Единствената жртва што вреди е онаа за детето

Сосема е разбирлива борбата на сите мајки на кои неодамна државата им го прекина породилното отсуство и им наложи да се вратат на работа, бидејќи, како што рекоа, немало потреба повеќе да седат дома и да ги чуваат децата, кога тоа отсега можат да го прават градинките за нив. Разбирлив е нивниот страв за здравјето на нивните најмили ако ги носат во градинка. Разбирливо е нивното непоколебливо застанување пред институциите на системот, со високо кренати транспаренти в раце, на кои пишува „Здравјето пред сѐ, децата се нашата иднина!“

Семејството е основната клетка на општеството, единственото вистинско богатство и местото од каде што извираат љубовта и животот. Мајчиниот инстинкт и љубов се уникатни, тоа е комплетно сакање, кое не познава граници, правила и закони. Токму затоа, сосема е разбирлива борбата на сите мајки на кои неодамна државата им го прекина породилното отсуство и им наложи да се вратат на работа, бидејќи, како што рекоа, немало потреба повеќе да седат дома и да ги чуваат децата, кога тоа отсега можат да го прават градинките за нив. Разбирлив е нивниот страв за здравјето на нивните најмили ако ги носат во градинка. Разбирливо е нивното непоколебливо застанување пред институциите на системот, со гордо и високо кренати транспаренти в раце, на кои пишува „Здравјето пред сѐ, децата се нашата иднина!“
Ковид-19, заедно со сето она што го предизвика вирусот на економски план, натера многу мајки да изберат – работата или детето. Имаше такви што уште од почетокот на пандемијата ниту ден не останаа дома, зашто мораа да работат секој ден и да обезбедат егзистенција за нивните деца.Тоа се посебна сорта мајки херои, кои заслужуваат поклон до земја. Тие знаат најдобро дека секоја жртва за детето е единствената на овој свет што е вредна. Одлуката, пак, овие мајки што се на породилно отсуство да се вратат на работа од 23 септември ги натера да направат избор меѓу продолжувањето на работа и да ги остават децата во градинка, или, пак, да останат дома и да ги чуваат со помалку или без приходи. Со оглед на фактот дека на секоја мајка ѝ е најважно нејзиното дете, десетици мајки ги избраа децата и дадоа отказ на работните места.

Не требаше да се биде голем јасновидец или експерт од големи размери за да се знае што ќе се случува сега, наесен, кога станува збор за градинките и училиштата. Впрочем, и самите здравствени власти кажаа дека може да нѐ снајде тешка есен кога се во прашање вирусите, зашто сме среде пандемија. Па, кога на тоа ќе се додадат навиките на луѓето и нивната недисциплина, инфодемијата на која никој не работи, недоволната работа со граѓаните и преку вистинска едукација и преку потребните казни за прекршување на заштитните мерки, сосема беше јасно дека градинките и училиштата не може да бидат оставени и да се решава што со нив во 5 до 12.

Сепак, во услови кога на светот му се случува нешто првпат, нашите политичари си го дозволија тој временски луксуз, зашто ем имаа грижи за конституирање на државниот апарат (кој месеци беше на техничко ниво, а законодавниот дом воопшто и не функционираше), ем никако да стават ред во тој административен апарат во кој секој забец треба да може да се заврти, за да функционираат нештата како што треба. А кога имаме ситуација кога запците од неработа ги фаќа корозија, а оној што управува со системот тоа не го забележува (или не сака), тогаш ни се случува ова што го гледаме сега.
Градинките до пред некоја недела не знаеја како да се организираат, кого да примаат, а кого не. И таму работат луѓе. Загрижени чувари на нашите деца. И плус исплашени, како за нивното здравје и за здравјето за најблиските, така и за дечињата што ги згрижуваат и чуваат. Нивната нервоза е разбирлива.

Ковид-19, заедно со сето она што го предизвика вирусот на економски план, натера многу мајки да изберат – работата или детето. Имаше такви што уште од почетокот на пандемијата ниту ден не останаа дома, зашто мораа да работат секој ден и да обезбедат егзистенција за нивните деца. Тоа се посебна сорта мајки херои, кои заслужуваат поклон до земја. Тие знаат најдобро дека секоја жртва за детето е единствената на овој свет што е вредна

Од друга страна, родителите мора да знаат како да го планираат чувањето на детето. Државата им помогна во еден дел со тоа што им го продолжи породилното отсуство, но може ли да се гарантира безбедноста на децата додека престојуваат во градинка? Има ли некој што може да убеди мајка дека сѐ ќе биде во ред со нејзиното дете, кога сите знаеме дека есента и без ковид-19 е полна со бактериски и вирусни инфекции и дека тоа е причината поради која наесен бројот на деца во градинките се преполовува? Што со мајките на бебиња на кои им треба и околу еден месец за адаптација на новата средина во градинка? Ова се нешта што никако не смееше да се дозволи да се решаваат за краток период. Ете, затоа е разбирлива борбата на мајките за нивните деца. Разбирливи се и нивните сомнежи во системот.
Наглите промени направија безмалку хистерија. А имавме доволно време спокојно да се уиграме и да се организираме за она што нѐ чека. Вака, епилогот е – родителите ставени пред свршен чин.

Со право се скептични во врска со сето ова што се случува. Видовме брзи одлуки, наместо да се искористеше летото да се направи детален план како ќе функционираат нештата од септември. Истото тоа важи и за училиштата, и таму се решаваат нештата во 5 до 12, а тоа се нешта што бараат време, сериозност, посветеност и многу труд.
Секој презема одговорност за своите чекори. Какви ќе бидат последиците од одлуките на нашите власти, повторно останува времето да покаже. Можеби принципот на антиципација, добра анализа, па синтеза и на крајот став, некогаш ќе почнеме да го практикуваме?