Европска методологија за балканска реверзибилност

Состојбата во регионот, кој, генерално, е најпрепознатлив по тоа што троши многу повеќе историја отколку што може да произведе, по тоа што никако не може да ја совлада географијата, и што, како географски неодвоив дел од Европа, но постојано потиснат во втор план, апсорбира голем број политички, идеолошки и културни фрустрации, за жал, и понатаму е толку сложена што со една проста терапија, каква што е новата методологија на ЕУ, тешко дека суштински ќе се подобри

Вчера објавената нова методологија за проширување на ЕУ, која најдиректно ги засега балканските држави, вклучувајќи ја и Македонија, како што, впрочем, и се најавуваше, како своја цел ја декларира потребата процесот да стане поефективен, попредвидлив и поверодостоен, заснован на објективни критериуми, но во исто време и реверзибилен.
Реверзибилност на процесот, како што бараше Франција, откога во октомври го блокираше донесувањето на одлуката за доделување датум за почеток на преговори со Македонија и со Албанија, значи дека преговорите со некоја земја-кандидат можат да бидат стопирани или вратени од почеток доколку таа не покажува напредок или има назадување.

Освен тоа, што исто така беше најавено, Европската комисија предлага содржините од досегашните 35 поглавјата за преговори да се сместат во шест тематски кластери, што, според објаснувањата, ќе овозможи посилен фокус на клучните сектори на политичкиот дијалог. Првиот кластер, наречен „основи“, се занимава со правдата, основните права, безбедноста, слободата, економските критериуми, функционирањето на демократските институции, реформата на јавната администрација, јавните набавки, статистиката, финансиската контрола.
Вториот кластер, „внатрешни пазари“, содржи поглавја поврзани со слободното движење на стоки, работна сила, услуги, капитал, деловното право, интелектуалната сопственост, политиката на конкуренција, финансиските услуги, заштитата на потрошувачите.
Кластерот „конкурентност и раст“ ги опфаќа информатичкото општество, медиумите, даночниот систем, економската и монетарната политика, социјалната политика и вработувањето, индустриските и претприемачките политики, науката и истражувањето, образованието и културата, царинската унија.

Кластерот „зелена агенда и одржлива поврзаност“ ги обединува поглавјата поврзани со транспортот, енергијата, трансевропската мрежа, животната средина и климатските промени.
Петтиот кластер, „ресурси, земјоделство и кохезија“, се однесува на земјоделскиот и руралниот развој, безбедноста на храната, ветеринарната медицина, фитосанитарната политика, рибарството, регионалната политика, координацијата на структурните инструменти, финансиите и буџетот.
Последниот кластер е „надворешни работи“ и ги опфаќа надворешните односи, надворешната, безбедносната и одбранбената политика.

Во однос на претходно дефинираните поглавја, би можело да се каже оти, барем на прв поглед, ваквата концентрација на темите во кластерите би можела да изгледа пресложено за и толку скромните преговарачки капацитети на овдешните институции. Да се надеваме дека тоа е само погрешен впечаток и оти земјава, сепак, има потенцијал за надминување на вака дефинираните области, можеби и полесно отколку на претходните, како што прогнозираат некои бриселски челници, па дури тоа и да биде со повремени казнувања со враќање за понекој чекор наназад во процесот на преговарањето, според нововоспоставениот принцип на реверзибилност. Сето тоа, конечно, се технички работи, кои, ако се има волја, можат да бидат совладани. Но состојбата во регионот, кој, генерално, е најпрепознатлив по тоа што троши многу повеќе историја отколку што може да произведе, по тоа што никако не може да ја совлада географијата, и што, како географски неодвоив дел од Европа, но постојано потиснат во втор план, апсорбира голем број политички, идеолошки и културни фрустрации, за жал, и понатаму е толку сложена што со една проста терапија, каква што е новата методологија на ЕУ, тешко дека суштински ќе се подобри.

Колку за сето тоа и да е голема „заслугата“ на тие што владееле на Балканот и со Балканот низ историјата, не може да се игнорира ниту индивидуалната вина на сите оние што, често и неоправдано, се идентификуваат со категоријата „граѓани“ додека упорно одбегнуваат да ги насочат своите потенцијали кон заедничката цел и себично се држат до филозофијата на размислување и дејствување како да ги одбегнат обврските, да профитираат од туѓа сметка и да се закитат со туѓи лаври. Накратко, оние што никако не сакаат критички да погледнат кон себеси и кон „своите“ и да се откажат или барем да почнат да го менуваат озлогласениот балкански менталитет.
Сепак, начинот на владеење и на водењето на државата, кој не дозволува никакви реформи и напредок, е она што, во моментов, најмногу го определува терминот Балкан. Колку и да настојуваат одделните влади декларативно да си ги обезбедат епитетите како што се реформски, либерални, прогресивни, зад нив остануваат само пустош и фрустрација.

И пред сево ова да се оквалификува како посегнување по стереотипи, треба да се знае оти, во случајов, секоја конструктивна критика, а пред сѐ самокритика, не само што е оправдана туку е и нужна зашто единствено со реално согледување на негативностите може да се направи чекор напред. Сѐ друго, повеќе не е дури ниту чекорење во место, туку враќање наназад.

[email protected]