сосема поинаква ќе беше приказната доколку Македонија застанеше цврсто на нозе, веднаш по осамостојувањето или годините потоа, со континуирани високи стапки на раст, висок животен стандард, европски плати итн., како една Словенија или балтичките земји на пример. Наместо тоа, нашата држава се соочи со своевидна реиндустријализација, при што не можеме да ги достигнеме ниту стапките на раст што сме ги имале пред осамостојувањето.

Низ годините не сфативме дека ранливата и нестабилна домашна економија ја става државата и во директна политичка зависност однадвор, што, пак, резултира со засилено странско мешање, но и диригирање за прифаќање одредни штетни и туѓи политики

Очигледно некому повеќе му одговарало да нѐ третира како заморче, да нѐ држи како експериментален глушец, врз кој одвреме-навреме ќе применува соодветна шок-терапија. И сето тоа со сесрдна помош на домашните политички елити, кои самите ги избиравме и на кои им ја дававме довербата. Последиците од сите тие многубројни експерименти ги чувствуваме и денес. И во политиката и во економијата. Затоа уште веднаш би предложил мораториум на какви било идни квазиексперименти во овие области и примена на веќе докажани и потврдени модели што покажале резултати.
Во сферата на економијата, нашиот весник веќе цела недела, во неколку продолженија, излегува со своја стручна анализа, насловна „Како до повисок раст во економијата“. Во нашите текстови посочивме дека со сегашната стапка на раст на БДП од 2 процента, ќе ни бидат потребни 166 години за да ја стигнеме ЕУ, но под услов таа да нема никаков раст, односно да стагнира, што е невозможно. Имаме ли ние толку време за чекање? Се разбира дека не. Република Македонија мора радикално да ги промени својата економска политика и стратегија и да пристапи кон сериозно преиспитување на фискалната и монетарната политика. Клучен предизвик треба да ни биде креирањето услови за повисоки стапки на раст на БДП. Со други зборови, потребни ни се кинески, индиски, малезиски стапки на раст од 6 до 10 проценти. Исто така, во насока на пронаоѓање, препознавање и практикување на потребните политики за рапидно зголемување на бруто-домашниот производ, неопходно е активно, синхронизирано вклучување на јавноста со надлежните државни институции, академската заедница, стопанските комори, НБРМ, како и разните тинк-тенкови и истражувачки институти. Сите тие треба за дадат свој придонес и да се вградат во ефикасна програма за реализација на структурните промени во економијата. Еве, и овој текст, но и целиот наш серијал, нека бидат чекор во тој правец за мобилизација и анимирање на сите надлежни субјекти.

Секако има простор и за интервенции во даночната политика, во насока на обезбедување финансиски средства под поволни услови за стопанството, како отскочна штица за зголемен раст. Се чини дека хроничната болка од која страдаат сите домашни политичари е практикување на популизмот низ економијата. Со други зборови, тоа се преведува како купување доверба (гласови) со неекономски мерки или потези. И тука има цела палета постапки што ги применувале сите досегашни влади, од носење закони за отпишување долгови, отпишување камати, разни видови непродуктивни социјални трансфери. Сето тоа потоа се компензирало со дополнително оптоварување на оние што редовно и ревносно ги намируваат своите обврски кон државата. Се стимулираат и наградуваат неплаќачите на сметка на притисок и казни врз плаќачите. Ваквите експерименти мора да престанат. Додека ги пишувам овие редови, пристигна и веста за нов скандал со прислушување на обвинителите во изминатите две години. Дежа ви. Големото уво, пак, ни се повторува. Ова е само уште една потврда на насловот и тезата за Македонија како експериментално подрачје за сѐ и сешто.
Текстот, сепак, би го завршил со едно ново поимање на терминот „патриотизам“. Нели тоа сега е актуелно и сите се удираат во гради колкави патриоти се и колку се жртвуваат за Македонија. Ако е така, нека го докажат тоа и на дело, преку залагање за подигање на патриотизмот изразен низ бројките.

Патриотизмот и љубовта кон татковината да ги манифестираме низ економските показатели. Преку пораст на БДП, пораст на животниот стандард, квалитетот на животот, пораст на платите итн. Кога ќе го постигнеме тоа, нема потреба да се грижиме за Европа.
ЕУ сама ќе посака да влезе во Република Македонија. Ако решиме да ја примиме!