Економијата и квасецот

На граѓаните им требаат и патишта, и железница, и ефикасно здравство и уште поефикасна администрација. Само со домаќинско планирање и трошење на парите на граѓаните, но притоа и со транспарентност, за сите да имаат увид во трошоците што се прават, со поставување на планираните трошоци на реални основи ќе успеат институциите да ги реализираат плановите, кои се во насока на подобар живот за сите нас

Плановите на Владата за инвестиции и за плаќање на тековните трошоци минатата недела беа презентирани пред јавноста. Во предлог-буџетот за следната 2020 година, скроен од страна на Министерството за финансии, главен акцент, според премиерот Зоран Заев и министерката Нина Ангеловска, е ставен на човечкиот капитал и на растот на платите во здравството, во образованието, но и на пензиите кај пензионерите.
Ваквите информации јавноста ги протолкува и како обид за поткупување на идните гласачи, со оглед на фактот дека следната 2020 година е и изборна година. Самиот факт дека имаме избори, за експертите е причина плус за сомнеж околу реализацијата, или успешното спроведување на планираните активности во буџетот, бидејќи, според нив, е проблематично дали ќе се соберат предвидените средства. Во неколку наврати економистите истакнуваа дека во изборни години вообичаено е економијата да стагнира поради промените што следуваат. Токму поради изборите и промената на власта, многумина посочија дека собирањето на даноците нема да оди толку подмачкано. Очекувањата на првите луѓе во државата се дека ќе има раст на приходите, но ова е проблематично поради фактот дека следната година нѐ очекуваат избори, а секојпат кога има избори во земјава економијата стагнира или потфрлува.
Инаку приходите во предлог-буџетот за 2020 година се проектирани на 222 милијарди и 300 милиони денари или 3,6 милијарди евра. Кај расходите, пак, се планирани 239 милијарди и 700 милиони денари или 3,9 милијарди евра.

Во него е предвидено дека приходите во буџетот ќе пораснат за 5,6 отсто, и токму тука се најголемите дилеми. Оваа година беше воведено (и укинато) прогресивното оданочување, со кое надлежните планираа поголема сума средства во буџетот, но тоа не се реализира бидејќи дел од компаниите за да ги намалат трошоците ги регистрираа своите фирми надвор од земјава. Ваквата нивна реакција секако резултира со помалку пари во буџетот.

Зошто токму овој сегмент е еден од, можеби, најбитните и најпроблематични? За да биде реален буџетот, за да се исполни според планираното и да ги даде посакуваните резултати, а тоа е секако повеќе пари кај граѓаните и вложување во човечки капитал, истиот тој мора да биде испланиран реално. Надлежните мора точно да знаат колкав прилив ќе имаат во државната каса, за потоа да знаат и колку ќе трошат.
Секој домаќин си ги планира своите трошоци во согласност со приливите што ги очекува, а токму по ваквите постулати треба да се однесува и државата, поточно надлежните во текот на трошењето на парите на граѓаните.
Неопходно е да се вложува во проекти што ќе овозможат побрз раст на економијата, намалување на трошоците, во поврат на средствата.
Да, потрошувачката на домаќинствата ќе се зголеми благодарение на повисоките плати, но за развој на бизнисот се неопходни одредени предуслови, како што се современи и обновени патишта, железница и брз проток на стоките, брза услуга на границите и намалување на времето на чекање на премините или во другите административни активности.
Ова значи дека остануваат старите насоки што ги повторуваат и домашните и странските експерти, а тоа е дека е неопходна подобра и поефикасна администрација.
Администрација што ќе ги опслужува граѓаните и бизнис-заедницата, а не администрација што седи дома и зема плата. Со години имаме вработени во администрација, кои седат дома, а земаат плата од државата. Овој феномен карактеристичен за „чудесна Македонија“ се провлекува со години, и иако цело време се укажува дека ни треба намалување на административците, само кај нас опстануваат вработени, а неискористени административци.

Државните функционери земаат високи плати, кои споредени со просечната плата во земјава се за три па дури и четири пати повисоки, и треба да покажат голема одговорност пред граѓаните. Граѓаните се тие што го полнат буџетот и, да, се согласуваме дека треба да се зголемат платите во здравството, без доктори не се може, а токму платите и несигурноста во земјава натераат многумина од оваа област да ја напуштат државата, па сега има недостиг од скоро сите профили во здравството. Да, и пензионерите заслужуваат подобар живот, тоа се граѓани што ја граделе оваа држава и нивните приходи треба да бидат доволни за да си ги покријат трошоците. Но реалните бројки велат дека сиромаштијата кај пензионерите е 7 отсто, додека, пак, кај вработените е 9 проценти, уште поголема е кај невработените… Притоа бројките велат дека семејствата со две, три или повеќе издржувани деца се меѓу најсиромашните. Токму ваквата поставеност укажува дека се потребни промени при заложбите за подобар живот на сите граѓани.

Од друга страна, неизбежно е да се спомене дека и оваа година, како и многу претходни, без оглед која политичка партија или коалиција е на власт, секогаш се предвидуваат пари за патишта, за железница, за гасификација… и притоа за истите тие се планирани и задолжувања. Сѐ би било во ред доколку навистина во земјава се градат патиштата, но факт е дека скоро триесет години, откако Македонија се осамостои, ја градиме железницата кон Бугарија и кон Албанија, но никако да ја изградиме. Не знам дали некој памети колку студии за оправданост на средствата се направени за изградба на трамвајот во Скопје, но од следната година веќе влегува во плановите за задолжување, а кога ќе почнат да го користат граѓаните, можеби ќе дочекаме да видиме.
Според најавите, следната година ќе се задолжиме со 558 милини евра од странство, заеми што се планираат за капитални проекти. Додека, пак, дома планот е да се задолжиме за 440 милини евра. Според првите луѓе во земјава, задолжувањето со кредити не е проблематично особено затоа што нив ги подигаме со ниска каматна стапка, и оти задолжувањето веќе не растело како порано.

Но дали е доволно да се каже дека стапката на раст на задолженоста не е како порано, или е веќе крајно време да се гледа во иднината и во тоа како да бидеме поразлични од нашите претходници, а притоа да им обезбедиме на граѓаните можности за напредок и за убав живот. Без промени што ќе се рефлектираат кај граѓаните, без тие да чувствуваат сигурност за својата иднина во државава, сите ветувања и планови звучат некако празно. На граѓаните им требаат и патишта, и железница, и ефикасно здравство и уште поефикасна администрација. Само со домаќинско планирање и трошење на парите на граѓаните, но притоа и со транспарентност, за сите да имаат увид во трошоците што се прават, со поставување на планираните трошоци на реални основи ќе успеат институциите да ги реализираат плановите, кои се во насока на подобар живот за сите нас.