Европа ќе се наметне како регионален и глобален актер

Стратегискиот компас што го изготвив по налог на Европскиот совет ќе послужи како оперативен водич за развојот и донесувањето одлуки на Европската Унија (ЕУ) за безбедноста и одбраната. Потоа тој беше упатен за дискусија до министрите за надворешни работи и одбрана на Унијата. Компасот има цел да одговори на три прашања, и тоа со кои предизвици и закани се соочува блокот, како може подобро да ги здружи средствата и ефикасно да управува со нив и кој е најдобриот начин да се проектира влијанието како регионален и глобален актер.
Целокупната анализа на заканите јасно покажува дека Европа е во опасност. Унијата е под ризик од она што јас го нареков „стратегиско намалување“, што може да се согледа од три аспекти. Прво, европскиот економски досег станува сè поограничен. Пред 30 години, ЕУ претставуваше една четвртина од светското богатство, а за 20 години тоа ќе изнесува нешто повеќе од 10 отсто. Европското демографско намалување следи сличен тренд, па до крајот на овој век Европа ќе сочинува помалку од пет отсто од светското население. Посуштински, некои од европските економски конкуренти имаат поразлични вредности што претставува закана за нормативната моќ на блокот. ЕУ мора да го интегрира овој факт во креирањето политики, препознавајќи дека конкуренцијата за глобалните стандарди веќе се одвива во трката за доминација во вештачката интелигенција, обработка на податоци во облак, полуспроводниците и биотехнологијата.
Второ, европскиот стратегиски театар е сè повеќе оспоруван, поради предизвиците на новите амбициозни актери, демонстрациите на воена сила и стратегиите на дестабилизација со сајбер-војна и дезинформации. Сè почесто сме соочени со хибридни состојби што бараат широк опсег на одбранбени средства. Конечно, европската политичка сфера е под притисок, либералните вредности се оспоруваат, а исто така е побиена старата претпоставка дека економскиот просперитет секогаш води до демократски развој.

Во маневрирањето со оваа сè поконкурентна стратегиска средина, ЕУ мора да стане испорачувач на безбедност за своите граѓани, паралелно штитејќи ги нејзините вредности и интереси. Но за да го направи тоа, ќе треба побрзо и поодлучно да реагира во справувањето со кризите. Тоа значи предвидување на заканите, кои брзо се менуваат, и заштита на граѓаните од нив, инвестирање во потребните капацитети и технологии и соработка со партнерите за постигнување на заедничките цели. Ваквите мерки ќе го зголемат капацитетот на блокот да ги одврати нападите и да одговори на нив доколку се случат. Главната вредност на воената сила не е во тоа што ни овозможува да ги решаваме проблемите, туку дека може да помогне да се спречат проблемите да се решат на наша штета. Затоа Стратегискиот компас предлага европски капацитет за брзо распоредување на силите преку целиот спектар на дејства предвидени со договорите на ЕУ.
Минатите обиди за распоредување европски сили наидоа само на ограничен успех. Но Стратегискиот компас има цел да ги направи таквите распоредувања полесно оперативни и поефективни на три начини. Прво, би се применил модуларен пристап, со тоа што неговиот состав би бил дефиниран од конкретни сценарија и зајакнат со заедничка обука, наместо да биде однапред поставен како постојана сила. Второ, би имало јасни насоки што наведуваат дека мисијата е таа што ги одредува типот и големината на силите, а не обратно. И трето, би можеле да ги зајакнеме нашите напори за да надминеме разни недостатоци, кои долго време ги попречуваа европските оперативни капацитети, со јасни дејства на кои треба да им се даде приоритет.
Сето ова ќе бара легитимност и флексибилност. Кој одлучува и како ќе треба да се спроведуваат одлуките? Без да се доведе во прашање принципот на едногласност, можно е да се дејствува креативно со активирање одредени одредби, како што се конструктивното воздржување или членот 44, кој овозможува формирање коалиции одобрени од Европскиот совет. Пред сè, потребни се политичка волја (без која ништо не е возможно) и оперативна ефикасност (без која сè е бесмислено).

Но ЕУ не треба да ги ограничува своите дејствија само на распоредување воени сили. Стратегискиот компас се фокусира и на сајбер, поморската и вселенската безбедност. За да се предвидат заканите, тој предлага зајакнување на разузнавачките капацитети и проширување на пакетот алатки за спротивставување на хибридни и сајбер-напади, како и на странска дезинформација и мешање. Исто така, тој поставува цели за инвестиции за опремување на европските вооружени сили со потребните капацитети и иновативни технологии за пополнување на стратегиските празнини и за намалување на технолошките и индустриските зависности. Конечно, треба да се нагласи дека овој напор во никој случај не е во спротивност со посветеноста на Европа кон НАТО, која останува во срцето на европската територијална одбрана. Оваа посветеност не треба да нè спречи да ги развиваме нашите сопствени капацитети и да спроведуваме независни операции во нашето соседство и пошироко, особено во време кога вниманието на американските политичари е свртено на друга страна. Европската стратегиска одговорност е најдобар начин да се зајакне трансатлантската солидарност. Овој концепт е во центарот на новиот дијалог за безбедност и одбрана меѓу САД и ЕУ.
Но сите Европејци треба да разберат дека Стратегискиот компас не е магично стапче. Членките на ЕУ ќе одредат дали денешните геополитички промени ќе бидат уште еден игнориран повик за будење, а обновената дебата за европска одбрана уште еден лажен почеток. Стратегискиот компас е шанса за директно остварување на европските безбедносни обврски пред европските граѓани и остатокот од светот.

Авторот е висок претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика