Европското НЕ за етничките графи

Од друга страна, регулативата на ЕУ за генерална заштита на податоците забранува процесирање на лични податоци кое откриваат расно или етничко потекло, политичко, религиозно или друго убедување, сексуална ориентација и низа други прашања

Најпотенцијалната придобивка од целата дебата и сѐ пореалната извесност за усвојување на предлогот на движењето Беса за додавање на графата за етничка припадност во личните карти е веројатноста дека на српскиот пејач Аца Лукас, кој често гостува во Македонија, ќе му биде скратен репертоарот за изведба на неговиот стар хит во кој се вели „личната карта е празна“. Секако, и таквата репертоарска евентуалност за концертите на Лукас е хипотетичка претпоставка, но се чини како соодветна парадигма за бесмисленоста и бесцелноста на политичкото експериментирање во Македонија. Тенденцијата за зголемување на идентитетските податоци во јавните документи за македонските граѓани како да е обратнопропорционална од желбата за меѓусебно (за)познавање внатре во македонското општество, но и меѓународно препознавање на македонскиот национален идентитет. Самата иницијатива за етничка графа во личните карти го содржи парадоксот на политичките процеси за фрагментирање на македонскиот идентитет. Имено, оваа иницијатива на движењето Беса е поставена како услов за поддршка при гласањето во Собранието за уставните измени за имплементација на Преспанскиот договор. Всушност, и самото менување на обрасците на личните карти, кои треба да бидат во примена од 1 јули годинава, се прави за нивно усогласување со новото уставно име на Македонија, она со географска одредница, можеби сѐ уште контроверзно доживувано во македонското општество, но политички прифатено со Преспанскиот договор.

Создавајќи привид за решавање еден децениски проблем за интеграција на Македонија во западните меѓународни сојузи, со многу асиметрични идентитетски отстапки, всушност само се активира внатрешната политичка спирала на барања за утврдување на етничката различност во општеството, наспроти гласните декларации за граѓански концепт на македонското општество. Претставниците на движењето Беса, во дефиницијата за националност (државјанство) од Преспанскиот договор за граѓаните на Македонија препознаа загрозеност на албанската етничка посебност во државата од можноста етнички да бидат идентификувани според државјанството: македонско/граѓанин на РС Македонија. Во мигот на потребата за двотретинско собраниско мнозинство за усвојување на Преспанскиот договор, барањето на Беса за етничката графа во личните карти веројатно било само „безначаен детаљ“ во однос на капиталните отстапки и промени што требаше да бидат применети во Македонија.
Инсистирајќи Македонија да ги имплементира европските стандарди на владеење на правото, како и во административното работење, сѐ почесто и самата ЕУ запаѓа во контрадикторност и се движи на работ на непринципиелноста во очекувањата за експериментирање со нови политички преседани во државата.

Навидум безначајните отстапки од европските (и светски) стандарди за дефинирање на граѓанскиот статус на македонските државјани во јавните документи, со додавање на етничката графа, би значеле толеранција за ново оддалечување од заложбите за демократско граѓанско општество. Зашто, листата на држави каде што сѐ уште се потенцира некаква групна припадност во личните карти е далеку од идејата да биде соодветен демократски аргумент. Во демократскиот свет, каде што како средство за идентификација се употребуваат личните карти, наведувањето некаква групна припадност се толкува како отворена можност за дискриминација, па дури и го буди стравот од асоцијација за некакви геноцидни намери. Поради непријатните историски искуства со етничките лични карти (од времето на нацистичка Германија, па до геноцидот во Руанда на крајот од 20 век), вообичаено таквите иницијативи предизвикуваат меѓународна загриженост. Во 1999 година Советот на Европа, како одговор на Грузија за враќање на етничките лични карти, изјавува дека задолжителното вклучување категорија етничка припадност на јавни документи може да ја наруши Европската рамковна конвенција на Советот на Европа од 1995 година за националните малцинства. Дури и соседна Грција во 2000 година ја избриша графата за верска припадност во личните карти, поради инсистирање на ЕУ во процесот на стандардизација на личните карти за сите земји-членки, а наспроти огромното противење на Грчката православна црква.

Поради непријатните историски искуства со етничките лични карти (од времето на нацистичка Германија, па до геноцидот во Руанда на крајот од 20 век), вообичаено таквите иницијативи предизвикуваат меѓународна загриженост

Во случајот со Македонија, и досегашната примена на двојазични лични карти (односно употребата на различни јазици на текстот во обрасците) на одреден начин имплицира ознака на групната припадност. Актуелната, привидна дисонантност на политичките партии во Македонија за предлогот за етнички лични карти, сепак, како да оди во насока на негово прифаќање, со нескриена опортунистичка мотивација за одредени свои политички интереси. Европските вредности и стандарди како да престануваат да бидат репер пред интересот на политичките елити за освојување на власта. Сепак, Делегацијата на ЕУ во Македонија, на новинарскиот интерес за регулативите и стандардите на ЕУ во однос на обележувањето на етничката припадност во јавните документи истакна дека: „Регулативата на ЕУ за генерална заштита на податоците забранува процесирање на лични податоци кое открива расно или етничко потекло, политичко, религиозно или друго убедување, сексуална ориентација и низа други прашања“. Конкретното и таксативно изнесување на стандардите на ЕУ, во однос на форматот и формулацијата на обрасците на личните карти, сепак не ја затвора политичката иницијатива за дополнување на македонските лични карти со нови податоци, за дневни политички интереси, кои засега само одат во прилог на поделбите и разнебитувањето на македонското општество и држава. Политичкиот прагматизам на запретување на еден проблем со активирање друг, предизвикува барање одговори за прашањето во што ќе биде претворена Македонија кога македонската лична карта ќе се исполни со толку многу податоци, а ќе биде ирелевантно да се читаат.